Зборот „џокер“ за мнозинството е најпознат преку игрите со карти: обично е адут, т.е. на несоодветна карта ѝ се придава намерно одредена вредност за да ја замени онаа што (ви) недостига (на англиски се нарекува и wild card, со буквално значење „дива карта“). Секој играч посакува џокер в рака или в џеб. Во секојдневниот јазик, под џокер се подразбира комедијант, забавувач, човек што сака да се шегува или има смисла за хумор (на пример, Nole the Joker велат за забавувачкиот талент на Ѓоковиќ). Во англискиот, под џокер се подразбира и итро составена одредба во закон или друг акт за да создаде привид дека има друго значење од она вистинското, кое останува скриено. Под џокер се подразбира и „дворски шут“ (иако тие луѓе биле исклучително умни и храбри), или во жаргон – будала, некој за потсмев, неспособен и неприфатлив.
Прашањето од насловот е реторичко: Заев покажал безброј пати дека знае да нѐ засмее до солзи, особено кога не сака да биде вицкаст или кога сака да покаже дека знае некој странски јазик. До дебаклот со недобивањето датум за преговори по сѐ на што нѐ изложи како народ и држава, тој е можеби предмет на потсмев во центрите на моќ кои добро знаеја зошто го инсталираат (и сега одржуваат) на власт и дека целата преспанска шарада беше геополитичка игра, а не европска бајка. На прв поглед би рекле дека одговорот на прашањето е потврден. Да, Заев е „џокерот“ во шпилот, т.е. таква (навидум безвезна) карта на која ѝ е намерно дадена/доделена специјална вредност за да биде искористена во играта наместо посоодветна или во отсуство на посакуваната. (Кога сме кај политичките шеги, на ум ми паѓа една што е одговор на српски граѓанин за нивниот Вучиќ „подобар немаме, а полош не можеме да најдеме“ – синтагма што важи за сите нас во регионот, без оглед на името на лидерот/џокерот). Всушност, одберете си кое значење на џокерот најмногу му одговара на нашиот Бетмен.
За разлика од мнозина, не ронам солзи или сечам вени затоа што Макрон ја симна маската и искрено го кажа она што другите европски лидери не се осмелуваат, а што во основа кипи од расизам и ароганција кон „оние земји“. Не само што отсекогаш сум била евроскептик/еврореалист (сегашниве се аматери што не знаат што зборуваат кога повикуваат на план Б, како божем закана за ЕУ, како луто дете или напуштена бремена љубовница) туку не сум ни обожавател на оваа ЕУ: империјална, божем со „мека“ моќ и „нормативна/вредносна“ супстанција, а крајно социјално неправедна, во интерес на богатите и моќните, без демократски супстрат или контролни механизми, а во која се одвива нова епизода на „битката на троновите“.
Мојот покоен шведски колега и пријател Хакан Виберг уште пред 20 години велеше дека ЕУ нема никогаш да ја прими Македонија или земјите од овој регион затоа што не сака да увезе ниту „темпирани бомби“, ниту толкав број муслиманско население („братучеди“ би рекол Макрон). Ниту очајувам, ниту се (зло)радувам: многу беше лесно да се предвиди исходот. Западен Балкан, од моментот кога беше вештачки создаден во коридорите на Брисел, имаше функција на санитарен кордон, своевидно гето, кое беше одржувано во стабилност (стабилитократија) и пацифицирано со ветувања за идно членство – заради што политиката на проширување беше „најуспешната политика на ЕУ“. Датумо, како што на шега се нарекува на социјалните мрежи, е само почеток на еден долг и навистина реверзибилен и неизвесен процес, што може да се види на примерите на Турција, Црна Гора и Србија. (Додека пишувам се случува „историскиот“ говор на Заев, како и бесценетата сцена на размена на мисли за европските вредности меѓу него и Саше. Ова е „букурешкиот момент“ за добивање нов мандат преку избори што би биле референдум „за“ или „против“ камшикарот, кој ем те мачи ем ти создава оргазмички сензации.)
