Вака како што е конципирана ликовната дејност во Годишната програма за култура навестува поразителна слика – на изложба ќе се оди само на отворање (ако уметникот ви е познат), а дури и тогаш галериите ќе бидат полупразни, без турканици, без редици, без возбуда, без атмосфера, со малку уметници, историчари на уметноста, критичари и само неколку вистински вљубеници во ликовната уметност. А само ден по отворањето, во музеите ќе нема жива душа
Ликовната дејност, која отсекогаш ми била некако највозбудлива во културната понуда на еден град, годинава остана комплетно занемарена по објавувањето на Годишната програма за култура за 2019 година, која генерално во сите сектори беше на удар на критиките во јавноста. Тоа како да се навестуваше уште со необјавување на резултатите за дејноста визуелни уметности во првата објава на програмата на веб-страницата на Министерството за култура. Или списокот со поддржани дела беше ненамерно изоставен или, можеби, се „дотеруваше“. Како и да е, ќе се вратам на возбудата со која секоја година ги очекувам резултатите за ликовната дејност, веројатно надевајќи се дека можеби токму оваа година ќе имаме некое изненадување или освежување во домашните музеи и галерии.
За овој дел од Годишната програма инаку имаше најмалку критики (веројатно поради тоа што квантитативно има солидна бројка на поддржани изложби, за квалитетот подоцна…) или можеби затоа што тука најмногу функционирало правилото „секому по малку“. Но тоа што изостанаа критики воопшто не значи дека програмата е квалитетна. Таа ни оддалеку не е таква.
Во делот на програмите на националните институции, прв на списокот е Музејот на современата уметност, кој годинава доби вкупно 16 проекти, но малку од нив се конкретно ликовни изложби (повеќе се истражувачки проекти, филмски активности и сл.). Меѓу одбраните проекти е вклучена некаква интердисциплинарна програма, за која не е дефинирано што претставува, потоа истражувачки проект со наслов „Утре беше друг ден“, чии автори не се објавени, потоа дадени се пари за подготовки за проектот „Сам ар Боуви“ (сценски перформанс повторно без авторство). Од самостојните изложби тука се оние на Ранко Дачиќ (за мене непознато име), како и на Јован Шумковски, Глигор Стефанов, Никола Радуловиќ (најуспешен автор на Биеналето на млади уметници на МСУ), потоа на нашата годинашна претставничка во Венеција, Нада Прља… Има средства и за некаква „резиденциска програма и програма на нови продукции на Музејот на современата уметност“ (?!). Од странски изложби вклучена е само една – на дела од современи уметници од колекцијата на Македонскиот музеј на современата уметност од Солун, Грција. Другите се тематски или проблемски изложби од колекцијата на МСУ. Ниедно звучно име од светската ликовна сцена, дури ниеден македонски доајен!
Во Национална галерија на Македонија ситуацијата е слична, неколку самостојни изложби на наши уметници (Кристина Пулејкова, Реџаи Исени, Рубенс Корубин, Теофил Шулајковски-Тофе, Танчев Динка, Африм Спахиу) и уште неколку од колекцијата на НГМ („Надреализам, хиперреализам и фантастика“, „Оп-артот и поп-артот“, „Жената низ призмата на очите на уметниците“…) Од странските „Магла“, кураторски проект на Ави Лубин од Косово и на Џелош Џокај (исто така анонимно име за пошироката јавност) од Подгорица. Низ градовите сликата не е нималку поразлична. Во делот на локалните установи се главно изложби на дела од ликовните колонии, училишни или градски проекти од областа на визуелните уметности, повеќе фотографски поставки. Во Младинскиот културен центар – Скопје ќе изложуваат: Кирил Пенушлиски и Дејан Колевски, Новица Трајковски, Дејан Божиновски…, во Музејот на градот Неготино самостојна изложба ќе има познатиот македонски уметник со светско реноме Игор Јосифов, а во делот самостојни проекти се поставките на Тања Балаќ, Гоце Божурски, Павле Кузмановски, Мирослав Масин… Другите се сосема непознати автори што добиваат средства за реализации на самостојни изложби во домовите на културата. Ова покажува дека во однос на ликовната дејност 2019-та нема да донесе ништо неочекувано, а публиката, за жал, ќе биде осакатена за една квалитетна ликовна сцена.
