Владата на премиерот Зоран Заев се посвети целосно и единствено на решавање на спорот со Грција, со договор, кој предизвика поделба во земјата и неуспешен референдум
Последниот коментар во годината го посветувам на оцена на годината што изминува. Оцената за 2016 година беше дека е предизвик на статус квото, 2017 година како крајно непредвидлива, а 2018 година, пред се за Македонија очекувањата беа поврзани со интеграциите во НАТО и ЕУ.
Оцената минатите години ја базирав на победата на Доналд Трамп, наспроти очекуваната победа Хилари Клинтон, како кандидат на статус квото. Повеќемина сметаат дека Трамп е првиот постидеолошки претседател, дека ќе значи унилатерализам, но и повеќе, ќе значи напуштање на политика заснована на вредности како демократија и човекови права и вртење кон трансакциска политика или што има тука за Америка. Тоа би било крај на седум децении на Пакс американа, крај на Западот како вредносен поим, и негово сведување на чиста географија и враќање на реалполитиката на голема врата. Тоа би значело натамошно повлекување на Америка од глобалната политика и оставање на празен простор (за Русија, за Кина) и слабеење на НАТО и други мултилатерални институции и договори. Во анализите се фокусирав на ЕУ, Запад – Русија и Запад – ислам, како глобални прашања што најмногу ја засегаат Македонија, а не ја вклучуваат Кина, сила во подем.
За 2018 година предвидував дека ќе продолжат трендовите од 2017 година, што може да доведе до контекст во кој е многу веројатна глобална криза. Глобална криза како кризата од 2008 година не се случи, но не значи дека ризикот е избегнат. Не се случи ни првиот поголем геополитички инцидент во децении, но Трамп ја почна својата трговска војна со Кина и со други земји како ЕУ и Турција. Покрај трговските унилатерални чекори, САД го напуштија договорот со Иран. Со тие неколку чекори Трамп го демонстрира унилатерализмот (#MAGA), иако истовремено повлече и спротивни чекори како продолжување на НАФТА-договорот со Канада и со Мексико. Една од најдобрите илустрации за тоа како Трамп ги разбира геополитиката и #MAGA е последната одлука, каде што по разговор со Ердоган, без знаење на клучни луѓе во Пентагон, донесува одлука за повлекување од Сирија, и за продажба на американски ракети на Турција, наместо најавените руски ракети. Оцената на ефектите на #MAGA се спорни, на пример и покрај трговската војна со Кина, дефицитот на САД во трговијата со Кина е во пораст. Од друга страна, со поделената победа на изборите за Конгресот и Сенатот, Трамп покажа дека дома во САД сѐ уште не е целосно потрошен политички.
И доколку пред една година перспективите во Европа изгледаа подобри, тоа не се случува. Изгледаше дека бранот на десен популизам е запрен, по шокот на брегзит и победата на Доналд Трамп, не се случи спиловер-ефект, туку на изборите во Франција, Холандија и во Германија десните популистички партии беа запрени. Победата на Макрон значеше надеж во реформирањето на Франција и во зацврснувањето на ЕУ. И додека Макрон правеше проекции за изборите во ЕУ 2019 година, чија жртва беше и датумот за преговори за Македонија, се чини дека тоне на домашен терен, во протестите на „жолтите елеци“. Во Германија ситуацијата во која Меркел не ги изгуби изборите, ама не ги ни доби, заврши во повлекување на Меркел од лидерската функција во партијата, што е почеток на крајот на Меркел. Така, се чини франко-германското лидерство на ЕУ е во криза. За најкомплексните преговори во историјата – преговорите за излезот на Велика Британија од ЕУ, постои ризик за колапс, бидејќи се чини дека постигнатиот договор ја нема политичката поддршка во Британија. Така, се чини дека клучните европски држави, вклучувајќи ја и Италија каде што влада формираа антиестаблишмент-партии, се соочуваат со крајот на статус квото, без јасна слика што е идната посакувана состојба.
За 2017 година напишав дека со отсутна Америка, слаба ЕУ, јаки Путин и Русија, и присутни Ердоган и Турција, Македонија и Балканот може да влезат во геостратегиска конфузија, и дека на Македонија ѝ треба влада што ќе биде подготвена за предизвиците во 2018 година, како можеби најповолната можност за интеграцијата во НАТО и за почнување преговори со ЕУ. Сѐ помалку од НАТО-членство сега и од ЕУ-членство во 2025 година, ќе нѐ турне во нова спирала на бесперспективност. Владата на премиерот Зоран Заев се посвети целосно и единствено на решавање на спорот со Грција, со договор, кој предизвика поделба во земјата и неуспешен референдум.
Натамошното спроведување на договорот во Собранието, вклучувајќи и амнестија, продолжи да предизвикува контроверзии и поделби. Но се чини дека договорот ќе биде спроведен од македонската страна, а одговорноста ќе прејде на грчката страна. За жал, ЕУ не ѝ додели датум за преговори на Македонија, од причини наведени погоре, но и покрај тоа се чини дека Македонија ќе излезе од статус квото во евроатлантските интеграции.
Среќни празници!
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #2018