Oткако германската канцеларка објави дека нема да бара друг мандат и ќе се повлече од лидерската позиција во нејзината партија на крајот на годината, почнаа да се нижат политичките некролози. Но Меркел нема тивко да си замине од политичката сцена, туку ќе го искористи преостанатото време за да го зацврсти своето наследство како бранителка на европскиот проект
По смртта на Алберт Ајнштајн во 1955 година, „Њујорк тајмс“ објави писмо од читател со одлична анегдота. Кратко по атомските бомби фрлени врз Хирошима и Нагасаки, на Ајнштајн му било поставено прашањето: „Ако човечкиот ум е толку напреден за да ја открие структурата на атомот, зошто тогаш не можеме да најдеме политички мерки за да ја спречиме науката да нè уништи?“, на што тој генијално одговорил дека „одговорот е едноставен, затоа што политиката е многу потешка од физиката“.
Како поранешната студентка по физика во Источна Германија, германската канцеларка Ангела Меркел, можеше да ја потврди точноста на одговорот на Ајнштајн од прва рака кога влезе во политиката. Непретенциозно мислам дека можам да го потврдам истото тоа, затоа што имам слична животна патека. Како што претходно постапив во Шпанија, Меркел реагираше исто на распадот на диктатурата во која таа живееше, со тоа што зад себе ја остави физиката за да се занимава со политика. На крајот, таа влезе во виорот на европската политика.
Во нејзините разни јавни улоги и во текот на 13 години како канцеларка, Меркел отсекогаш одржуваше систематски и промислен стил што одговара на нејзиното научно звање. Но светската политика се движи во различна насока од тој стил, а зголемените тензии во Германија оставија големи последици по нејзиниот став.
Неодамна, Меркел најави дека нема да се кандидира за уште еден мандат како канцеларка и дека на крајот од годинава ќе се повлече од лидерската позиција во Демохристијанската унија (ЦДУ). Веќе почна трката за нејзината замена. Наследниците на Меркел можеби се достојни за позицијата, но несомнено во Германија и во Европа ќе недостигаат нејзината смиреност и разумност.
Многу се зборуваше за успесите и за неуспесите на Меркел. Најголемата дамка во нејзината кариера можеби се строгите мерки за штедење што нејзината влада ги промовираше во ЕУ по светската финансиска криза. Овие политики ја зголемија нееднаквоста, ги продлабочија поделбите меѓу северните и јужните членки и го забавија економското закрепнување. Оттогаш, популистите, особено владејачката коалиција движењето Пет ѕвезди/Лига во Италија, го искористија болниот период по строгите мерки за штедење за сопствен политички успех.
Слично на тоа, некои ја обвинуваат Меркел за подемот на ултрадесничарските партии, вклучувајќи ја и Алтернатива за Германија (АФД) во самата Германија. Откако прифати над еден милиони бегалци во 2015 година, Меркел стана персона нон грата за националистичките антидоселенички сили низ Европа. Сепак очигледно е дека постои огромна разлика меѓу нејзиното залагање за строгите мерки за штедење и одлуките во екот на бегалската криза. Во вториот случај, Меркел ја ризикуваше својата политичка иднина за да ја одбрани европската солидарност во период кога другите држави не беа подготвени да го сторат истото тоа.
Во неодамнешното обраќање пред Европскиот парламент, Меркел повторно ги одбрани суштинските вредности на ЕУ. Таа го поддржа францускиот претседател Емануел Макрон, со кого покажа дека има одличен однос на денот на одбележувањето во Париз на стогодишнината од крајот на Првата светска војна, во апелот за формирање европска армија. Меркел и Макрон еднакво јасно покажаа дека таква сила не само што ќе биде компатибилна со НАТО, туку и ќе ја зајакне организацијата. Сепак беше очекувано дека амбициозниот говор на Меркел ќе наиде на презир меѓу евроскептиците, кои претпочитаат ЕУ да падне во очај и во политички опортунизам.
Во однос на нејзиното најавено заминување, некои веќе сметаат Меркел нема авторитет и дека нејзиното наследство ќе биде предмет на дебата во политичките некролози. Сепак, ваквите пофалби се предвремени, затоа што сè уште има добра причина да се верува дека има уште што да додаде во нејзиното европско наследство.
Во секој случај, наследникот на Меркел на лидерската позиција на ЦДУ можеби нема да има слични ставови како нејзините и би можел да предизвика дополнителна нестабилност во коалициската влада со Христијанско-социјалистичката унија (баварската сестринска партија на ЦДУ) и Социјалдемократите (СПД). Но дури и под тие околности, Меркел ќе има резервни асови во ракавот. Прво, изгласување недоверба во Германија нема да успее освен ако алтернативниот кандидат не ја добие поддршката од апсолутното мнозинство во Бундестагот. Ова досега се случи само еднаш, кога Хелмут Кол од ЦДУ го замени Хелмут Шмит од СПД на канцеларската позиција во 1982 година, а притоа мали се шансите ова да се случи сега во силно поделениот германски парламент.
Не треба да се отфрли сценариото во кое Меркел го завршува нејзиниот мандат и остане уште три години во политиката. Таа и натаму ужива популарност на меѓународната сцена. Ослободена од изборните притисоци, барем од оние што директно се фокусирани на неа, таа можеби ќе се почувствува послободна за да води проактивна надворешна политика. Сетете се дека на крајот од мандатот американскиот претседател Барак Обама постигна едни од неговите најголеми успеси во надворешната политика. Покрај тоа што ги обнови дипломатските врски со Куба, администрацијата на Обама го склучи Иранскиот нуклеарен договор и Парискиот климатски договор. Иако претседателот Доналд Трамп настојуваше да ги повлече овие постигнувања, тој сè уште не успеа да ги прати во историјата.
За ЕУ ќе биде добро ако Меркел продолжи да го ревитализира француско-германскиот сојуз, со тоа што ќе ја отвори вратата за реформи во Унијата. Сепак постојат значителни пречки. Во овој период, сосема е јасно дека политиката е многу потешка од физиката. Сепак, не треба да ја потцените Меркел и притоа да се потсетиме на уште една генијална изјава на Ајнштајн дека „можност постои дури и во најтешките моменти“.
Солана е бивш генерален секретар на НАТО и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