Гледам малку те збунуваат и насловот и поднасловот на денешната наша колумна драг читателу. Нејсе. Обратно, првин од поднасловот, кој можеш да го толкуваш и како своевидна реплика на онаа вехементна куса реченица на нашиот премиер по ратификацијата на смртоносниот, по македонскиот изворен идентитет, Преспански договор: „Да живее Северна Македонија!“ И со тоа тој си обезбеди ексклузивна историска слава, како и со многу други нешта. И со онаа реченица претходно со која предавниците во Парламентот ги прогласи за херои. Итн. Крлежа има право кога вели дека и глупоста поседува метафизички квалитет.
Да. Си обезбеди со една-две по Македонците фатални реченици премиерот историска слава. Арно ама, драг читателу, во историјата изгледа еднакво, ако не и повеќе, се слават не само нејзините градители на цивилизацијата и културата, туку и нејзините уривачи. И тоа е нејзиниот парадокс, златната стилска и филозофска фигура на Киркегард. Антологиски пример за тоа е славниот Херострат, кој во антиката го запалил во Ефес најубавиот построен храм, храмот на божицата Артемида. До темел. И неговото име го запаметила историјата, но, за жал, не и името на градителот, архитектот на божественото здание. Тоа е горчливиот парадокс. И, сега, по аналогија дали не те потсетува оваа анегдота, драг читателу, на нашата современа македонска историска ситуација? А? И дали нема нешто есенцијално слично, поклопувачко меѓу Херострат и нашиот премиер, актуелен кандидат за мир за Нобелова награда? Па ти прашувај се сега кој со само еден потег, со едно парче безвредна хартија, со една реченица го запали и го спепели убавиот, божествениот македонски идентитетски храм. И кој Херострат го направи тоа злосторство! Дали не е тоа тој што неодамна така екстатично ја изговори, смртоносна по македонскиот искон и праидентитет, реченицата: „Да живее Северна Македонија“, фалејќи се со својата првичност.
Реченица-точка, катанец на едно неколкумилениумско автентично историско постоење на еден древен народ, кој ѝ дал толку многу културно-цивилизациски дарови на Вавилонската ороспија. Европа. А и на светот. На Запад, но и на Исток.
Тоа. И многу придавки беа во оптек и претходно, со години, за отсечување на македонската идентитетска глава. Придавки – крвнички мечови, како оној приближно на Шахријар што висеше илјада и една ноќ над главата на Шехерезада (читај: Македонија). Сè дури не се стигна до екстремно студената придавка северна. И со неа конечно станавме, најмногу по заслуга на премиерот и неговиот надворешен палеолитски министер, една нова со кусок на идентитет безимена земја и народ Северна Македонија. А кај е тогаш, по логика на нештата, Јужната. Далеку е, недофатлива, открадната 1948-та со напалм-бомбите и бомбардерите на европскиот тотем Черчил и со армијата на грчките монархофашисти. Открадната е сосе огништата и гробовите на нашите предци и прапредци. Од неа, тоа е вистината, Грците сега јадат крвав и натопен со македонски солзи леб. За тоа нешто говори и прекрасната, доблесна Гркинка Анастасија Каракасиду во нејзината сјајна книга, инаку докторска дисертација, „Полиња од жито ридови од крв“. Неа им ја препорачувам на Ципрас и на Заев, па и на оној палеолитскиот, чии корени се некаде оттаму. Нека читаат и нека размислуваат. Нека се сретнат со совеста ако ја имаат.
Значи (размислуваме во слики драг читателу) според сè изнесено понапред Северна личи на крваво живо торзо отсечено од својата јужна половина. На Македонија ѝ се налепи студената, смрзнувачка придавка северна, а таа, сè до топлите беломорски, егејски струи е медитеранска од дното до врвот, полна со југ, фаворизираниот топос на европските романтичари: на Ламартина и Делакроа кај Французите, на Хелдерин и Гете кај Германците, на Бајрон, Шели и Китс кај Англичаните, на Пушкин и Тјутчев, а подоцна и на Мендељштам и Бродски кај Русите итн. На романтичарски, пак, но и на изворен психолошки и онтолошки план топосот Југ кај Македонците евидентно како архисимбол го среќаваме кај Константин Миладинов, во неговата антологиска песна „Т’га за Југ“. Во неа, како што знаеш драг читателу, тој го сонува и копнее по југот во студената Русија. Во Москва. Во него пламти топлата јужна слика на родниот крајезерски предел со пурпурни изгреви и зајдисонца и со звукот на кавалот, божествена убавина во која, според поетот, е убаво дури и да се умре. Да. Знам дека сега тој македонски лирски гениј, првата ластовица на македонската поетска пролет се грчи повторно, како тогаш во Москва, смртно во гробот од таа студена придавка на неговата татковина: Северна. Северна Македонија на Заев и неговиот палеолитски надворешен министер, како и на онаа нивна сурова ликвидаторска безлична парламентарна сурија од помали од нив ситни херострати.
Ете, затоа, пак, за нас Македонците што се изјаснивме на 30 септември минатата година против ликвидаторската, екстрастудена придавка Северна постои само јатката на чистата исконска именка Македонија, која е апсолутна онтолошка основа на македонското колективно битие. А премиерот, палеолитскиот и оној парламентарен безличен џган нека си прогласат за себе (имаат за тоа полиција, борни коли и секаква диктаторска моќ) својата екстериторија со нивната омилна студена придавка северна. Да. И таа екстериторија, која ние освестените Македонци што стоиме во своето исконско Име нема да ја гибаме, слободно нека се вика Република Северен Заев. Немаме против. Туку, многу потрошивме на објаснување на поднасловот на нашата денешна колумна драг читателу. Прости.
