Со години политичките лидери, како што е поранешниот американски секретар за одбрана Леон Панета, предупредуваа од опасноста од „сајбер Перл Харбор“. Подолго време знаеме дека потенцијалните противници инсталирале малициозен софтвер во нашата електрична мрежа. Одеднаш може да снема струја во големи региони и тоа да предизвика економски колапс, хаос и жртви. Русија спроведе таков напад во декември 2015 година, во својата хибридна војна против Украина, но тој траеше само неколку часа. Претходно, во 2008 година, Русија изврши сајбер-напади за да ги попречи напорите на Владата на Грузија да се одбрани од руските сили.
Досега, сепак, сајбер-оружјето се чини дека е покорисно за сигнализирање или за сеење конфузија отколку за физичко уништување – повеќе како оружје за поддршка отколку како средство за обезбедување победа. Милиони напади врз мрежите на други земји се извршуваат секоја година, но само помалку од десет имаат предизвикано значителни физички (наспроти економски и политички) штети. Како што велат Роберт Шмид, Мајкл Сулмејер и Бен Бјуканан, никој никогаш не бил убиен од сајбер-капацитети.
Доктрината на САД е да одговорат на сајбер-напад со секое можно оружје, пропорционално на физичкото оштетување, во согласност со меѓународното право, вклучувајќи го и правото на самоодбрана, кое се однесува на сајбер-конфликтите. Бидејќи струја и светло има, можеби ваквата стратегија функционера.
Од друга страна, пак, можеби гледаме на погрешно место, а вистинската опасност не е во големата физичка штета, туку во конфликтот во сивата зона на непријателство под прагот на конвенционалното војување. Во 2013 година, рускиот началник на Генералштабот, Валери Герасимов, опиша доктрина за хибридна војна што ги спојува конвенционалното оружје, економската принуда, информатичките операции и сајбер-нападите.
Употребата на информации за да се збуни и да се подели непријателот беше практикувана во голема мера за време на Студената војна. Она што е ново не е основниот модел, туку високата брзина и ниската цена на ширење на дезинформациите. Електроните се побрзи, поевтини, побезбедни и попрецизни од шпионите што носат наоколу вреќи со пари и тајни.
Ако рускиот претседател Владимир Путин ја гледа својата земја како заглавена во борба со САД, но е обесхрабрена од немерата да употреби високи нивоа на сила поради ризикот од нуклеарна војна, тогаш можеби сајбер-оружјето претставува совршено оружје. Тоа е насловот на една важна нова книга на новинарот на „Њујорк тајмс“, Дејвид Сангер, во која се тврди дека, освен што може да ги „да ги уништат банките, базите на податоци и електричните мрежи“, сајбер-нападите „можат да се употребат за да го уништат граѓанското ткиво што ја држи цврсто демократијата“.
Сајбер-мешањето на Русија во американските претседателски избори во 2016 година беше иновативно. Не само што руските разузнавачки агенции ги пробија имејловите на Демократската национална комисија и ги објавија податоците преку Викиликс и други медиуми за да ги обликуваат американското мнение и вестите; тие, исто така, користеа платформи на социјалните мрежи со седиште во САД за да шират лажни вести и да ги поларизираат спротивставените групи Американци. Хакерството е нелегално, но користењето на социјалните медиуми за сеење конфузија не е. Брилијантноста на руската иновација во информациската војна беше да се комбинираат постојните технологии до оној степен до кој може да се негира инволвираност, и тоа веднаш под прагот на отворен напад.
Американските разузнавачки агенции го предупредија претседателот Барак Обама за руските тактики и тој го предупреди Путин на негативни последици кога двајцата се состанаа во септември 2016 година. Но Обама не сакаше јавно да ја повика Русија или да преземе силни дејства поради стравот дека Русија ќе ескалира со напад врз електронските уреди за гласање и ќе ја загрози очекуваната победа на Хилари Клинтон. По изборите, Обама реагираше јавно, протера руски шпиони и затвори некои дипломатски објекти, но слабиот одговор на САД го поткопа ефектот на обесхрабрување. Бидејќи претседателот Доналд Трамп ова прашање го третира како политичко оспорување на легитимитетот на неговата победа, неговата администрација исто така не успеа да преземе силни чекори.
Спротивставувањето на ова ново оружје бара стратегија за организирање широк национален одговор, кој ги вклучува сите владини агенции и нагласува поефикасно одвраќање. Казнувањето може да се изведе во рамките на сајбер-доменот преку приспособени противмерки и преку домени со примена на посилни економски и лични санкции. Исто така ни треба одвраќање преку попречување, со тоа што активноста на напаѓачот ќе биде поскапа од вредноста на придобивките што треба да се земат.
Постојат многу начини да се направат САД посилна и поотпорна цел. Чекорите вклучуваат обука државни и локални избори функционери; хартиена трага од електронските машини за гласање; поттикнување кампањи и партии да ја подобрат основната сајбер-хигиена, која вклучува енкрипција и двофакторска потврда; работа со компании за да се исклучат ботовите од социјалните медиуми; барање идентификација на изворите на политички реклами (како што сега се прави на телевизија); забрани за надворешнополитичко рекламирање; промовирање независна проверка на фактите; и подобрување на медиумската писменост на јавноста. Таквите мерки помогнаа да се ограничи успехот на руската интервенција на претседателските избори во Франција во 2017 година.
Дипломатијата исто така може да игра улога. Дури и кога САД и Советскиот Сојуз беа жестоки идеолошки непријатели за време на Студената војна, тие беа во можност да преговараат за договори. Со оглед на авторитарната природа на рускиот политички систем, би било бесмислено да се бара согласност за немешање во руските избори. Сепак, можно е да се воспостават правила што ги ограничуваат интензитетот и зачестеноста на информациските напади. За време на Студената војна двете страни си ги убиваа шпионите, а договорот за поморски инциденти го ограничи степенот на инциденти во надгледувачките мисии. Денес таквите договори се чинат неверојатни, но вреди да се истражуваат и во иднина.
Пред сè, САД мора да покажат дека сајбер-нападите и манипулацијата на социјалните медиуми ќе предизвикаат трошоци и на тој начин нема да останат совршено оружје за војување, кое се лоцира под нивото на директниот оружен судир.
Авторот е професор на Харвард