Од грчката амбасада во Скопје, поточно од Службата за јавна дипломатија (поранешната Служба за медиуми и комуникација), до првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ вчера пристигна напис за говорот на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на самитот за климатски активности во Генералното собрание на ООН, во Њујорк. Обраќањето на премиерот Мицотакис на Генералното собрание на ООН го пренесуваме во целост
Почитуван генерален секретар, почитувани екселенции, дами и господа,
Лани на 23 јули, околу пладне, изби мал пожар на еден рид во близината на Атина. Пожарникарските служби секоја година се справуваат со нив. Но овој пат беше поинаку. Поради силниот ветер, пожарот почна брзо да се шири и дури ја зафати приградската населба Мати. Пожарот не можеше да се стави под контрола кога ја зафати боровата шума околу станбените објекти. Луѓето панично бегаа да си ги спасат животите, но, за жал, 102 лица не успеаја. Тие исчезнаа во пламените јазици и сè се случи за помалку од четири часа.
Катастрофата во Мати длабоко го потресе грчкото општество. Екстремните временски неприлики се директна последица на климатските промени. Ова не е проблем што може да се одложува во наредните децении. Мора веднаш да се реагира, затоа што последиците влијаат дури и врз животите на оние што до неодамна не обрнуваа големо внимание на проблемот.
Мојата држава е калеидоскоп на природни убавини и уникатно културно наследство. Почитувањето на природата беше еден од главните принципи на многу грчки филозофи што ги разбираа последиците од нарушувањето на деликатната рамнотежа меѓу човекот и природата. Античките Грци немаа пристап до научни факти и затоа само даваа хипотези. Ние го немаме тој изговор, а сепак не дејствуваме.
Од почетокот на 90-тите години на минатиот век, човечките емисии на јаглерод диоксид во атмосферата се зголемија за половина од постојните, кога науката за климата стана доволно силна за да нè предупреди за последиците од неконтролираните емисии на стакленички гасови.
Иднината на Грција е поврзана со капацитетите за заштита на уникатната природна средина. Зголеменото ниво на морињата е закана по нашето крајбрежје и острови, па, така, и по нашата туристичка индустрија. Екстремните временски неприлики, како што се бурите, поплавите и топлотните бранови, особено штетно влијаат врз грчкото општество и нашата економија.
Ние, нашата нова влада, реши справувањето со последиците од климатските промени да го стави како приоритет во нашите владини политики. Ние сме целосно посветени на спроведувањето на Парискиот климатски договор и силно ја поддржуваме долгорочната стратегиска визија за климатски неутрална ЕУ до 2050 година.
Ова за нас не е само обврска туку е и голема економска можност. Грчката влада планира да усвои нова, амбициозна национална стратегија за енергија и клима пред крајот на оваа година. Сакам да истакнам две важни компоненти од неа.
Нашата цел е да ги затвориме сите термоцентрали на лигнит најдоцна до 2028 година и покрај фактот што сме голем производител на лигнит (кафен јаглен). Планираме да забраниме поединечна употреба на пластика во целата држава до крајот на 2021 година. Сепак, климатските промени не само што влијаат врз нашата сегашност и иднина туку влијаат и врз нашето минато и историја.
Екстремните временски неприлики и долгорочното влијание на неповолните климатски услови имаат потенцијал да нанесат значителна штета врз локалитетите од културното и природното наследство, како и да го нарушат вековниот начин на живот. Кога бактерии и маслиновите муви ги уништуваат маслиновите дрвја, не станува збор само за економска катастрофа. Тоа влијае врз животот на локалната заедница до такви размери што дури претставува закана по нашето уникатно, нематеријално, културно наследство. Грција е длабоко загрижена за можното влијание на климатските промени врз нашето културно и природно наследство.
Лани во јуни во Атина одржавме меѓународна конференција, со наслов „Влијанието на климатските промени врз нашето културно наследство: соочување со предизвиците“, чија цел беше да се издигне свеста и да се поттикне акција во светот по ова прашање. Заклучоците од конференцијата беа вклучени во предлогот, кој, со поддршка на партнерството од УНЕСКО и од Светската метеоролошка организација (ВМО), беше презентиран на самитот за климатски активности.
Нашите напори треба да се насочат на превенција и на мониторинг. Покрај големите неприлики, промените честопати се случуваат суптилно и постепено и не се забележуваат во првите фази. Издигањето на свеста не само на светско туку и на локално ниво е клучот за остварување на нашите цели.
Би сакал да им се заблагодарам на генералниот секретар, сите земји-членки на ООН, меѓународните организации и недржавните актери што ја поддржаа оваа иницијатива и да ги охрабрат оние што досега не го сторија тоа, да ги исполнат своите обврски.
Мојата држава има намера да свика состанок на високо ниво идната година во Атина, за да се усвои декларација за заштита на културното и природното наследство од влијанието на климатските промени.
Во 2020 година ќе се одбележат 2.500 години од поморската битка кај Саламина. Победата на Атињаните го отвори златниот век на класичната грчка Атина.
Под Акропол да дадеме свечена заклетва дека споменикот што опстојува 25 века ќе продолжи и во иднина да биде симбол на убавината и да се почитува природната рамнотежа од страна на идните генерации.