За Македонија имаат важна улога малите земјоделски стопанства поради, од една страна, доминантниот дел во вкупната структура на земјоделските производствени субјекти, и поради, од друга страна, постоењето голема уситнетост на обработливите површини. Ситното земјоделско производство предизвикува голем број проблеми, главно во однос на недоволни можности за примена на нови технолошки решенија за обезбедување добри земјоделски практики и сопствено ефективно еколошки приспособено одржливо земјоделство. Некои од мерките од програмите за развој на селските реони треба да се насочуваат кон надминување на постојните проблеми кај малите стопанства, нивното преструктурирање и преминување кон модерни и конкурентно способни земјоделски единици.
Критериуми за мали земјоделски стопанства
Во стручната јавност се дискутира за критериумите и класификацијата на земјоделските стопанства по големина, бидејќи социјално-економските услови ги определуваат разликите во организациско-економската структура на одделни земји. Најчесто препорачани основни критериуми се: големина на користено земјоделско земјиште, економска големина, степен на пазарна ориентација, степен на ангажирана работна сила и друго. Прифатена е класификацијата на првите два критериума, кои се широко раширени во ЕУ (Евростат) и кај кои има широк консензус – имено земјоделски стопанства со големина на користена земјоделска површина до 5 ха и до 8 економски единици се мали.
Улогата и значењето на малите стопанства
Компаративна анализа за значењето на малите стопанства за земјоделството во земјите-членки на ЕУ покажува дека само во Романија делот на тие стопанства е повисок – над 99 отсто, но нивните разлики се значително поголеми, бидејќи стопанисуваат во над 62 проценти од користената земјоделска површина. Во Унгарија, Латвија, Литванија, Словачка малите стопанства исто така имаат важна улога во нивното земјоделство (со учество на 90 отсто). Кај некои постари земји-членки на ЕУ (Грција, Италија, Португалија) исто така се забележува големо значење на малите стопанства, чиј дел во структурата учествува со 70 проценти.
Во Македонија значењето на малите стопанства е особено големо, бидејќи средната големина на едно стопанство е 1,85 ха, но 58 отсто од земјоделските стопанства располагаат со помалку од 1 ха. До 5 ха површина користат 97 отсто од вкупниот број стопанства, со 5-10 ха располагаат само два процента од стопанството, а над 10 ха еден отсто. Карактеристиката на толку малите земјоделски стопанства е дека се користи првенствено сопствен труд, голем дел од сопствениците се пензионери, производствена структура е за сопствена консумација.
Социјално-економското значење на малите земјоделски стопанства за развој на земјоделството и селските реони може да се резимира во следните насоки:
– Помагаат за одржливо и интегрално развивање на селските реони. Имаат значење за развој на општините, за културното наследство и специфичните карактеристики. Тие стопанства овозможуваат деверификација за алтернативно вработување во локалната економија. Врз база на диверзификацијата во земјоделството во неземјоделските дејности (преработка, агробизнис, агротуризмот) и надвор од земјоделското стопанство придонесуваат за пораст на економијата.
– Имаат важна социјална улога, дејствуваат како социјална заштитна мрежа, која обезбедува преживување на многу луѓе и ги дополнува приходите на семејствата, а познато е дека безработицата во селските реони е највисока, а доходот најнизок.
– Имаат исто така важна улога во управувањето на земјоделското земјиште, заштита на животната средина, биолошката разновидност и ландшафт. Малите стопанства, кои произведуваат само за задоволување на сопствените потреби – натурални земјоделски стопанства и стопанства со полупазарен стандард се карактеризира со:
– Ниско техничко и технолошко ниво на производство;
– Примитивен, недоволен и несоодветен фонд на зградите;
– Преовладува делот на рачен труд што води до висока трудоинтензивност;
– Ниско ниво на квалификација и остарена работна сила;
– Екстензивно производство;
– Потценета улогата на стручни кадри и ветеринарни услуги;
– Несоодветна и лоша состојба на техничката инфраструктура;
– Неконкурентно производство поради ниска продуктивност, ефикасност и производност;
– Отежнат пристапот до кредитни средства;
– Ниско ниво кон пазарна ориентација.
Високите трансакциски трошоци за набавка на производствените фактори и реализацијата на продукцијата не ги стимулира производителите да продаваат на пазар. Затоа е од особено значење кооперирање на малите стопанства заради полесен пристап до пазарот, но практиката покажува дека нема сопствена желба за формално обединување, а особено на полупазарните земјоделски стопанства.
Многу од нив немаат потенцијал и финансиски ресурси за производство со примена на современи стандарди за квалитет, за безбедна храна за хуман однос кон животните и др.
Можен заклучок
Политиката на државата кон малите земјоделски стопанства треба да биде јасно дефинирана. На нив не може да се гледа како на пречка за зголемување на конкурентската способност на земјоделското, а акцент да се стави врз нивната улога за придонесот во создавањето на општественото богатство. Националната политика треба да ги стимулира здружувањето и кооперирањето на производителите, градењето врски во системите на вертикална интеграција со финализаторите на земјоделската продукција. Стимулирање на пазарната ориентација за олеснување на пристапот до пазарот преку намалување на трансакциските трошоци. Зајакнување на општините што треба да осигурат локални пазари и да им олеснат на малите стопанства за директна продажба, подобрување на локалната инфраструктура за олеснување на пристапот во реонот за директна продажба. Важен аспект на поддршката на малите стопанства е диверзификацијата. За нивниот опстанок ќе треба малиот доход од земјоделството да го дополнат од неземјоделските дејности. Тоа може да се оствари со развој на селските реони, што ќе ги направи привлечни за неземјоделски активности и ќе оствари поголеми можности за вработување. Окрупнувањето, до оптимални големини на малите земјоделски стопанства по „природен“ пат – купопродажба на земјишните капацитети, во наши услови може да трае педесетина и повеќе години, затоа приодот кон окрупнување преку разните форми на здружување е најбрз и целисходен пат.
Проф. Борис Анакиев
Проф. Ромина Кабранова