Дали некој во Македонија ќе се согласи и ќе прифати дека во Македонија од 1941 до 1944 година немало окупација туку се водела граѓанска војна како што смета бугарскиот министер за одбрана? Демантот од Еврејската заедница комплетно ги негира тврдењата на бугарските лидери
Нова македонска стратегија: Ако Бугарија ти тресне шлаканица по образот, ти сврти ѝ го и другиот
Не е поминато многу време откога Красимир Каракачанов, бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, се вклучи во интервјуто што го имаше македонскиот премиер Зоран Заев на радиото Канал 77. Тој свој, наводно, случаен упад, Каракачанов го употреби за уште една злоупотреба на блиската историја и за нејзина промена на штета на вистината и на штета на Република Македонија и македонскиот народ. Вешто глумејќи искреност, Каракачанов божем призна дека бугарската власт и бугарскиот цар биле сојузници на Германија и на Хитлер. Признанието самиот тој го нарече историски факт, околу кој не би требало да има дискусија.
Дотука вистината е негов сојузник. Но говорејќи натаму, истиот тој факт не само што го амортизира туку го извртува до апсурд. Одговарајќи на прашање за стрелањето на младинците во Ваташа, Каракачанов тоа злосторство не само што го спореди туку го изедначи по сличност и вредност со некое слично стрелање во селото Јастребино, во централна Бугарија, каде што полицијата убила 12-13 деца. Злосторство е злосторство и каде било да се случило е за осуда, но наметнувањето идентичност меѓу двата настана е жив обид за ново и драстично негирање на македонската партизанска историја. Просто е неверојатно неговото објаснување на ваташкиот случај. Тој кажа дека ваташките младинци не се стрелани затоа што биле Македонци, туку затоа што биле комунисти и затоа што на територијата на Македонија се водела граѓанска војна. Таа била војна на бугарската држава против комунистите, не против Македонците, тоа настанало затоа што во таа граѓанска војна комунистите војувале против државата, а државата против комунистите.
Значи, според воениот бугарски министер, Македонија не била окупирана од Бугарија, односно во периодот од 1941 до 1944 на македонска почва не се водела антифашистичка војна, туку граѓанска во една иста држава.
Овој искажан фалсификат, подметнувањето на ваквото кукавичино јајце во македонското гнездо е негација на целокупната македонска борба за слобода и за самостојна држава, навреда од највисока категорија за сите оние што ги положиле животите во таа војна, понижување на македонската вистина и историско прекројување од најдолен, подмолен вид. Секако, и ново омаловажување на свеста на македонскиот народ, кој, ете, не си ја знае својата историја и досега не знаел дека во Македонија, наместо револуција и борба за слобода, се водела граѓанска војна меѓу бугарски Бугари и македонски Бугари – комунисти. И дека тоа спаѓа во трагичниот дел од нашата заедничка историја.
Колку за потсетување, во Ваташа на 16 јуни 1943 година е извршен вистински масакр кога, токму на денот на роденденот на престолонаследникот Симеон Втори, се убиени 12 младинци на возраст од 15 до 21 година. Ниту еден од нив не бил под оружје или во униформа. Сите млади, машки и женски, се извлекувани ноќе голораки од своите домови, тепани и мачени под обвинение дека се комунисти и им помагаат на партизаните. Потоа, некои од нив одведени до месноста Моклиште кај Ваташа и покосени со митралески рафали и куршуми од пушки.
Малку било тоа, па некои и мртви се избодени со бајонети, на некои им се исечени рацете и извадени очите. Е, токму оваа бугарска фашистичка крвава оргија Каракачанов ја опишува како дел од граѓанска војна водена на бугарска територија, а не во Македонија. И дека тоа не е борба на македонскиот народ, туку воена пресметка меѓу самите Бугари – комунисти и антикомунисти.
Македонските историчари и политичари досега останаа глуви, без реакција на ваквото историско подметнување, најверојатно држејќи се до курсот да не се повредуваат чувствата на бугарските политичари, а да се шират меѓусебно разбирање, пријателство и братска љубов со Бугарија. Македонската нова политичка стратегија што се одвива под слоганот „ако Бугарија ти тресне една шлаканица по образот, ти сврти ѝ го и другиот“, можеби е мудра, ама прашање е колку е корисна. Молчат и од Општина Кавадарци, од каде што, ако не дојде до реакција, не би било чудно да се очекува иницијатива споменикот кај Моклиште да се урне или на него да биде напишано дека таму 12 младинци извршиле самоубиство несреќни што биле комунисти. Таа корекција ја побарале сегашните бугарски власти за да се исправи лажната македонска историја, да се признаат заблудите и да се води ферплеј-дијалог за да се обезбеди перспектива за сиромашниот македонски народ, наречен така по географска, а не по етничка припадност.
Ако македонската политика во настојувањата да ги подобри односите со Бугарија се труди да ги ублажи злосторствата направени во текот на војната, Еврејската заедница во Македонија нема причина да го прави тоа, да не ја кажува вистината и да прави јавен полтрон од себе. Токму деновиве Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија потсетуваат на неоспорните историски факти, кои се општо прифатени, а се однесуваат на улогата на Царството Бугарија во холокаустот и депортацијата на Евреите од денешна Северна Македонија.
Тие го реафирмираат (внимавајте на терминот – го реафирмираат) својот став дека за време на Втората светска војна територијата на денешна Република Северна Македонија, на која живееле околу 8.000 Евреи, е под директна окупација на Царството Бугарија и Италија, кои се сојузници во Оската. Еврејското население што живее во Македонија за време на Втората светска војна се наоѓа под бугарска окупација. Бугарските пронацистички окупаторски власти веднаш го спроведуваат врз Евреите антисемитскиот Закон за заштита на нацијата, со кој на Евреите им се ускратуваат сите граѓански права, се дехуманизираат, се воведува Законот за еднократен данок на имот, со кој се „легално“ ограбени, се задолжуваат сите Евреи да носат Давидова ѕвезда, еврејските куќи се обележани, дуќаните затворени, бизнисите и парите конфискувани.
Нема потреба од натамошно цитирање, наведување на голата вистина. Може да се додаде само пораката што Заедницата ѝ ја упатува на денешната власт во Република Бугарија, со која ја повикува на моралната обврска да ја признае вината и да ја преземе одговорноста, по примерот на многу европски држави што биле на погрешната страна за време на Втората светска војна за злосторствата што нивните претходници, пронацистичката влада, ги направија врз еврејското население во окупираните територии за време на Втората светска војна.
Бојко Борисов, Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов во низата разговори, изјави што ги даваат пред камери и во интервјуа настојувајќи да ги оцрнат македонските позиции, едносложно се жалат дека во Македонија Бугарите сѐ уште се претставуваат како фашисти, иако се поминати 75 години од војната. Можеби се донекаде во право ако во учебниците навистина се инсистира на тој термин, но не можат да бидат во право кога бараат менување на фактите, прекројување на вистините. Многу е глупаво да се држи теза дека некој во Македонија денешните Бугари ги смета за фашисти, иако и во самите бугарски медиуми може да се сретнат ставови дека нивни партии пропагираат неофашизам. Тоа не е тајна, не е само бугарска „справка“, такви инцидентни пројави има безмалку во сите држави на Европската Унија.
Односите меѓу Македонија и Бугарија не може да ги матат и нарушуваат вистините, тоа може да го прават фалсификатите, невистините, подметнувањата, омаловажувањата, непризнавањата. Колку тие ќе се намалуваат, толку односите ќе се подобруваат.