Партија, партија. Оваа партија, онаа партија. Партија на власт, партија во опозиција. Едната партија ваква, другата таква. Просто да имаш чувство дека луѓето повеќе зборуваат за партиите отколку за работа, за пари, дека помалку се грижат за децата и за сопственото здравје, отколку за здравјето на партијата. Ако за време на комунизмот и социјализмот во Македонија постоеше само една, Комунистичката партија (Сојуз на комунисти), по осамостојувањето нивниот број може да се изразува со десетици, големи и мали, стари и нови, живи или одамна упокоени. Тогаш на зборот „партија“ му се приоаѓаше со страв и почит, тешко можеше да се спомнува јавно во негативна смисла. Човек можеше да настрада ако ја критикува, да остане без работа или да оди неколку дена во воспитувачки затвор ако ја опцуе. А ако го повторува делото, да биде прогласен за државен непријател и да ги сноси сите тешки последици. Денес, ако е за утеха, секој може да ги пцуе партиите, партиските лидери и сите околу нив колку сака и да смета дека тоа е врвот на демократијата што го достигнала Македонија. Можеш без страв од одмазда сите настани и личности гласно и пред други да ги критикуваш, да ги посматраш дури и со хумор, да ги исмеваш, да ги тераш во мајчината, а да не сносиш последици. Барем не директни, иако индиректните си се општа наследена партиска практика, не се заборавена постапка. Во таа смисла и за таква употреба не умреле, сѐ уште се живи и активни партиските сплеткари и кодоши.
Многу и често е пишувано за партиите, толку ако не и повеќе се пишуваше и говореше и кога беше само една. Тогаш се пишуваше главно еднонасочно, сега анархично. Ако почитуваниот читател на овој текст го отвори Речникот на македонскиот јазик на Блаже Конески или на интернет го побара Дигиталниот речник и го напише зборот „партија“, ќе види дека со зборот партија се означува политичка странка што има свое членство, група луѓе обединети од некакви општи интереси и сврзани со заедничка работа, кои имаат заедничка програма, интереси и цели. Вреди да се одбележи дека зборот „партија“ е од женски род, но, како што е познато, со векови, партиите биле главно за мажи, како што во најголем дел била и целокупната светска политика. Жени владетели, претседателки или премиерки биле малку, но затоа се паметат, тие биле скриената душа на многу историски пресврти.
Може ли денес да се замисли животот без политички партии? Едно е извесно: да не се лажеме дека тие ни се замешале во животот само нам и од скоро. Само еден краток преглед ќе нѐ убеди дека како што било некогаш, така и е сега. Политичките партии, во разни форми, постојат од древните времиња, далеку пред антиката. Уште во вториот милениум пред нашата ера кога вавилонскиот бог Мардук, дошол во судир со другиот бог што го носел името Енил. Нивната пресметка и пресметката на нивните приврзаници, не се одвивале низ избори на кои ќе гласа народот, туку со помош на божји средства, со понекој меч и пресечена глава. Многу подоцна се појавиле организирани групи луѓе за освојување политичка власт и моќ, кои на почетокот се разликувале по тоа на кои богови припаѓаат (во кој бог веруваат). Лидери можеле да бидат само свештениците, царевите и богаташите. Народот бил на последно место, маса што била вклучувана или користена во политичкиот живот само кога за нешто била потребна, главно да војува и да гине.
Првите „цивилни“ партии, колку што се оддалечиле од религиските рамки, толку биле израз на клановски и племенски поделби, на различни сфаќања и големи несогласувања околу многу прашања за животот и природата. Сепак оттогаш, најпрвин во Елада, почнала демократијата, односно вклучувањето на народот во „високата“ политика преку избирање негови претставници во тела што имале законодавни, судски и извршни должности. Народните претставници биле и добро платени, како што биле добро плаќани и судиите за да не може некој да ги подмитува и да влијае врз нивните одлуки. Во тоа време почнале да се формираат собранија чии пратеници, освен правото на збор и на глас, имале задача да ги осудуваат политичарите фатени во злоупотреба на државни пари, во крадење или криминал или за кои мислеле дека се неспособни да владеат. Истовремено, слободните граѓани на глинени табли ги испишувале имињата на нечесните политичари. Дека нечесноста била масовно раширена, сведочат многуте такви табли што ги пронаоѓале археолозите векови подоцна.
