Шангајската листа секоја година ја објавува универзитетот „Џао Тонг“ од Шангај, Република Кина. Шангајската листа се објавува од 2003 година, а предвид се земаат шест критериуми, за да се направи разлика меѓу 500-те универзитети од 1.200, колку што се регистрирани во светот, а меѓу критериумите се и бројот на добитници на Нобеловата награда меѓу поранешни студенти, бројот на истражувачи што најмногу се споменуваат во своите дисциплини и бројот на објавени трудови во списанијата „Сајанс енд нејчр“ (Science I Nature). Критериумите се претежно фокусирани кон истражувањата и природните науки, каде што се губи видливоста на хуманистичките и општествените науки. Пласманот на таа ранг-листа, исто така, најмногу зависи од бројот на објавени научни трудови, вработени на универзитетите, нивните влијанија и бројот на цитати. На Шангајската листа се објавуваат првите 500 универзитети во светот. Најдобри светски универзитети во првите десет на листата се американските „Харвард“ и „Станфорд“, британскиот универзитет „Кембриџ“, американскиот универзитет МИТ, „Беркли“, „Принстон“, британскиот „Оксфорд“, „Колумбија“, „Калифорнија“ и Универзитетот во Чикаго.
Универзитети од Балканот што се наоѓаат во првите 500 на Шангајската ранг-листа се Универзитетот во Љубљана, Словенија, помеѓу 400-то и 500-то место, додека на таа ранг-листа ги нема универзитетите од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Албанија и Македонија.
На Шангајската ранг-листа по квалитет на универзитет, потесна научна област, оваа година се најдоа четири универзитети од Република Србија. Првпат на листата се нишкиот, новосадскиот и крагуевачкиот. Овие универзитети се наоѓаат на Шангајската листа во областа на математиката, додека Белградскиот универзитет е рангиран во 17 потесни научни области. Во областа математика Универзитетот во Белград се пласирал од 201. до 300. место, нишкиот се пласирал од 301. до 400., новосадскиот и крагуевачкиот од 401. до 500. место. Од Република Словенија, во областа математика Универзитетот во Љубљана и Универзитетот во Марибор се наоѓаат на ранг-листата од 201. до 300. место.
Оваа, 2019 година, ништо ново, македонските универзитети ги нема во првите 1.000 најдобри универзитети во светот. Од нашите македонски универзитети „Свети Кирил и Методиј“ на светската ранг-листа е на 1.568-то место, универзитетот „Гоце Делчев“ на 3.279-то, универзитетот ЈИЕ на 3.881-то, Универзитетот во Тетово на 4.912-то и битолскиот универзитет „Свети Климент Охридски“ на 5.697-то место. Од горенаведеното се констатира дека македонските не само што ги нема во првите 500 на Шангајската ранг-листа општо туку ги нема и во потесните научни области.
Во Македонија врвен приоритет треба да биде подигањето на квалитетот на високото образование и на научноистражувачката дејност. Тоа ќе се оствари со примена на инструменти развиени на водечките европски универзитети во согласност со Болоњската декларација за европско подрачје на високото образование. Примена на европските стандарди за квалитетот имплицира комплетно модернизирање на наставните програми и содржини, на постапките на евалуација на институциите и на заострувањето на критериумите за избор во академски и научни звања на јавните и приватните универзитети и слично.
Концептот на високото образование, неговите содржини, програми и цели мора да бидат засновани врз принципот на единство на наставната и истражувачката дејност, осовременување на наставните програми и содржини. Неопходно е заострување на критериумите за оцена на научноистражувачката дејност на универзитетските професори и за одлучувањето за нивното напредување во повисоки наставно-научни звања. Неопходно е вклучување на студентите на редовните и на постдипломските студии во научноистражувачката работа, а докторските студии треба да имаат исклучиво истражувачки карактер – застапеноста на оваа компонента треба да биде битен предуслов за акредитирање на докторските програми.
Приоритетна задача е преиспитување на постојната хипертрофирана мрежа на високообразовните институции, формирањето нови високообразовни институции – универзитети и факултети и нивната необмислена дисперзија, не може да биде самоволен чин на Владата, детерминиран од интересите на политичките партии и од теснопартиски апетити и амбиции на луѓе што се стекнале со највисоки научни звања во хипертрофираниот систем на високото образование. Ваквата практика води директно до пад на квалитетот на високото образование (на наставата, научноистражувачката дејност, критериумот на оценување на студентите, на критериумот за напредување на наставниот кадар и сл.) и ни испорачува далекосежни негативни последици.
Финансирањето на високото образование и науката треба да претрпи коренити промени. Добар е примерот на Р Словенија, финансирањето е уредено со посебен закон (Закон за буџети). Неопходни поттикнувачки мерки за запишување студенти на факултетите за природно-математичките, техничко-технолошки, биотехнички науки и сл. Во земјите на Западен Балкан постои вишок дипломирани кадри во областите бизнис, администрација и право и недостиг од дипломирани во природните науки, математиката и статистиката, а се појавува и недостиг во сферата на ИКТ.
Податоците за бројот на дипломирани студенти во Р Македонија, според областите на студирање, за последниве шест-седум години потврдуваат дека меѓу 70 и 73 проценти од дипломираните студенти им припаѓаат на општествените и на хуманитарните науки, меѓу 3,8 и 4,7 проценти на природно-математички науки, меѓу 12 и 15 проценти на техничко-технолошки науки и меѓу 7 и 12 проценти на медицинските и на биотехничките науки. Неопходно е преиспитување на хипертрофираната мрежа на високообразовни институции и нејзина рационализација да се води сметка и за овој критериум, ова од причина што голем број од новоотворените факултети е во областа на општествените науки, што е резултат на лабавите критериуми на акредитација на новите факултети и што директно води кон уништување на квалитетот на наставата и истражувачката дејност, со прекумерна комерцијализација на високообразовната сфера до нелојална конкуренција. Неусогласеноста на системот на образование со пазарот на трудот во Македонија е една од причините за појава и одржување структурна невработеност и слично.
Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор