Тоа е многу важен доказ – кажа Кралот триејќи ги рацете.
– А сега поротниците нека одлучуваат дали тој е виновен или не – рече Кралот дваесетти пат овој ден.
– Не! Не! – рече Кралицата. – Нека изречат казна! Дали е виновен тој или не, после ќе видиме!
Во последно време светот сè почесто го тресат настани што по својата апсурдност се на ниво на бајката на Луис Карол „Алиса во земјата на чудата“. Во голема мера тоа се должи на нашите англосаксонски „партнери“, кои сонуваат за невозможното, односно да воспостават свое целосно господство во условите на де факто мултиполарниот свет. Настанатиот кардинален дисбаланс меѓу посакуваното и реалното, стравот пред нејасна за нив иднина, сè почесто ги турка Лондон и Вашингтон кон ирационална политика, типување на лага и насилство, што чекор по чекор ги урива меѓународното право и безбедноста. Особено загрижува што Англосаксонците, кои сè уште веруваат дека не можат да бидат казнети, се подготвени да се впуштат во секоја авантура и да го загрозат самото постоење на човештвото.
Тоа уште еднаш го потврдија неодамнешните провокации од голем размер на темата на хемиското оружје – во британскиот град Солсбери (случајот „Скрипал“) и во предградието на Дамаск, односно градот Дума. Во двата случаја нарачатели беа исти играчи, кои дејствуваа според слично сценарио. Прво дејство од претставата беше проширувањето лажни вести и неосновани шпекулации во медиумите. Во случајот „Скрипал“ Лондон, кој бомбастично ја обвини Русија (highly likely) за вмешаност во „хемискиот напад“ врз Салсбери со употреба на „боеви отровни супстанции“, сепак не обезбеди никакви докази за овој делириум. Во Сирија фактот на употреба на хемиското оружје во Дума воопшто не најде потврда. Единствен „доказ“ се инсценирања на таканаречените „бели шлемови“ и на Сириско-американската медицинска заедница (двете организации се спонзорираат од буџетот на САД и на Велика Британија), кои порано повеќепати беа фатени на фалсификувани видеа. Вториот дел на оваа фарса е „праведниот гнев“ на Лондон и на Вашингтон, кои врз основа на фејковите монтирани од истите тие, бараат да се казнат „виновните“.
Врвна точка на сето тоа се казнени акции на САД, Велика Британија и на нивните сојузници, извршени со кршење на сите норми на меѓународното право. Станува збор за масовно протерување на руските дипломати и нови бранови на антируските санкции, како и за бомбардирања на суверената држава-членка на ОН, која седум години се бори против терористите на живот или смрт. Во двата случаја Западот го употреби „правосудството“ во стилот на Кралицата од бајките на Луис Карол и се прогласи за истражител, обвинител, судија и џелат, четири во едно. Тоа беше направено дрско, аналогно на претходната провокација во Кан Шејкун, не чекајќи ги заклучоците од Организацијата за забрана не хемиското оружје (ОПЦВ). Згора на тоа, учесниците во таа авантура се обидоа да спречат имплементација на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН во која се бара спроведување непристрасна истрага.
Неодамнешното бомбардирање на Сирија од истите тие учесници се случи токму ноќта пред најавеното пристигнување на специјалисти на ОПЦВ во таа земја. Сето тоа многу личи (overwhelmingly likely) на обидите да „се прикријат трагите“ од грубата работа на британските безбедносни служби и да се избегне одговорноста. Ќе потсетам дека претходно Англосаксонците од извештајот на ОПЦВ за случајот „Скрипал“ ги избришаа сите повикувања на извештајот на швајцарската лабораторија, во кој се вели дека во Салсбери беше употребен нервниот гас BZ, со кој се вооружени низа земји-членки на НАТО.
