За тоа засега се погрижија членовите на МШК Центар од Скопје, Ивана Манова, која го совлада Драгољуб Јаќимовиќ, Емил Ристески, кој беше подобар од Роландо Кутиров, додека Ристе Јовчев ремизира со Звонко Станојоски
Две победи, два нерешени исхода, водство на фаворизираниот Алкалоид, како и два позитивно изненадувачки поединечни резултати на македонските надежи Ивана Манова (17) и Ристе Јовчев (18), го одбележаа 3-то коло на 27-то Екипно првенство на Македонија во шах, што во седум кола во конкуренција на осум екипи се игра во Струга.
Првиот фаворит за титулата Алкалоид ги искористи нерешените резултати на Прилеп против Гостивар и на Гамбит Асеко СЕЕ против БМ Кисела Вода и со третата последователна победа (овој пат настапи без странец), над младата екипа на МШК Центар со 4,5-1,5 успеа да загосподари сам на врвот со максимални шест бода. Во последниот дуел на ова коло, Карпош го совлада 4 Ноември од Битола со 4-2.
Сепак, како пријатна сензација одекнаа два поединечни резултата на МШК Младост, првиот на несудената репрезентативка за претстојната Шаховска олимпијада (ШО) во Грузија, Ивана Манова, која го победи искусниот ВМ и носител на златен медал на третата табла од ШО во Истанбул 2000 година, капитенот на Алкалоид Драгољуб Јаќимовиќ (2.403) и ремито на Ристе Јовчев против искусниот ВМ Звонко Станојоски (2.451). На првата табла, пак, шампионот на Македонија до 14 години Емил Ристески (кој во 1-то коло го победи некогашниот репрезентативец, а денес селектор на македонската машка репрезентација ВМ Роландо Кутиров), го доживеа првиот пораз од ВМ Трајко Недев.
– Во француска одбрана, во која ги водев белите фигури, по отворањето успеав да создадам иницијатива. Во средишницата зедов два пиона што беше голема предност за мене. Завршницата ја одиграв малку непрецизно, но сепак успеав да победам. Задоволна сум од одиграната партија и се надевам дека ќе продолжам и понатаму со одлична игра. Секако голема чест за мене беше да се игра со велемајстор, постоеше малку страв пред партијата, но за мене тоа не претставува проблем, напротив мотив повеќе да одиграм уште подобро и да ги пресметам можните потези за противникот – не го криеше своето задоволство Манова по остварената победа.
Јовчев, пак, во сицилијанска одбрана, го подели поенот во 55-от потег.
– Пред почетокот на партијата имав малку страв, бидејќи сепак играм со искусен велемајстор. Но, за време на партијата се опуштив, стравот исчезна и сметам дека тоа беше многу значајно за мојата понатамошна игра. Партијата не беше воопшто лесна, но по долга борба успеав да изборам реми. Многу сум задоволен од крајниот исход, што за мене претставува многу голем успех – истакна Јовчев.
По ова коло единствено ИМ Дејан Стојановски (Алкалоид) и Кире Николоски (Прилеп) имаат по максимални три поени од исто толку одиграни партии.
МШК Центар – клуб на шаховски таленти
Со просечна возраст од 13,8 години, седумтемина млади надежни шахисти на МШК Центар (подмладок на ШК Гамбит Aсеко СЕЕ), засега добро се спротивставуваат на поискусните и повозрасни ривали на 64-те црно-бели полиња, забележувајќи една победа и два пораза. Ги предводи шампионот на Македонија до 14 години, Емил Ристески (2.081 рејтинг-поени), кој досега има два поена, потоа Андреј Вељаноски (1.906) со 1 поен, капитенот Ристе Јовчев (1.711) со 1,5 поен, шампионот до 12 години Антон Златков (1.788), засега без поен, првенката на Македонија до 18 години Ивана Манова (1.809), со 1,5 поен, Крсте Лазаров (1.097) со 1,5 поен и деветгодишниот Андреј Калин (1.191). Сите заедно засега имаат инкасирано дури 104 рејтинг-поени, од кои најмногу Јовчев (47,2) и Манова (33,6). Г.И.