Ја поздравуваме одлуката на УНЕСКО да го стави Охрид на листата на светски наследства во опасност – за жал, сметаме дека тоа е единствениот начин да се зачуваат оние универзални вредности што сѐ уште постојат во нашето најголемо природно и културно богатство и, можеби, да се унапреди состојбата кај оние што се веќе уништени. Веќе две години упорно ѝ укажуваме на актуелната власт дека инвестирањето на време и други ресурси во обиди да се прикаже грижа, наместо навистина да преземат мерки и активности за заштита на единственото богатство од светски калибар во земјава е многу погрешна стратегија.
Ќе посочиме само неколку од многуте примери на оваа стратегија: надзорната расправа во Собранието, која заврши со заклучоци што навидум најавија драстична промена на претходната политика и решеност за справување со илегалните активности и деструкцијата – заклучоци што не се реализираа, ниту пак некоја институција покажа намера да ја следи и обезбеди нивната реализација. Прикажувањето на работата на Комисијата за управување со охридскиот регион како спроведување на препораката за мораториум во извештајот на нашата земја до УНЕСКО е уште еден очигледен пример – во извештајот се наведува дека комисијата одобрила само 8 од 33 барања, кои пристигнале до неа во обид да се почитува препораката за мораториум и спроведе „контролирана урбанизација“. Она што е изоставено во извештајот се одлуките за легализација на над 500 илегални градби, владините планови за Коридорот 8, новата марина, новата урбанизација на крајбрежјето, новиот кеј, планот за нова индустриска зона итн. Законот за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион е последниот пример што ја покажува оваа стратегија и пример со кој имавме директно искуство – по упорните притисоци на „Фронт 21/42“, вклучувајќи ja и нашата национална кампања „Едно е! Вредно е!“.
Владата одлучи да го измени и дополни законот (од 2010 година), наводно со намера истиот тој да стане функционален и навистина да го заштити светското наследство. Во процесот што траеше повеќе месеци учествувавме директно и предадено, над 80 отсто од текстот на новиот предлог-закон беше продукт на нашата работа – за во последен момент, зад затворени врати, односно без нашиот претставник во работната група, да се усвои текст во кој недостигаат клучните одредби. По обелоденување на оваа информација во медиумите, Владата експресно (за помалку од една недела) ги врати одредбите во законот, и така го усвои на седница. Сево ова се случи по објавувањето на нацрт-одлуката на Комитетот за светско наследство.
Според нас, ова претставува уште еден обид да се прикаже грижа во очите на УНЕСКО и да се прикрие реалната состојба на терен – континуирана урбанизација и легализација на дивоградби. Вистинската грижа ќе започне кога ќе се донесе мораториум што целосно ќе се почитува и ќе влезе во одлучна и храбра борба против дивоградбите. Ова се само некои од загрижувачките постапки на актуелната власт за кои во февруари оваа година во писмена форма му се обративме и на премиерот, г. Зоран Заев и директно искомунициравме за нив на средба со него, вклучувајќи ја и нашата длабока загриженост од неговата изјава за бесправно изградениот хотел во Лагадин: Дури и да има правно-формален аспект во Одделението за урбанизам, одговорот на општинските служби не смее да биде „не може“ или „не бидува“, туку треба да најдат начин одговорот да биде „да“. Според нас, од итните препораки на УНЕСКО, кои требаше да ги реализира нашата земја до февруари 2018 година, единствено управниот одбор на НП Галичица спроведе вистинска реализација со прекинување на постапката за измени на Планот за управување со што се спречи понатамошната процедура за ски-центарот.
Ја користиме оваа пригода уште еднаш јавно да побараме од актуелната власт наместо да вложува драгоцено време и пари во креирање илузија за УНЕСКО, домашната и меѓународната јавност дека политиката за Охрид, Струга и Дебарца е драстично променета и сега има грижа и посветеност – навистина да се посвети и да почне да се грижи за единственото природно и културно наследство во земјава и едно од само седумте мешовити наследства на европскиот континент. Бараме и локалната и националната власт во најбрз можен рок да прогласат мораториум за сите урбани и крајбрежни трансформации во охридскиот регион (општината Охрид, Струга и Дебарца) и да осигури доследно спроведување и почитување на мораториумот, и итно да ги прекине постапките за легализација на бесправните објекти и да пристапи кон изготвување инвентар на дивоградбите.
Потсетуваме дека ниту оваа, ниту која било власт нема право на сите нас и на сите идни генерации да им го одземе најголемото национално богатство! Во оваа смисла навремено укажуваме да се ангажираат сите човечки ресурси за искористување на можностите за сите дополнителни средства, кои вообичаено се на располагање за подрачјата што се на листата на светски наследства во опасност и истите тие да бидат целосно употребени за заштита и унапредување на исклучителните универзални вредности поради кои охридскиот регион го заслужил статусот на светско наследство.
Александра Бујароска, „Фронт 21/42“