Измислувајќи име за „новата“ држава Република Македонија, некој посегна (подметна) по невидена политичко-историска измислица, накај будалаштина, која од историски факт лесно ќе направеше историска карикатура. Колумбо во 1492 г. мислел дека ја открил Индија и локалното население го нарекол Индијанци. Истата 1492 г., Мустафа-паша среде Усќуп (Скопје) ја изградил неповторливата Мустафапашина џамија, која им пркоси и на времето и земјотресот, до денес. Вистинската, денешна Америка ја открил Италијанецот Америго Веспучи и, по него, новиот континент е наречен Америка. Посебен восхит имам кон семејството Веспучи, не толку поради убавата Америка, туку поради нивната снаа, убавата Симонета Веспучи, која му била акт-моделка на Сандро Ботичели, во неповторливата слика раѓањето на „Венера (Афродити) од островот Милос“ (Кипар), која ја видов со свои очи, за своја душа, во музејот на незаборавната Фиренца.
Сепак, САД се наш стратегиски пријател и поддржувач за ЕУ и НАТО-амбициите и во пресрет на несакани последици, должен сум, како нивни пријател и поддржувач, да ги предупредам и да им понудам спасоносно решение, во нивна полза. Не се знае, можеби некој израсток-тртка од семејството (итал. фамилија) Веспучи, патриот-идиот, мафијаш или шутрак, сеедно е, во иднина може да бара промена на името Америка во ООН! А, за да биде подраматично, тие се две: Јужна и Северна Америка. А на зборот Северна особено станувам алергичен. Можеби оттаму ми доаѓа и фобијата (гр. стравот), од Северна Кореја се плашам исто колку и од Северна Америка. Затоа благовремено предлагам нивна историска битка да биде корен на новото име, на евентуално новата држава, засега позната под акронимот САД. Битката се случила во денес северната држава на САД, Монтана, чиј поштенски код е МТ, безмалку МК, и главен град е Хелена, замислете без одобрение од Република Грција, кое исто така може да биде предмет на уште понов спор. Затоа, се нудам да посредувам, за евентуална промена на името на САД-Америка и посегнав по избор на историски битки, кој евентуалниот посредник за промена во разликите на името може да го искористи како модел за слична политичко-државничка карикатура од име. Еден од моите предлози е: „Држава Литл Бигхорн – Америка“, а можеби во заграда ќе звучи уште подобро ,,Држава Литл Бигхорн (Америка)“. Битката крај реката Литл Бигхорн се случила на 25-26 јуни 1876, цели 35 дена и 27 години, пред битката на Мечкин Камен во илинденска Република Македонија и затоа ја земам како модел за име на држава со предност, како прв дојден – прв услужен.
Јунакот-војсководец и победоносец, со 1.200 четници го ослободува градот Крушево, на десетдневната Република Илинденска Македонија (2-12 август) бил Питу Гули. Истиот тој на 13 август 1903 го откажал решението на војводскиот совет, четниците да го напуштат Крушево наспроти 10.000 војска на Бахтијар-паша. Останал со 170 верни јунаци да му се спротивстави на Мечкин Камен, надвор од градот, за да не страда цивилното население! Јунакот Питу Гули не да имал јајца туку имал табла јајца, за да спротивстави на 10.000 одмаздничка војска на Бахтијар-паша. Фамозниот датум 13 август, дури по цели 98 години, конечно го доби златниот печат, во 2001 година, кога го потпишавме победоносниот Рамковен договор.
А јунакот-војсководец и победоносец на битката кај реката Литл Бигхорн, покрај чии брегови се наоѓало малечко индијанско село, во типичните живеалишта во вид на шатори конус, со вкупно 949 типити (вигвами), во кои имало 900-1.800 воини. Тоа биле обединетите сили на Индијанците Лакота-Оглала, познати како Сијукси (,,вистинските змии“), предводени од поглаварот Лудиот Коњ – Крејзи Хорс (Тачунке Витко). Тие во минатото владееле и живееле на огромни територии (!), кои денес се САД, во држави, кои сите се на север: Минесота (територија колку 10 денешни РМ), Северна Дакота (територија колку 7,5 денешни РМ), Јужна Дакота (територија колку 8 денешни РМ), Небраска (територија колку 8 РМ), Вајоминг (територија колку 10 РМ) и Монтана (чија територија е колку 15 денешни РМ).
