Неодамна беше објавена Стратегија за развој на образованието во периодот 2018 – 2025. Може да се каже дека стратегијата наиде на поволен прием. Според општото мислење, таа нуди решение на многу наталожени и наследени проблеми. Пишувана е конкретно, забележани се суштинските проблеми на високото образование, предложени се решенија. Новата стратегија за високото образование се донесе тивко, без многу помпа, а би рекол и без голем интерес од медиумите. За стратегијата не беа изречени многу пофалби, но исто така таа не беше ни критикувана. Имаше само 2-3 критички осврти („Окно“, „Факултети“, „Либертас“), кои, меѓутоа, не се однесуваа директно на образованието, туку имаа само допирни точки со него. Впрочем, стратегијата се очекуваше затоа што таа, заедно со новиот Закон за образование, требаше да го промени курсот на образованието, особено на високото образование.
Самата стратегија е квалитетен документ. Во нејзината изработка учествувале многу лица, а се одржаа голем број средби, дискусии, дебати и конференции во разни фази на изработка на стратегијата. Во овој напис ќе разгледам само аспекти на стратегијата, релевантни за високото образование. Она што треба да се истакне е дека и во оваа стратегија се констатира дека квалитетот во високото образование не е висок и е посочена приоритетна задача, а тоа е обезбедување квалитет и ефективност на високото образование. Иако е вреден документ, таа ќе остане само парче хартија ако ја снајде судбината на другите претходни стратегии. Има знаци дека таа, сепак, ќе остане обично парче хартија. Јасно е дека зад оваа стратегија, како и за други документи во врска со образованието, стои тогашната министерка за образование и наука Рената Дескоска. Но со преместувањето на оваа министерка на друго работно место, се чини дека и нејзините идеи се разводнија.
Сепак, што е карактеристично за оваа стратегија? По што таа се разликува од претходните стратегии? Според моето мислење, важно е кој ја пишувал стратегијата. Во уводните страници на стратегијата се спомнува дека ќе бидат наведени оние што се заслужни за изработката на стратегијата, но таму каде што треба да бидат наведени, листот е бел.
Да погледнеме, за момент, еден претходен документ, насловен Национална програма за развој на образованието во Република Македонија 2005 – 2015, всушност стратегија, со посебен осврт врз состојбите во високото образование. Уште на почетокот на оваа програма се наведени имињата на авторите. Автори на програмата се редовни професори на УКИМ, а и други професори и лица, професори со повеќедецениско искуство, што е еден условите за да се направи добра стратегија. Корисно е да се знае кој ја пишувал програмата, а и кој било друг документ. На пример, ќе се види дали авторите суштински, од убедување, се залагаат за принципите изнесени во програмата или само формално.
Еве зошто го велам ова. Во спомнатата програма, во насловот Квалитетот во високото образование, на едно место се вели: „…прашањето за квалитетот во високото образование има централно место во препораките произлезени од Болоњскиот процес“ (стр. 28) (курзивот е мој). Понатаму: „…примарната одговорност за обезбедување квалитет во високото образование лежи на секоја институција, што создава основа за вистинска надлежност на академскиот систем во националната рамка за квалитет“. Кој од авторите го пишувал овој дел не е соопштено, па може да се каже дека тоа е заеднички став на сите автори, односно дека сите тие заедно сметале дека квалитетот во високото образование е важен. Но авторите на програмата не се доследни на своите ставови што ги изнеле во стратегијата. Или, конкретно, додека во програмата застапувале едни ставови, на своите работни места на универзитетите, тие се залагале за поинакви решенија. Така, еден од авторите на програмата, инаку редовен професор на Филозофскиот факултет, бил рецензент за избор на помлад асистент.
Во својство на прв рецензент (а како што е општо познато, првиот рецензент дава печат на рецензијата) напишал рецензија што кај кандидатите произвела незадоволство. Еден од кандидатите напишал приговор наведувајќи, покрај другото, дека поднел поквалитетни трудови од предложениот кандидат, кој, патем, не приложил ниту еден труд. Одговарајќи на овој приговор, рецензентот (во овој случај и еден од авторите на програмата) вели дека квалитетот не е земен предвид затоа што во конкурсот не било наведено дека за избор на асистент се потребни квалитетни трудови. Од тоа заклучувам дека овој рецензент сметал дека квалитетот не е важен. Затоа велам: важно е да се знае кој ја пишувал новата стратегија. Имињата на авторите се важни затоа што тие може да ги засилат, но и да ги ослабат ставовите изнесени во документот.
Стратегијата за високото образование и новиот закон за високо образование претставуваат една целина и се дополнуваат. Овој закон, кој беше донесен за да го подобри, всушност ќе го влоши квалитетот во високото образование затоа што тој ги олабави и така лабавите критериуми од претходниот закон. Со новиот закон се гарантира непречено и редовно напредување на универзитетските работници од асистент до редовен професор, без конкуренција, што сигурно ќе доведе до опаѓање на квалитетот во високото образование.
Даниел Делимишев