Чекор напред се случил за време на индустриската револуција, кога почнале да се создаваат групи политички истомисленици со слична идеологија. Тогаш поделбата била меѓу оние што сакале да ја заштитат богаташката елита и оние што се залагале за поеднакви можности во политичкиот живот, во образованието и во правото на работа. По формирањето на партиите, по прогласувањето на демократијата, следувале избори, кои претставувале врв, кулминација на бурниот политички живот. Изборите не биле борба само за функција туку значеле пари и низа привилегии за победниците. Кон нив полека-полека клонеле или во нив се зачленувале и оние што биле поразени, што имале друга припадност или идеологија. Во многу случаи се покажувало дека парите, статусот, власта и моќта биле посилни од идеологијата.
Оттогаш политичките партии почнале и да им ги решаваат проблемите на голем број луѓе, пред сѐ на членовите и семејствата на победничката партија запоставувајќи ги членовите на поразената. Оттогаш луѓето што немале поим од политика, ниту таа ги интересирала, почнале да ја користат како средство на решавање на личните проблеми, како средство за богатење, иако ниту ја сакале, ниту ја почитувале идеологијата на партијата во која членувале.
Ќе биде неправедно ако во овој контекст не ги разгледаме и именките – партиец, партијка и партијност, зборови што беа далеку попопуларни во време на комунизмот и социјализмот, а кои како да се избегнуваат од употреба во поново време. Според нашиот јазик, партиец е член на партија, кој е особено ангажиран во партиските активности, партијка е жена партиец. Партијност не е само партиска припадност туку и начело по кое политичката, јавната, научната, уметничката и друга дејност мора да им служат на интересите и целите на партиите. Таа е дел од комплексната идеологија и доктрина на владеење и водење на државните работи. Овој термин денес е заменет со зборот партизација, избран како помодерен, посовремен. Но тука има заблуда: тој збор е чисто болшевичко-комунистички производ што во политиката преку своите говори, го внел Ленин, а има корени уште од Карл Маркс. Партијноста, партизацијата, сакал-нејќел, подразбира лојалност, преданост, посветеност, верност, солидарност и пожртвуваност, партијата да е поважна од личноста, па дури и од семејството и животот. Како и да е, партизацијата денес е главна и неодминлива карактеристика на македонскиот политички живот, дури и на целото општество. Ако не си опфатен со партизмот, ако не пливаш во водите на партизацијата, ако не си во некоја важна партија тогаш не си ништо, не вредиш ни пет пари. Ако во комунизмот за која било работа се бараше подобност, сега главен услов е да си партизиран. Во што е разликата порано и сега тешко е да се одговори.
Неправда ќе биде ако не ги споменеме и другите „партии“, кои немаат врска со политиката, но имаат со обичниот, секојдневниот живот и кои се живи во говорниот македонски јазик. Така, на пример, има партија шах или табла, партија мал фудбал, партија карти (покер, преферанс, пасијанс) партија на производи, партија машки или женски чевли и слично. Многу, да не речам илјадници неразбирливи „партии“ има во еден државен буџет, партии од бруто-приходи и партии во нето-расходи и така натаму, затоа тешко му се фаќа крајот. Партии има во музиката, на гласовите и на инструментите, особено во оперите и балетите. „Партија“ има и при земање маж или жена, особено кога тој или таа се финансиски „добра партија“. Го нема наведено во речниците, но често го има во животот, во помлади години, изразот „една добра партија секс“, што не мора да е вистина, но е честа машка фалба или женска потајна желба.
Како што може да се забележи и по овие набројувања, животот е речиси невозможен, ниту пак интересен, ако не е поврзан со некоја или со нечија партија, го сакале тоа или не го сакале, па макар биле политички неопределени, дури и аполитични.