Или, собрано на куп, до доаѓање на белиот човек и демократијата, Сијуксите владееле со територија колку 59 денешни РМ! А, денес Сијуксите живеат во неколку резервати и општини на САД и Канада. И северните Чејени (,,човечки суштества“) учествувале во победничката битка кај Литл Бигхорн, предводени од Двете Месечини. индијанците Хункпапа-Лакота ги предводеше Бикот што Седи (Татанка Јотаке), како дете нарекуван Слон-хе (Бавниот), тој бил поглавар и шаман на племето Лакота.
Неговата улога била значителна во победата на Сијуксите кај Литл Бигхорн, во кое мало учество имале и Индијанците Арапахо. Едноставно, ги растуриле, до смрт, потполковникот Џорџ Армстронг Кастер и неговата Седма Кавалерија (коњаница). Тој не успеал да ги надитри домородните патриоти во одбрана на домородната територија.
И покрај скаутските набљудувања и предупредувања од скаутот Мич Бује: „Генерале, јас сум бил со тие Индијанци цели 30 години и тоа е најголемото индијанско село за кое сум чул“. Кастер знаел дека Индијанците ќе се распрснат на неколку страни и тргнува во „победа“, среде бел ден. Во победничката битка за Индијанците загинале потполковникот Џорџ Кастер, неговите два брата и сопругот на неговата сестра Џејмс Калхун. Битката е победничка, за сметка на домородното население, Сијукси и Чејени и малку Арапахо, наречени Индијанци, а поразените се доселеници од „дијаспората“ наречени Каубои, предводени од Кастер. И покрај големото учество на Индијанците во американската историја, тие денес се маргинална група, која јас ја почитувам од повеќе причини. Во продолжение, заслугата на Индијанците Навахо (сродна група на Апачите): до 1864 г. (39 г. пред Илинден) тие владееле со огромна територија во четириаголникот Аризона, Ново Мексико, Јута и Колорадо.
Индијанците Навахо се врвни експерти во водење „партизански војни“, но не биле партизани и затоа денес живеат во најголемиот резерват во САД на цели 62.362 квадратни километри, што е речиси колку две и пол денешни РМ. Индијанците Навахо во војската на САД, во време на Втората светска војна, имаа неверојатно значајна воена улога, во навахо-стил.
Во екот на поморските битки на Пацификот, Јапонците успешно ги дешифрирале сите радио и телеграфски шифрирани пораки, и тоа ги чинело Американците многу торпедирани бродови. Но двајца Индијанци Навахо, радиотелеграфисти, од два различни воени брода, постојано во ноќта си разговарале помеѓу себе – на навахо-дијалект. Сосема обични, приватни, а не војнички разговори. Тоа многу ги збунило Јапонците и машинеријата експерти за дешифрирање, кои никако не успеале да го преведат „тајниот“ разговор. Американците се досетиле дека тоа може да биде голема воена итрина. И така постапиле, сите воени планови и стратегии и комуникација помеѓу бродовите биле водени на навахо-дијалектот. Ниту еден разговор до крајот на војната не бил дешифриран.
Во Северна Каролина денес живеат Индијанците Чероки, во резерват од 360 квадратни километри, или 15 проценти од територијата на РМ. Индијанците Чероки се први од северноамериканските Индијанци ,, старите племенски совети ги заменија со свој парламент и свој устав. Создаваат свои училишта и достигнуваат стандард на живот на кој им завидуваат и белите соседи. Имаат и своја чероки-азбука. Најпознат претставник на Чероки е пејачката Шер. Таа е Чероки по мајчина линија, а по таткова е Ерменка. Нејзиното вистинско име е Шерилин Ла Пјер Саркисјан.
Ако внимателно читавте, заедничка линија на оваа индијанска историја и територија е – Север. Просто, дојде време да ја мразам географската одредница север. Учевме дека на Север е студено, а во северни и студени краишта, нештата и предметите се собираат, се смалуваат. Што ли ќе биде со мојата сегашна држава, Република Македонија, кога ќе стане северна? Дали и таа Република Северна Македонија ќе подлежи на законите на физиката и ќе почне да се смалува, како малиот резерват на Индијанците Чероки во Северна Каролина?