Се сеќавам на еден мој текст од пред три години кога пишував своевидна ретроспектива на културната 2016 година и кога токму ликовната уметност, односно случувањата во оваа кревка област на културното живеење кај нас ја издвоив како најмаркантна. Таа година сигурно ќе остане запаметена по мноштвото квалитетни ликовни изложби, најмногу од нив во МСУ, изложби што тогаш на некој начин го вратија во живот музејот по подолга пауза. Тогаш се случи големата изложба на скулптури на врвни странски и домашни автори од колекциите на МСУ. На оваа римејк-изложба (на поставката од 1992 година), со наслов „Нефигуративните тенденции во 1960-тите, скулптура – објект – слика“, од депото беа извадени некои од највредните експонати на овој музеј. Потоа беше отворена исклучителната поставка „Основоположниците на модерната во Македонија“, исто така во МСУ на која беше претставено богатото творештво на уметничките доајени: Белогаски, Личеноски, Аврамовски-Пандилов, Мартиноски, Коџоман. МСУ таа година ни донесе и еден голем светски уметник – Британецот Дејмиен Хрст, кој важи за еден од највлијателните, најиновативни и најуспешни светски уметници. Изложбата насловена „Нова религија“ дојде во Скопје во организација на Британскиот совет во Македонија, галеријата „Пол Столпер“ од Лондон и МСУ во Скопје. Изложбата беше многу важна затоа што ја стави Македонија на мапата на земји што им се домаќини на големи светски имиња од ликовната уметност, а особено што поставки од ваков размер кај нас може да се избројат на прсти. Една од највпечатливите изложби што ги организира НГМ во „Даутпашиниот амам“, пак, секако беше и ретроспективата на Спасе Куновски, еден од ретките ликовни фигуративци со надреалистички интерес во нашата средина. Потоа беше отворена уште една голема и значајна ретроспектива, онаа на исклучителниот Вангел Наумовски, дела што првпат беа презентирани во изложбен простор.
Жалам што и годинава нема да видиме гостувачки изложби на етаблирани и познати имиња од светската ликовна сцена, какви што последниве години навистина недостигаат кај нас, а какви што некогаш можеа да се видат и во македонските музеи.
Да се потсетиме на епските поставки, како оние на Хенри Мур, Тони Крег, Виктор Вазарели, Салвадор Дали, Хана Хех… што ги имавме во некои изминати години. Дури и да го оставиме настрана отсуството на звучни странските имиња, и домашните доајени се изоставени, како што беше на пример онаа прекрасна изложба по повод 90 години од раѓањето на великанот Петар Мазев. Овие поставки имаат вредност затоа што често ги забораваме нашите автентични богатства, а квантумот и квалитетот на сликарскиот опус на овие македонски сликари секогаш го предизвикуваат љубопитството на публиката и носат бројност на посетителите.
Отсекогаш сум била на ставот дека големите случувања и гостувања треба да имаат приоритет во Годишната програма за поддршка на проекти од културата, наместо востановената и неменлива практика на Министерството за култура еднакво да ги дистрибуира парите меѓу различни институции, со што се одржува одредена рамнотежа со растегнување на малиот фонд на средства. Целите во буџетот за култура се лошо дефинирани, а практиката „мало парче од колачот за секого“, и тоа во сите области, а годинава се чини најмногу во ликовната дејност, само го одржува статус квото во културата наместо да ја придвижува напред. Вака како што е, сликата и годинава ќе биде поразителна – на изложба ќе се оди само на отворање, а дури и тогаш галериите ќе бидат полупразни, без турканици, без редици, без возбуда, без атмосфера, со малку уметници, историчари на уметноста, критичари и само неколку вистински вљубеници во ликовната уметност. А само ден по отворањето, во музеите ќе нема жива душа.