Да. Но треба уште малку појаснување, оти не е случаен изборот на таа придавка што има квалитет на крвав касапски нож. Не. Оти таа сугерира во прв ред студ, зима, лед. Со неа, пак, нашите идентитетски ликвидатори, домашни и западни, не само симболички туку и физички смислиле да нè заледат, да нè стават како заклан добиток во длабок замрзнувач од кој нема никогаш да одмрзнеме, ни да го видиме златото на Југот со венчален прстен и свадбени олтарни ружи за свадба, а не за закоп на кој ги тераат нив нашите и западните мајстори на смртта. Идентитетските ликвидатори ни ја одредиле како придавка страната на светот, која најубаво ја дефинира нашата историска ситуација. Во енциклопедиите и речниците на симболи таа (северна) ја симболизира црната боја, мртвата необработена материја nigredo, materia prima, онаа што ја симболизира всушност смртта. Нејзин симбол, пак, уште, контрасно на тоа, е орелот на војната. Го има и кај нас во земјата Република Северен Заев, кој е тука најцрн, уште и двоглав. Да. Но бидејќи по дефиниција секој симбол и симболизам е амбивалентен, таков е, драг читателу, и симболизмот на северот. Нешто на тоа што не мислеле, оти толку им е знаењето, нашите идентитетски ликвидатори, па тој симбол ни го тутнале само со неговата негативна, црна, смртна конотација. А, имено, северот во својата посложена симбологија ја сугерира и магичната митска земја Хипербореја. Според записите на древните митови. Таа ониристичка земја се наоѓа некаде на екстремниот север, прекрасна и чиста како кристал. Кој го читал утопистот Црњански ќе има појасна претстава за неа. Хипербореја е еден вид северна Атлантида, која се наоѓа некаде зад митскиот северен ветер-развигор Бореј (име и на бог). Според митот, тоа е земја од соништата и блаженството, на детството на светот и неговата златна епоха на егзистенција. Земја на блажените, нешто слично на рајот во христијанството. Или во исламот. Сеедно. Во Хипербореја, таква, престојувал кога бил млад и Аполон, богот на светлината и хармонијата, а во неа е родена и неговата мајка.
Тоа драг читателу. А ти прашуваш сега дали со ова фрливме нешто јасна светлина и на насловот (поднасловот го објаснивме чинам) на нашава колумна. Ми велиш: Да. А сепак гледам дека си збунет. Ме прашуваш дали можеби, кога Заев се одлучувал за оваа смртно студена придавка всушност не мислел на таа прекрасна, волшебна земја Хипербореја, сакајќи од несреќните Македонци да направи со својата политичка абракадабра алхемија среќни Хиперборејци? Дали како митот и тој не размислувал утопистички за својот настрадан народ, почнувајќи од епицентарот Муртино па натаму во концентрични кругови, сè до Пирин и Егеј, до кој стигнува помодерната македонска мартирска историја и граница? Да. Но морам да те разочарам, драг читателу, дека тој ниту е роден за утопист, визионер, ниту има некоја трошка утопистички талент. Не.
Неговиот талент е апсолутно дистописки, според резултатот што го покажа. Но не и утописки, визионерски. Не. Тој, да направиме една збороигралка, но суштинска, е понапред потопист отколку утопист. Потоп, катастрофална идентитетска поплава, која брише сè пред себе. Сè, оти ги брише сите идентитетски знаци на македонизмот од тука па назад до неговиот праизвор во антиката. Тоа што не му успеало никому досега. За тоа бришење, пак, на меморијата на сопствениот народ, кој жали што го родил, тој веќе има подготвено и специјален голем „стручен“ тим на бришачи-одродници од родот, кои треба докрај да стават смртен печат на идентитетскиот погребен ковчег на Македонија и на Македонците. За тоа и тој и неговиот палеолитски надворешен министер лично дадоа елоквентен пример. Се почна од коренот, од антиката со бришење на името на скопскиот аеродром и автопатот што води кон Грција Александар Македонски, што им е со столетија трн во окото на Грците и на Европејците, па го викаат Велики (а и нашите полтрони и подлизурковци) избегнувајќи го колку што можат она Македонски.
А сега, на крајот од денешната наша колумна, драг читателу, гледам нестрпливо чекаш да ми го поставиш клучното прашање: дали Западот со помош на нашите домашни и грчки (но и други соседни) мајстори на смртта го решил мачниот македонски проблем. Конечната идентитетска ликвидација на Македонците. Одговарам. Се сомневам дека: да. Оти на ужас на сите наши ликвидатори кога-тогаш Македонците ќе станат и од гробовите за да се одбранат. И додека тие, ликвидаторите, ќе се чудат што се случува, овие во нивниот кошмар ќе ги фатат за врат за да си ја повратат крвта што им ја исцицале тие. Оти тие не знаат дека покрај многуте таленти што им ги дал господ, Македонците имаат талент и за вампиризам (читај: воскресение). Тие ја имаат совладано низ долгата мартирска историја науката на Исус дека со смрт се совладува смртта. Ме сфаќаш ли, драг читателу? Моите најсрдечни поздрави до следната наша колумна.