Надежта секогаш последна умира. Зошто да сме исклучок во вакви, трагични мигови за македонскиот народ? Силен е впечатокот дека полошо не може да биде ама, сепак, има и некои позитивни искри. Сведоци сме на сериозни тензии во Атина и во Софија околу нашата небиднина. Дури 70 проценти од Грците сметаат дека договорот е во наша полза, што е одличен знак во кој има логика. Не постоиме како народ според нивниот вековен македонски синдром, а сега се спомнува македонски јазик, македонско државјанство, иако комбинирано со новото име… Јавноста очекувала во договорот јасно да стои дека нема Македонци кај нас, камоли македонски јазик, некаков македонизам… и сето тоа да се стави во нашиот Устав, за да биде решението ерга омнес. Тоа е, секако, надвор од умот, ама Грците предолго биле воспитувани и учеле дека е така.
Вестите од југот говорот дека Ципрас полека ја губи сигурноста околу договорот. Каменос порано ќе ја напушти Владата, кога кај нас ќе биде променет Уставот, што треба да значи и нејзин пад. Се губи и мнозинството во Парламентот („Потами“). Има индикации дека се размислува и за некаква промена или допрецизирање на договорот. Единствената цел би била да се дефинира дека не постоиме како македонски народ и јазик. Се чини дека Атина згреши што го внесе македонскиот јазик во договорот, иако многу веројатно била уверена дека ќе го избрише Софија, при преговорите за членство во ЕУ. Но тоа е далечна иднина а во меѓувреме притисокот на нивната опозиција е речиси неиздржлив, токму околу јазикот, кој отворено асоцира на македонски народ. Коѕијас упорно објаснуваше, и со примери, дека јазикот не значи и етнос, ама тоа не поминува.
Не треба да има никакво сомнение дека меѓу Атина и Софија постои некаква, ако не координација, барем консултација за решавањето на проблемот за нашето име. На Бугарија целосно ѝ одговара нашето прекрстување, бидејќи со тоа се нагласува тезата дека ако веќе не сме Македонци, можеме да бидеме само неосвестени „Бугари“. Ним им пречи терминот „Северна Македонија“, бидејќи тука спаѓа и пиринскиот дел ама тоа се голта бидејќи, нели, сите (ќе) сме „Бугари“. Непристојноста на Каракачанов лесно може да биде во договор со Ципрас. Тој нагласи дека „македонските земји се бугарски, и тоа е историски факт“ (не прецизира дали и егејскиот дел е нивни?) и, којзнае по кој пат, повтори дека нашиот јазик е дијалект на бугарскиот. Зошто, инаку, не реагираше Борисов, иако беше повикан? Овие провокации се директно спротивни на членот 1 и членот 11 (1) од договорот „за пријателство“ („Ниту една од страните нема да презема, поттикнува и поддржува дејства насочени против другата земја, кои имаат непријателски карактер“). Ако ова не е отворено непријателство од највисоко можно ниво, што е? Нормално, ние реагиравме помирливо. Ние сме, нели, за пријателство со соседите, а тоа што тие сакаат да нѐ урнисаат е нивни проблем и не е наше гајле. Меѓутоа, како изгледа, „излетот“ на потпретседателот и министер испадна контрапродуктивен. Тоа го (зло)употреби „Нова демократија“, како доказ дека Ципрас прифатил нешто што не постои.
Општо правило е дека страните во сите договори имаат различни толкувања на потпишаното. Најчесто се користи терминот – во духот на… кој, по правило, за другата страна е штетен и неприфатлив. Атина сега доста често зборува токму за – духот на договорот. А ние, како да сме тешко поразена страна во војна, само молчиме.
Катругалос, алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, даде две интервјуа: за весникот „Та неа“ на 11-ти и за радиото „Проктореио“ на 12 декември. И двете во добар дел се однесуваат на договорот од Преспа. За весникот кажа дека „за прашањата што се појавиле неодамна“ разговарал со Столтенберг и со Могерини на министерските средби на НАТО и ЕУ и дека „пораката била примена“. Спомна и дека „стриктна порака“ му била дадена и на министерот за надворешни работи Димитров, на средбата што ја имале.
Показ дека во Атина можеби се подготвува некакво изненадување е и посетата на Катругалос на САД, каде што разговарал и со Нимиц, чија улога за нас заврши – срамно.
Катругалос ја употреби истата формулација дека со поранешниот медијатор разговарал „за напредокот и за одредени прашања што се појавиле неодамна“. Кои се и какви се тие прашања? Нема дилема дека се работи за нашиот јазик, поврзано со изјавата на Заев. Тој е во САД заради одржување на американско-грчки стратегиски дијалог во Стејт департментот. Се сретна и со државниот секретар Помпео, каде што тема бил и договорот од Преспа.
