Ретко кој во Македонија ги спори придобивките од слободната трговија и технолошкиот развој во областите како што се телекомуникациите или инфраструктурата. Но кога се во прашање националната безбедност, заштитата на економските интереси и посебноста на македонскиот народ и неговиот културен идентитет либерализмот и глобализацијата ги губат своите предности
Најголемата опасност за опстанок на националните држави во Европа е транснационалниот глобализам. Во борбата за зачувување на националниот карактер на секоја држава мора да се надминат три главни форми на несигурност: физичка, економска и културна. Таканаречените популистички движења во Европа се во подем токму поради тоа што во својата политичка програма на својот народ им нудат физичка безбедност во границите на својата држава, економска сигурност (ограничување на владеењето на глобалните корпорации) и заштита за нивната културна и национална посебност. Во Македонија, како и насекаде низ Европа, глобализацијата ги подрива националните, а во замена ги нуди неолибералните вредности, кои го уништуваат македонскиот карактер на државата, а со тоа и традиционалните вредности и културната посебност на македонската нација. Ретко кој во Македонија ги спори придобивките од слободната трговија и технолошкиот развој во областите како што се телекомуникациите или инфраструктурата. Но кога се во прашање националната безбедност, заштитата на економските интереси и посебноста на македонскиот народ и неговиот културен идентитет, либерализмот и глобализацијата ги губат своите предности. Македонците сѐ уште имаат можност да донесат одлука дали ќе ги заштитат нивните традиционални вредности и националното и културно богатство што го поседуваат. Меѓутоа тој избор има последици. Со други зборови, Македонците можат да одлучат дали да поседуваат своја сопствена национална држава или не. Глобализацијата неизбежно води до одземање на сувереното право на одлучување, а со тоа и престанок на нацијата како одлучувачки фактор. Како таква, државата престанува да биде држава на македонскиот народ и е само вазалска територија под контрола на надворешни сили без национален интерес.
Само движење, партија или организација со национален карактер може да доведе до зачувување на Македонија како држава на македонскиот народ. Со оглед на трите главни форми на несигурност, таа политика мора да доведе пред сѐ до внатрешна физичка безбедност (контрола над државните граници, заштита против инвазија и демографска нестабилност со која се загрозува опстојувањето на македонскиот народ на неговото вековно огниште). Програмата за опстојувањето на македонскиот народ, исто така, мора да содржи и реална економска сигурност, заштита на клучните економските капацитети на државата, како што се заштитата на енергетските и природни ресурси, земјоделското и индустриско производство, национална контрола над тешката индустрија и рударството, претприемаштвото и независна монетарна политика.
Трето, национална држава мора да го заштити своето историско и културно богатство како што се националната култура, фолклор, религија, јазик, обичаи и својата традиција. Македонија има извонредно и ретко културно историско наследство. Културната сигурност на македонскиот народ е најважната улога на државата за зачувување на својата сувереност и за опстојување на македонскиот народ во идните поколенија. Оваа сигурност би се постигнала со политичка програма во која се гарантира не само правото на македонска посебност туку со која се негува, надградува и шири македонизмот.
(Авторот е редовен професор на Универзитетот во Виндзор и на колеџот „Сент Клер“ во Виндзор, Онтарио, Канада. Член е на Иницијативниот одбор на Родина.)