На едно предавање на часовите по теорија на литературата славниот професор Димитар Митрев говореше за пристапот кон читањето на делата на писателите. Не за пристапот кон пишувањето што го применуваат писателите туку за пристапот кон читањето што го практикуваат читателите. Притоа, професорот откри за нас студентите изненадувачка постапка што му е дозволена на секој читател на поезија и проза, особено на роман. Елоквентниот, реторичен и исклучително занимлив предавач Митрев, еден од основоположниците на македонската книжевно-критичка мисла кај нас по Втората светска војна, искажа мислење што на прв поглед изгледаше збунувачки. Рече дека читателот не е должен да дочита докрај некое книжевно дело ако тоа не му остави впечаток уште од првите стихови или од првите страници. Дочитувањето е должност на критичарот, но не и на читателот.
За мене, како и за многумина други во предавалницата беше навистина необичен тој дел од изреченото од големиот познавач на литературата. Необично беше и да му се поставуваат какви било прашања на почитуваниот и авторитетен професор на тогашниот Филозофски факултет и еден од првите избрани академици во првиот состав на МАНУ. Не знам како, совладувајќи ја студентската трема, со треперлив глас, се осмелив да го прашам професорот како го објаснува тој пристап, зошто му го дава тоа право на читателот. Неговиот одговор го паметам до денес, најверојатно затоа што беше многу упростен, без теоретски елаборации или употреба на славни мисли од славни луѓе. Одговорот го сведе на најпросто можен, разбирлив и нелитературен јазик. Објасни наједноставно велејќи: „Ако некому му дадете да јаде тегла со расипан ајвар, не може да го натерате да ја дојаде целата. Или ако на детето му дадете сматок, не може да го терате да го изеде целото расипано јајце“. Таков приближно беше упростениот одговор. Од професорот сум запамтил и уште една „асли“ литературна сентенца. Таа гласи: „Многу писатели знаат да пишуваат, но не знаат да читаат. Кога би си го прочитале тоа што го напишале, никогаш повеќе не би седнале да пишуваат“.
Овие далечни, но трајни спомени од студентските години, иако литературно-книжевни, сѐ повеќе ме наведуваат на споредба со начинот при донесувањето и спроведувањето закони во Македонија, вклучувајќи го и актуелниот закон за употреба на јазиците, чиј лажен наслов упатува дека се однесува на повеќе јазици, а всушност се однесува само на еден – на албанскиот јазик. Ако девет од десет научни институции, девет од десет професори по право, девет од десет адвокати, девет од десет лингвисти, девет од десет книжевници, девет од десет граѓани (Македонци, се разбира) велат дека тој закон е сматок, се предлага, прифаќа и изгласува она што го предлага, пласира, форсира и објаснува само еден, иако и тој едниот знае и јавно признава дека законот смрди на расипано јајце. На мувлосан ајвар. И како таков тој закон им се наметнува од властите на граѓаните со јасна порака: иако е сматок, ќе мора да го изедете цел. Ќе го јадете – вели власта што предлага, ќе јадете и ќе трпите, велат пратениците што изгласуваат – па, ќе видиме што ќе се случи, но за последиците не одговараме.
За дваесет и пет години нема закон што не е најмалку десетпати менуван, во многу случаи се брише она што функционирало добро, а се впишува она што не може да профункционира. Нема закон што не бил критикуван, не бил доведен во прашање и кој содржи одредби што не може да се спроведуваат во секојдневната практика. Или обратно – ако се спроведуваат доследно, така како што се напишани, речиси ништо не може да функционира. Сѐ би застанало. На тапет сѐ уште е донесениот закон за приватизација на претпријатијата со општествен капитал, како недоносени (сматоци) се третираат законите за нотарите и извршителите, законите со казнените одредби во сообраќајот (особено ненормалните и крвнички казни за паркирањето и пајаците во Скопје), за државните службеници, за просветните и културните работници, за полицајците, за војниците. Да не ги спомнуваме законите за здравството, кое од година на година е понеорганизирано и поболно. Шума од законски сматоци, кои формално се прават во корист на корисниците и на граѓаните, а најчесто се на нивна штета.
