Би сакал да упатам апел до нашите политичари од власта и од опозицијата да седнат на една маса, но не да се расправаат и да се караат за тоа кој има поголема вина за проблемите со кои се соочува државата, туку да се договорат за тоа што треба да прават и како да постапуваат за да се најде најсоодветно решение за иднината на РСМ и нејзините граѓани. Со надминувањето на спорните прашања во односите со соседните земји, нашата земја ги исполни условите за зачленување во НАТО и за почнување на преговорите со ЕУ. Датум за преговори ќе биде определен во моментот што ќе биде најсоодветен за Унијата, така што нашите политичари не би требало прашањето за датумот да го драматизираат и да го злоупотребуваат во борбата за власт!
Актуелните состојби во односите на Република Македонија (по ново РСМ) со Европската Унија (ЕУ) ме потсетуваат на вицот за одумирање на државата, кој беше актуелен во времето на комунизмот. Во некое село дошол партиски функционер да држи предавање во кое, меѓу другото, се осврнал и на познатата марксистичка теза за постепено одумирање на државата. Кога функционерот завршил со излагањето, за збор се јавил Трпе и на функционерот му поставил прашање кога ќе се изгради училиште и кога ќе се направи пат до селото. Комшијата Мирко, кој седел до него, го прекорил: А, бре, Трпе зарем не слушна дека државата умира, а ти бараш училиште и пат!
Во последно време македонските политичари прават драма околу датумот за преговори на нашата држава со ЕУ и најавуваат дека нема да ги остават на мир германската канцеларка Меркел и францускиот претседател Макрон сѐ додека не се изјаснат за датумот за преговори! Очигледно нашите политичари не се свесни дека на Меркел и на Макрон им чадат главите од тешките проблеми со кои се соочува ЕУ и мислат дека тие би требало приоритетно да се занимаваат со желбите на нашата држава за зачленување во ЕУ. Добивањето датум е формален чин, кој е сaмо увертира на еден сложен, тежок и долготраен процес на преговарање за зачленување во ЕУ!
ЕУ се наоѓа на историска пресвртница и се соочува со исклучително тешки наталожени проблеми, кои бараат итни решенија. Лидерите на ЕУ не знаат како да се справат со брегзитот, Џорџ Сорос предупредува дека, доколку не се разбуди и доколку не ги препознае внатрешните и надворешните закани, ЕУ ќе се распадне како Советскиот Сојуз. Непредвидливата политика на американскиот претседател Доналд Трамп создава големи предизвици пред лидерите на ЕУ, францускиот филозоф Бернар Анри Леви осмисли и напиша манифест, кој го потпишаа голем број истакнати европски интелектуалци, во кој се оценува дека „Европа како идеја се распаѓа пред нашите очи!“.
Европската Унија ни по повеќе од половина век не успеа да дефинира своја економска стратегија, ниту политика за развој на индустријата и науката! Германија продолжува со традициите на втората индустриска револуција во која суверено доминира (машинската и моторната индустрија), Франција форсира дејности од третата индустриска револуција (електроника и електротехника) и некои сегменти од четвртата индустриска револуција, а со информатичката технологија, особено со телефонијата, се занимаваат некои помали земји-членки на ЕУ, како Шведска, Финска и Естонија!
ЕУ како да е закопана во економската шема што беше воспоставена пред половина век. Во шеесеттите години од минатиот век за субвенции во земјоделството се издвојуваа 50 проценти од буџетот на тогашната Европска економска заедница (ЕЕЗ). Најголем корисник на овие средства беше Франција. Сега за субвенции на земјоделството се издвојуваат помалку средства, меѓутоа фактот што Франција, Холандија, Данска, па дури и Германија, имаат голем извоз на земјоделски производи, поточно на храна, покажува дека европските лидери ја пропуштиле шансата за навремено преструктурирање на нивните економии како предуслов за успешно вклучување во глобализираната светска економија!
Може да се набројуваат многу други работи што ја загрозуваат иднината на ЕУ и кои сега им се тежок товар на европските лидери, особено на Меркел и на Макрон, почнувајќи од економијата и финансиите, одбраната и безбедноста, проширувањето на ЕУ, тероризмот, кризата со мигрантите, па до климатските промени. Овие проблеми е невозможно да се елаборираат во една статија, така што за нив во некоја друга пригода.
Би сакал да упатам апел до нашите политичари од власта и од опозицијата да седнат на една маса, но не да се расправаат и да се караат за тоа кој има поголема вина за проблемите со кои се соочува државата, туку да се договорат за тоа што треба да прават и како да постапуваат за да се најде најсоодветно решение за иднината на РСМ и нејзините граѓани. Со надминувањето на спорните прашања во односите со соседните земји, нашата земја ги исполни условите за зачленување во НАТО и за почнување на преговорите со ЕУ. Датум за преговори ќе биде определен во моментот што ќе биде најсоодветен за Унијата, така што нашите политичари не би требало прашањето за датумот да го драматизираат и да го злоупотребуваат во борбата за власт! Имајќи предвид дека нашата држава на термин за почнување на преговорите со ЕУ чекаше триесетина години, може да почека уште неколку месеци! Меѓутоа, многу позначајно би било нашите политичари да се договорат како заеднички да работат за забрзување на претстојните преговори, за колку што е можно побрзо зачленување на нашата земја во ЕУ!
Авторот е поранешен дипломат