Пред неколку дена во весникот „Нова Македонија“ во текст на редакцијата под наслов „Сѐ уште е голем јазот меѓу нормативното и стварното“ е даден преглед на хронолошки настани од кои се гледа дека во повеќе случаи Собранието при носењето исклучително важни одлуки често излегува надвор од уставните и од законските рамки, со што не се гради правна држава и не се негува владеењето на правото.
Да, сведоци сме на очигледно кршење на постапката при донесување одделни закони и на заобиколување на уставните одредби, за потоа, кога претседателот на државата нема да го потпише указот, да чуеме: „Собранието не го толкува Уставот, постои Уставен суд за тоа“. А многу често ги слушаме и зборовите: „Замислете, претседателот си допушта да го толкува Уставот, па Уставниот суд е за тоа“. Ова тврдење е сосема погрешно, нема правна основа и не може да претставува оправдување за непочитување на Уставот. Ова е така затоа што и Собранието и претседателот, па и секој друг орган што одлучува врз основа на Уставот и законите пред одлучувањето мора да изврши толкување на правните норми, инаку како ќе ги применат, како ќе донесат одлука. Постојат методи за толкување на правните норми и правниците треба да ги знаат. Во Собранието постои законодавноправна комисија, која е должна предлог-законот да го разгледа од гледна точка на неговата усогласеност со Уставот и за тоа да му даде мислење на Собранието.
Уставниот суд како посебен орган на Републиката, нема надлежност да дава мислења и толкувања надвор од постапката за оцена на уставноста и законитоста, туку тој ги штити уставноста и законитоста преку оцена на уставноста на законите и уставноста и законитоста на другите прописи и општи акти и само тој може да ги укине или поништи.
Почитувањето на Уставот е обврска за сите и за секого, а особено на органите на државната власт. Но и покрај јасната уставна одредба според која во Уставот е определено кога друг јазик е службен јазик, Собранието ја игнорираше таа уставна одредба и го донесе Законот за употреба на јазиците надвор од уставната рамка. Исто така, при јасна уставна одредба дека меѓународни договори во име на Република Македонија склучува претседателот на Републиката, Собранието ратификуваше меѓународен договор потпишан од министерот за надворешни работи, кој такво овластување нема ниту во Уставот ниту во закон. И сега тој договор, кој не е склучен во име на Република Македонија, кој нема уставна основа и е потпишан од неовластено лице, со содржина, која македонската јавност во најголем дел не може да ја прифати, ќе биде основа за распишување референдум на државно ниво.
Затоа, понатаму во овој текст ќе наведам што, според моето мислење, треба да имаме предвид кога се распишува референдум на државно ниво.
Како прво, референдум на државно ниво не може да се распишува за кое било прашање, туку само за одделни прашања што се во надлежност на Собранието (член 73 од Уставот). Надлежноста на Собранието е утврдена во Уставот и веднаш да кажам дека Уставот не ставил во надлежност на Собранието да одлучува за промена на уставното име на државата. Тоа што двете најголеми партии во своите програми како задача на партијата ставиле распишување референдум за промена на името на државата не може да има никакво влијание и не може да ја измени уставната одредба според која, само за прашања од надлежност на Собранието може да се распише референдум. Пратениците се должни да одлучуваат врз основа на Уставот и на законите, а не врз основа на партиски програми.
Во надлежност на Собранието, покрај другото, е и ратификацијата на меѓународни договори… Според Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, референдум на државно ниво може да се распише и за потреба од ратификација на меѓународни договори (претходен референдум). Значи, кога е потребно непосредно изјаснување на граѓаните за прашања за кои е склучен меѓународен договор, референдум треба да се распише пред ратификацијата на меѓународниот договор.
Преспанскиот договор со кој друга држава наложува такви промени во Уставот на Република Македонија, кои значат прекин на уставноправниот континуитет на македонската држава и навлегуваат во сржта на македонскиот идентитет, не беше ставен на претходно изјаснување на граѓаните туку набрзина, по скратена постапка, Собранието го ратификува, па сега на референдум ќе се бара ратификација од граѓаните на нелегално правно дело.
Во надлежност на Собранието е и донесување одлука за стапување и истапување од сојуз или заедница со други држави, на која ѝ претходи задолжителен референдум на кој одлуката е усвоена ако за неа гласале мнозинството од вкупниот број избирачи. Манипулација со граѓаните би било ако прашањето за влез во ЕУ и во НАТО се поврзе со променето име.
(Милојка Калкашлиева, судијка на Врховниот суд во пензија)