Би додал уште една слика, како дополнување што доволно говори за нашиот правен систем и грижата за него. Не сум проверувал, но верувам дека ако се направи една најповршна споредба, ќе се согледа дека Република Македонија по осамостојувањето е светски рекордер по промена на лица што ја извршувале функцијата – министер за правда. Народски кажано, уште едниот не седнал во фотелјата, дошол нов. Едниот работел на една половина од некој закон, другиот на втората, третиот на третата. И дека ниту еден министер не ги чита, а камоли да ги знае законите. Сведоци сме дека и пратениците во Собранието, во најголем дел, немаат поим кои и какви закони се носат и што пишува во нив. Примерите кога во еден ден се изгласуваат по сто закони доволно говорат за тоа. Кој е тој пратеник што може да ги прочита сите тие томови хартија. Плус што законите во Македонија се крајно конфузни, здодевни, некои полуписмени други формалистичко преписмени четива, неразбирливи за корисниците, често нејасни и за самите пишувачи. Затоа има закони што, сами по себе, едни со други се во директен правен конфликт, затоа сме сведоци кога и двајца пишувачи на еден ист закон при подоцнежно толкување имаат две различни гледања, различни ставови и толкувања. И кога настанува или правен вакуум. правна збрка или општествена и политичка забуна за која нема соодветно решение.
Да го земеме за пример Уставот, највисокиот правен акт на државата. Од денот кога е донесен во 1991-та, преку амандманите во 2002-та, кои драстично го сменија првобитниот национален лик и правен систем на државата, до денешните случувања, тој е на стаклени нозе. Политичките замешателства, коктелот од сматоци во Македонија е толку голем, што дури и Уставниот суд не може да каже кој е во право, кој во криво. И ако каже дека некој е во право, сите ќе нагрнат со тврдење дека не е во право. И обратно. Врти-сучи, излегува дека правото не е во правото туку во оној што наредува какво да биде правото. Не зависи од правниот систем, туку од оној што го спроведува. И од тројца-четворица партиски лидери. Дваесет и пет години нивните јавни и или тајни договори се и систем и закон во оваа држава.
Ќе наведам еден личен пример поврзан со општествен случај, за кој верувам дека попрактично ќе го објасни ова што го пишувам. Во 2006 година беше формирана Комората на медијатори на Македонија, каде што бев меѓу првите членови. Формирана непосредно пред падот на СДСМ (министер за правда надежната Мери Георгиевска), а конституирана по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ (министер, стариот комунистички кадар Михајло Маневски). Новиот министер не признаваше ништо од стариот (од младата министерка), вклучувајќи го и изборот на медијаторите, нарекувајќи го „комуњарски“ состав. Девет месеци го молевме министерот да интервенира за една процедурална дреболија за да може Комората да се регистрира во Централниот регистар. Она што министерството можеше без никаков проблем да го направи за една-две минути, го влечеше осум-девет месеци.
Министерот реши да го менува и прводонесениот закон, „комуњарскиот“. Сите укажувања дека од него предложените измени одат на штета на медијацијата министерот ги отфрлуваше со индигнација, со изразита партиска и лична нетрпеливост. Стапивме во контакт со професорите што го пишуваа новиот текст на законот. На двајцата универзитетски професори од Правниот факултет, доктори на науки, правниците меѓу медијаторите им укажуваа што практично бараме ние и што предлагаме работите да се одвиваат кон подобро. Професорите нам ни го одговорија следново: „Вас ве почитуваме, но ние работиме за Министерството за правда. Тоа нас нѐ плаќа. Според тоа, ние само написмено го обликуваме тоа што од нас го бара министерот, а вашите желби се само пусти желби“. Тогаш сфатив како функционира дел од правниот систем на Македонија, иако до ден-денес не можам да го доразберам.
Ете, така се донесе новиот закон за медијација, кој испадна сматок. Оттогаш до денес законот е менуван најмалку десетпати, од што се излезени десет расипани јајца. Имајќи во вид дека по тој терк се носат сите закони, излегува дека тие не се наменети „за оние за кои е речено, туку за оние за кои е печено“. Нека не ве чудат разните различни професорски толкувања, учества во ТВ-дебати и слично, зашто таму не станува збор за создавање праведно општество, за идеали, за висок морал, професионален и личен дигнитет, зашто секој снесен сматок дебело се плаќа.