Под притисок на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, „Гугл“ неодамна ја прекина соработката со „Хуавеи“, лишувајќи го кинескиот производител на паметни телефони од лиценцата да користи „Андроид“ и други услуги. Овој потег означува и нов врв во кинеско-американскиот конфликт и крајот на глобализацијата предводена од САД
По три децении движење кон единствен глобален пазар регулиран со правилата на Светската трговска организација, меѓународниот поредок претрпе фундаментални промени. САД и Кина се заглавени во царинска војна, која се чинеше дека е за билатералната трговска рамнотежа, но се покажа дека е многу повеќе. До неодамна, можевме да се надеваме на фактот дека и покрај честите размени на закани, двете земји преговараа, меѓутоа не повеќе.
Минатиот месец, под притисок на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, „Гугл“ ја прекина соработката со „Хуавеи“, на тој начин лишувајќи го кинескиот производител на паметни телефони од лиценцата да ги користи софтверот „Андроид“ на „Гугл“ и неговите сродни услуги. Овој потег претставува егзистенцијална закана за „Хуавеи“. Но, повеќе од тоа, ги обележува и новиот врв во кинеско-американскиот конфликт и крајот на глобализацијата предводена од САД. Пораката од САД е јасна: извозот на технологија и софтвер повеќе не е само прашање на бизнис; тоа е прашање на моќ. Отсега натаму, САД ја ставаат моќта пред пазарот.
Сега, кога конфликтот се претвори во форма на хегемонистичка борба, Кина можеби ќе мора да ги повлече сите можни потези за да ги заштити своите национални шампиони. Тоа значи повлекување што е можно побрзо од сите синџири на снабдување, кои се потпираат на американските високотехнолошки производи, особено полуспроводниците. Кина ќе мора да почне да ги набавува сите неопходни компоненти од домашни компании, или од безбедни партнери во својата орбита.
На среден рок, ова приспособување ефикасно ќе го подели светот на две сфери на економска конкуренција. Порано или подоцна, сите помали сили зависни од глобалните пазари ќе треба да изберат страна, освен ако не се доволно силни за да го издржат притисокот од Америка и од Кина. Со оглед на тоа што Кина и САД бараат јасно определување, дури и економските гиганти како Европската Унија, Индија и Јапонија ќе се соочат со неподнослива економска дилема.
Претпоставувајќи дека отворен, унифициран глобален пазар навистина станува нешто што завршило во минатото, прашањето, тогаш, ќе биде како Кина ќе ги употреби своите карти. Како најголем кредитор на Америка, дали Кина ќе ја види валутната војна како нејзин џокер? Ако е така, веќе опасната битка за глобална технолошка доминација многу брзо ќе се претвори во поширок и поопасен конфликт.
Опасноста не е само во тоа што економските ривалства, протекционизмот и трговските ограничувања ќе го загрозат светскиот просперитет. Уште поголема опасност е што овие случувања ќе го зголемат ризикот од сериозна политичка конфронтација. Технолошкиот суверенитет би им го зазел местото на трговијата и на размената, а националноста на корпорациите – дури и на големите мултинационални компании – би станала исто толку важна како и нивниот бизнис-модел.
Сепак, би било погрешно да се заклучи дека целиот овој конфликт е предизвикан единствено од Трамп и од неговата неонационалистичка агенда. Два дена откако „Гугл“ ја објави својата одлука, „Њујорк тајмс“ објави коментар од Томас Фридман, автор на „Светот е рамен“, повторувајќи многу од нападите на Трамп врз неправедните трговски практики на Кина. Ако тоа е позицијата на идеологот на глобализацијата, тогаш Кина има проблем не само со Трамповата Америка, туку и со либералната Америка.
Последниот потег на администрацијата на Трамп има цел да сигнализира дека САД нема да ја предадат својата доминантна глобална позиција без борба. Сепак, со прекинот на трговските односи со Кина, САД ќе направат огромни трошоци на своја сметка.
Без сомнение, турбуленцијата ја очекува и Европа. Прекин на глобалната економија би претставувал фундаментален предизвик за европскиот, а особено за германскиот извозен модел. Иако Европската Унија ќе остане зависна од американската безбедносна гаранција и трговијата со САД, извозниците на блокот сѐ повеќе се потпираат на кинескиот пазар. Сценарио во кое тие се принудени да одлучуваат меѓу двете, на тој начин ќе резултира со ситуација во која сите губат. Навистина, во целосна технолошка војна, вредноста на ЕУ како сојузник во САД ќе се зголеми, а ризиците од казнените американски царини за европскиот извоз ќе се намалат. Но европските извозници, кои станаа зависни од Кина, ќе бидат затегнати.
Досегашното искуство покажа дека на Европа обично ѝ е потребна криза за да се премести во следната фаза од нејзиниот својот развој. Ако во сегашната ситуација постои некоја предност, Европа можеби нема да има друг избор освен да развие геополитичка стратегија за дваесет и првиот век. ЕУ во голема мера беше поштедена од популистичка бура на неодамнешните избори во Европскиот парламент. Сега мора да се фати за работа и да ги зачува својот просперитет и суверенитет во време на кинеско-американски судири.
Фишер е бивш вицеканцелар и шеф на дипломатијата на Германија