Хроничната потреба на големите сили брзо и непромислено со воени средства да влегуваат во решавање на светските геостратегиски проблеми и прашања не придонесува за ништо друго освен за камуфлирање на нивната немоќ тие проблеми да ги решаваат ефикасно и во рамките на нормите на меѓународното право, со политички средства и на мирен начин
Хроничната потреба на големите сили брзо и непромислено со воени средства да влегуваат во решавање на светските геостратегиски проблеми и прашања не придонесува за ништо друго освен за камуфлирање на нивната немоќ тие проблеми да ги решаваат ефикасно и во рамките на нормите на меѓународното право, со политички средства и на мирен начин. Светската историја, особено онаа од 19 и од 20 век, е полна со такви примери што ѝ даваат за право на оваа премиса. Но, сепак, ова непишано правило се покажува како недоволна поука за актуелните светски политички лидери денес, тие да се тргнат од таквата практика и во овој 21 век. На сите им е повеќе од извесно дека интервенционизмот не е исто што и интернационализмот, со коj сакаат да го идентификуваат и кој најчесто служи како форма или поточно како алиби на оние што се определуваат насилно и по пат на воени интервенции да решаваат важни и судбоносни светски проблеми, односно да остварат одредени свои економски или други интереси. (Моралните принципи секогаш остануваат во втор план.) Тоа им е полесно отколку по мирен пат да ги бараат излезот и решението на проблемот.
Историското искуство и горчливите сознанија за оваа политичка аномалија од минатото, се разбира по виорот од двете светски војни и неколкуте светски револуции, беа поттикот за раѓањето и на идејата за формирање на Друштвото на народите (алијас Организацијата на Обединетите нации – ООН), кон средината на минатиот век. Но и по неколкудецениското постоење и дејствување, Светската организација сѐ уште ги бара потребните модалитети за уредување или поуспешно менаџирање на сите старо-нови светски мировни процеси и проблеми што во меѓувреме го преплавија светот. Не постои начин за „брзо решавање“ на тие проблеми, бидејќи тие по својата суштина траат долго и ако се исклучат идеолошките, најчесто се поврзани со одбраната на идентитетот или со зачувувањето на правата на одредена територија на определен колективитет – нација.
Тоа во својата пригодна статија го заклучува и нам добропознатиот американски политичар и дипломат Кристофер Хил, кој од свој ракурс се обидува да го објасни и да навлезе во суштината на новиот неиделогизиран американски „интернационализам“, кој во последно време го свртува општото внимание на меѓународната политичка јавност. Со навестувањето за неговото можно враќање на меѓународната политичка сцена, Хил е уверен дека некогашниот „стар и добар“ американски интернационализам може бргу да се врати, но само ослободен од американските исклучивост и изолационизам, кои се обидува да ги наметне новиот американски претседател Доналд Трамп со неочекуваното доаѓање на чело на големата американска нација во 2016 година и промоцијата на кредото „Америка на прво место“. Тоа предизвика низа негативни ефекти врз американската надворешна политика и особено врз американската економија. Оттогаш влијанието на политиката на САД врз односите и соработката со некои свои традиционално приврзани партнери и сојузници во светот, вклучувајќи ги и најзначајните западноевропски земји, е сѐ помало и, како што вели Хил, „Америка е потребно да почне да соработува, а не да се конфронтира со сите, бидејќи традиционалните американски вредности се базираат врз почитувањето на принципите на либералната демократија, врз што лежи и нејзината меѓународна моќ и слава. Америка треба да служи за пример, а не да фабрикува конфликти“, заклучува Хил.
Тоа што Трамп се залага и ги штити интересите на САД само по себе е логично и во принцип може да најде оправдување, отежнувачка околност сепак е фактот што тој за сметка на фаворизирањето на американските односи со Руската Федерација, лесно може да ги изгуби и најлојалните пријатели на САД, не само во Европа туку и во Азија и Далечниот Исток. Особено ако таа своја политика американскиот претседател би ја спроведувал и во иднина, бидејќи неговите лидерски амбиции видливо се протегаат во рамките на уште еден изборен претседателски мандат, кој би траел дури до 2024 година. Тоа сепак би било премногу, иако доаѓа од еден Трамп, кој непрестано ги изненадува својата и светската јавност со коперфилдовските изјави и постапки преку својот вжештен твитер. Само за потсетување, во почетокот на годинава што изминува Трамп го закопа ентузијазмот на своите европски партнери, поддржувајќи го британскиот брегзит, истовремено навестувајќи ја можноста САД да го напуштат НАТО-сојузот доколку другите земји-членки не ги намируваат навреме своите материјални обврски кон Алијансата. „Не може само САД да ги плаќаат своите сметки“, се закани тогаш Трамп. Нешто подоцна таква закана американскиот претседател упати и кон ООН, и тоа од трибината на Генералното собрание на организацијата во Њујорк.
Во јуни 2018 година, САД излегоа од Советот за заштита на човековите права на ООН во знак на солидарност со Израел. Некако истовремено тој го објави и повлекувањето на САД од нуклеарниот договор со Иран, усогласен на ниво на Советот за безбедност, и ги извести американските трговски партнери дека САД воведуваат увозни царини за некои метали какви што се челикот и алуминиумот. Тоа предизвика паника во светските трговско-финансиски кругови, а американскиот претседател изгуби значајни поени од својот и онака лабав меѓународен углед. Значи постојат доволно оправдани претпоставки дека на САД на надворешнополитички план итно им се потребни мерки и чекори што ќе влијаат позитивно врз интернационализацијата на една нова и редизајнирана стратегиска доктрина, што ќе помогне оваа земја да се врати на позициите што ги имаше за време на последниот мандат на претходниот американски претседател Барак Обама. Дотогаш американските политички лидери треба да заборават на интервенционизмот како средство за решавање на кој било меѓународен проблем, или барем тоа да го сведат на една разумна мерка. Само тогаш САД можат да бидат уверени дека духот на Теодор Рузвелт сѐ уште бдее над американскиот потконтинент.