Сите средби на Катругалос, на некој начин, најавуваат дека Атина можеби подготвува некаков анекс околу договорот од Преспа. Зошто, инаку, на таа тема би разговарал со толку луѓе, освен да бара поддршка за нешто? Зошто Грција би плачела на рамото на сите овие личности без да моли нешто? Сакаат луѓето не само да ни го цементираат националниот идентитет, како што тврдат нашиве глобалисти, туку максимално и да ни го интернационализираат. Сѐ до граничните премини.
Идеално во овој мозаик се вклопува и посетата на заменикот на Помпео, Саливан, на Скопје. Кај нас проблемот е (речиси) решен, бидејќи пратениците не размислуваат со своја глава или се извадени од затвор за да гласаат. Таква посета не е објективно потребна, освен да се бара нешто дополнително?
Овие индикатори, чии детали ги има власта, мораат да нѐ мобилизираат. Треба да имаме став ако Ципрас побара дополнителни прецизирања и гаранции, ако не и анекс. Капитулацијата што е направена е непростлива и тешка историска грешка, ама во калта секогаш може уште повеќе да се заглави. Особено кога ќе ставиш до знаење дека по секоја цена мора да се дојде до договор. Тогаш не ти гине линч, каков што веќе и ни се случи. Во една пригода беше констатирано дека потпишаниот договор не може да биде полош освен ако не му се додаде дека не постоиме како народ, дека немаме свој јазик, култура, историја, традиција… Можеби се ближиме и до тој стадиум? Како рекол песимистот – полошо од ова не може. Може, може, реагирал оптимистот. Во таква позиција се наоѓаме. Од разни страни ќе нѐ влечат за уши. Не само Коѕијас.
Сироти Грци, навистина се за жалење. Ем им капитулиравме, ем се растрчале на сите страни (Ципрас и во Москва) да ги бранат своите интереси. Да не им се доведе во прашање триумфот што го постигнаа со договорот и да не дозволат да се негира неговиот ДУХ ама и слово, според кои нас нѐ нема како народ. На Грците не им помага ни тоа што веројатно сѐ уште имаат повисоки пензии од Германците иако работеле макар двапати помалку од нив. И, во такви услови, ние ќе сме барале некаква правда? Неодговорно, зар не?
Кај нас, пак, сосема спротивно. Ја чекаме финалната пресуда, без да мрднеме со мал прст. Како да не ни е јасно што ни се случува. Ама, има и зошто. Од сите страни ни честитаат, нѐ фалат и ни се восхитуваат, бидејќи не само што се пониживме како ретко кој туку и се гордееме со нашата капитулација, иако не добивме ништо за возврат. Го лажеме народот, мавтајќи со Унијата, а таа нема да нѐ прими веројатно во следните 15 години. Сиромаштијата, пак, ни е гарантирана макар уште 25 години. Според Заводот за статистика, во 2017 година починале 20.318 лица. Ако навистина не влеземе во ЕУ за 15 години, тоа значи дека од сегашните два милиони тоа нема да го дочекаат дури над 300 илјади жители. Бидејќи лажната замка е токму членство во ЕУ, најмалку овие 300 илјади не би требало да се фатат во неа. Впрочем, големо чудо што ќе имаме албански и турски театар, а нема да имаме македонски. Кој оди денеска во театар?
На крајот и нешто „повесело“. Замислете колку е наивен Ердоган! Се чуди и крсти, иако е муслиман – зошто никој не го критикува Париз за прекумерната употреба на сила и демонстрираната ароганција против жолтите елеци. Тој ги меша работите. Кога нешто многу слично се случуваше кај него, во Истанбул, на „Таксим“, каде што случајно беше и Бејли, цел свет со право ја критикуваше Турција. За разлика од Макрон, кој ја брани демократијата, Ердоган го бранеше режимот. Кај се видело исти аршини да важат за сите? И терористите се добри момци ако се на страната на главните западни сили. А ако се на другата, нормално е дека се – отпадници. Кога судот во Хаг пресудува во корист на Македонија, тоа е мислење што не обврзува. Кога ќе пресуди за нив, тоа мора да се почитува. Ако не, следуваат санкции. Кога Албанците зборуваат за „албански територии“ во Македонија, Србија, Црна Гора… тоа е патриотизам, мостови на добрососедство и желба за соработка. Спомнување на правните документи на АСНОМ е класичен иредентизам, кој мора да се искорени. Има проглас!
Сѐ е толку едноставно и просто, а дури ни еден Ердоган не може да го разбере. Навистина, чудно.
Ристо Никовски, поранешен дипломат