Додека саботажата на дејноста на ОПЦВ е нова појава, на „порочниот круг“ на „евроатлантската солидарност“, која исправно профункционира и во скандалот со случајот во Салсбери и во ситуацијата со хемискиот напад во Дума, веќе сме навикнати. Пред еден месец дваесет држави-членки на НАТО и кандидати за членство во Алијансата, вклучувајќи ја и Македонија, се приклучија кон иницираниот од Лондон и Вашингтон колективен чин на протерување руски дипломати. Ќе потсетам дека оваа одлука, која е без преседан во дипломатската практика, се донесуваше во брзање, без да бидат обезбедени реални факти и докази, врз основа на пропагандистичкиот стрип за „хемиски подмолности на Русија“, набрзина направен во „Форин офис“. Лекцијата, сепак, остана ненаучена – Брисел и речиси сите земји-членки на НАТО, како и порано, молчејќи и без да размислат, ја поддржаа злосторничката агресија против Сирија, за чиј повод беше искористен очигледен информативен фалсификат.
И какви се резултатите од тие ризични провокации? Да, Доналд Трамп, Тереза Меј и Емануел Макрон, кој се приклучи кон нив, го одвлекоа вниманието на јавноста, а значи и на гласачите во нивните земји, од актуелни внатрешнополитички проблеми и сопствените кревки рејтинзи. Претпоставуваме, исто така, дека со заканите и цврстата реторика тие успеаја да го доближат својот имиџ до стереотипот на „кул и набилдани дечки“ и дури да ги стават сите „атлантисти“ во еден ред.
Истовремено, овие арогантни дејства целосно открија дека Лондон, Вашингтон и нивните следбеници целосно ги занемаруваат целите и принципите на Повелбата на ОН, одлуките и задачите на Советот за безбедност. Истите тие дејства драстично го качија степенот на меѓународната тензичност до ниво досега невидено во 21 век. Провокацијата во Салсбери, бомбардирањата на Сирија, русофобската хистерија на основа на „политичката хемија“, сериозно и долготрајно ја отруја атмосферата во меѓународните односи, ги отежнаа или направија сосема невозможни преговорите за намалување на нуклеарното и стратегиското вооружување. Агресивната политика на Англосаксонците, нивниот курс на „промена на режимот“ во Дамаск и распарчувањето на оваа земја ја уништуваат перспективата да биде создаден единствен антитерористички фронт, ги засилуваат позициите на ИСИС, нанесуваат моќен удар врз решавањето на конфликтот во страдалната Сирија, ја поттикнуваат нестабилноста на Блискиот Исток, што може да доведе до нови бегалски бранови во Европа. Се зголеми опасноста од насилни сценарија и во другите региони.
Се поставува прашањето да не е премногу висока цената што мора да ја плаќа меѓународната заедница за хемиските експерименти на Англосаксонците? И што понатаму?Ноќта на 14 април трите водечки земји-членки на НАТО без одобрение од Советот за безбедност на ОН ја нападнаа суверената Сирија, лансираа 103 „многу паметни“ ракети, кои удриле врз воени и цивилни објекти на земјата. Системот за противвоздушна одбрана на Сирија, опремен претежно со застарено руско оружје, собори 71 ракета.
Фала му на бога што за време на овој напад не настрада никој од руските војници што се наоѓаат во Сирија по покана на легитимната влада на оваа земја. Во спротивно, Русија би морала да возврати со контраудар не само врз самите ракети на агресорот туку и врз нивните носачи. Воздржаноста што ја покажа Русија, како и контактите меѓу воените, овој пат овозможија да се избегне директен судир на нуклеарните сили – Русија и НАТО. Сепак, важно е да се разбира дека незапирливите амбиции на Англосаксонците и нивните обиди и понатаму да ја пумпаат состојбата го доближуваат човештвото сè поблиску до опасна граница. Сите што го ценат мирот треба да се обединат за да го запрат ова движење кон катастрофа.
(Авторот е амбасадор на Руската Федерација во Република Македонија)