Ветувања, прогнози, идеи за промена на економската ситуација, за пораст на економијата има постојано, но малкумина ја гледаат бенефицијата од порастот на македонската економија
Темата за пораст на економијата повторно е актуелна, особено откако Светска банка ги намали прогнозите за економскиот пораст. Иако оваа слатко-горка тема честопати ја среќаваме во медиумите, малкумина можат директно да ја почувствуваат бенефицијата или некакво подобрување од економскиот пораст. За мене како граѓанин нема никаква разлика од често споменуваниот економски пораст, било да е 3,6 отсто, 3,2 проценти или, пак, 2 отсто, некако не чувствувам никакви промени во домашниот буџет… Повеќе или помалку, поголемиот дел граѓани одвај сврзуваат крај со крај, живот на вересија што би рекле самите. Маките се бесконечни, како да се платат сметките, како да се најдат пари за главните потреби, како храна, облека, обувки, да не го ставаме тука и превозот, било до работа или до училиште…
Попусто ни се фалењата дека некогаш порастот бил над три отсто, а сега нема никаков пораст, попусто ни е и пофалбата дека пораснала просечната плата. И понатаму голем дел од населението живее во долгови, на кредитни картички, со заеми. Да не спомнуваме дека многумина за да преживеат пребаруваат и во контејнерите, некои се одлучуваат и на просење, или крадење… позната е поврзаноста меѓу сиромаштијата и криминалот, но сето ова може да се надмине со правилни економски одлуки. Иако неколку години имавме позитивен пораст, минатата година Македонија имаше нула отсто пораст и, наместо посакуваниот и најавуван пораст од пет проценти, економијата лани стагнирала.
И додека сите бараат и посакуваат економски пораст од 5 отсто, експертите велат дека и со таков, на Македонија ќе ѝ требаат 20 години за да го достигне европското ниво на плати
Лошата економска состојба, беспарицата, слабата понуда на пазарот на трудот принудија многу македонски граѓани да заминат од земјава. Најпрво можеби само во потрага по работа и плата, но во последниве години веќе имаме масовни иселувања, а, да бидеме искрени, ретко кој размислува да се врати во родната земја. Носталгичари има многу, но ретко кој се враќа, а главната причина секако останува економската (не)развиеност. Факт е дека иселувања од ова поднебје има од многу одамна, но дали ваквата практика треба да продолжи и кога ќе започнат вистинските мерки што ќе дадат плод во економијата. Кога нашата економија ќе порасне доволно за граѓаните да почувствуваат бенефиција и да не размислуваат за заминување?
Денес секој втор, ако не и секој граѓанин размислува, посакува и бара начин како да ја напушти државата, како да најде работа во некоја од високоразвиените европски земји со повисока плата и да замине од тука. Ветувања, прогнози, идеи за промена на економската ситуација, за пораст на економијата има постојано, но малкумина ја гледаат бенефицијата од порастот на македонската економија. И додека сите бараат и посакуваат економски пораст од 5 отсто, експертите велат дека и со таков, на Македонија ќе ѝ требаат 20 години за да го достигне европското ниво на плати.
За да биде проблемот уште поголем, земјава е далеку од 5 отсто пораст, барем со сегашните прогнози и со нестабилната политичка ситуација, која, сакале или не, влијае и врз економијата. На последната прес-конференција на Светска банка, регионалната директорка во Светска банка за земјите од Западен Балкан, Линда ван Гелдер, истакна дека порастот во регионот е ранлив од домашни и надворешни шокови и дека порастот што го прогнозираат за следните години е условен од вистинска комбинација на политики и регулативи за намалување на ранливоста од шокови и за поддршка на порастот. Таа порача дека земјите од Западен Балкан мора да достигнат пораст на ниво од пет проценти за да можат за 20 години граѓаните да го имаат просекот на граѓаните од Западна Европа.
Во спротивно, со сегашниот пораст на балканските земји ќе им требаат шест децении за да го достигнат нивото на Европа. Автоматски тука се наметнува прашањето како и кога Македонија, а секако и земјите што нѐ опкружуваат ќе успеат да растат со посакуваниот процент, или пак да порасне економијата доволно за граѓаните да го почувствуваат тој пораст. Кога ќе запре економската миграција, одливот на млади и обучени кадри, кога ќе се најде решение од оваа безизлезна ситуација?