Што сега? Одете в кино. Гледајте го „Џокер“ во режија на Тод Филипс. Не само што ќе видите ремек-дело и феноменална глума на Хоакин Феникс туку ќе видите манифест, ќе видите политичка изјава (statement), ќе видите повик (на револуција?), ќе го видите светот низ очите на Џокерот (божемниот непријател на божемно добриот Бетмен). Ќе го видите светот во кој живееме наместо зашеќерената лимонада на политичарите. Кога ќе излезете од киносалата, ќе се чувствувате како некој да ве удрил со тупаница во стомак, но и дека нештата одеднаш стануваат многу појасни, низ класна и социјална смисла. Ќе видите дека сѐ што досега сте знаеле за јунакот Бетмен е всушност лажга, мит конструиран заради одбрана на неолибералниот консензус. Наводниот бранител на поредокот и борец против Злото и криминалот во Готам е, всушност, причинителот за појавата на Џокерот/џокерите.
Дека оваа перспектива е многу опасна за естаблишментот (во Вашингтон, Брисел, Берлин или Лондон – па, и Скопје и Атина, ако сакате) зборува и фактот дека во многу американски градови е забрането одењето в кино со маската на кловнот/џокерот, а полициското присуство во близината на киносалите станува сѐ повидливо. На оние што го оценуваат како глорификација на насилството, Мајкл Мур порача дека опасноста е многу поголема ако НЕ се види филмот, кој е огледало и алегорија на современото општество. (Пријател-режисер од САД мислеше дека приказната не нѐ засега толку, но му кажав дека не е во право – делиме ист свет, а ние сме само послушна колонија на „суперсилата“.)
Филмот отвора фундаментални прашања, и не се однесува на еден несреќен кловн, туку на болното општество во кое профитот има приоритет над човекот. Не сакам да ја раскажам сторијата, зашто секој има право и на свое видување (впрочем, филмот предизвика многу дебати, во стилот на Роршаховиот тест – „што гледате на сликата“). За мене Џокерот е (анти)херојот, т.е. некој што, иако е жртва, може да стане и извор на безумно насилство, но и во кого лежи решението. Тоа е симбол на малиот човек, безнадежен, сиромашен, потценет, невидлив, болен – додека не реши да престане да биде невидлив и немоќен, како почетна точка за пресметка со естаблишментот, со фините и богатите. Кловнот отсекогаш бил симбол на смеа зад која се кријат солзи, но и фрустрација (некои имаат патолошки страв од кловнови). Во политичка смисла, Џокерот е исто така контроверзен: од една страна, слика на трансформацијата на малиот човек во одмаздник за сето зло што му е нанесено од лулка, чиј живот не бил трагедија, туку комедија, и кому му е доста од таквиот третман и не сакајќи станува симбол на отпор. Бунтот е против оние што имаат моќ (медиумите, пропагандата, забавата, политиката, модата) да наметнат „политички коректни“ ставови за тоа што е смешно, а што не е, што е добро и пожелно, а што не е. Ако сте политички некоректен, вие не сте само лузер, туку уште полошо – отпадник, треба да ве острахираат зашто не мислите како сите. (За Хандке ќе пишувам во друга пригода, но и хистеријата кон неговата Нобелова награда е дел на оваа глобална приказна.) Но ако на Џокер се гледа низ САД на Трамп, опасноста е во тоа што оние што се на страната на бетмените (богатите) знаат да ја стават маската на џокерот за навидум да се идентификуваат со нив и да станат нивни политички претставници.
Во оваа парадигма релацијата на Доброто и Злото се менува радикално, се поставува тумбе. Во ваквиот свет, Заев е (послушен) Бетмен, колку тоа и да ви звучи чудно (или дури и смешно). Ако за џокерот се мисли дека се крие зад својата маска, зарем не е исто и со Бетмен – кој ги крие својот вистински идентитет и моќ, за да се прикаже како борец за правда и ред (со акцент на редот)? На прагот на уште едно предизборие, а под силно влијание на симболот на Џокерот, би сакала да слушнам крик „сите сме кловнови/џокери“ и вие бетмените ќе го добиете тоа што го заслужувате – ќе бидете исфрлени од водечките и, наводно, морално супериорни позиции. Симпатиите и сочувството ми се на страната на Џокерот, а не за Бетмен, дури и ако е во боите на американското, натовското и европското знаме. Сите џокери на светот се исти, зад изнасилените насмевки кријат неопислива болка. Болка на која мора да ѝ се даде политичка боја – и одраз. Филмот е шлаканица на ликот на неолиберализмот и Западот (кој сака да се нарекува цивилизација, за која сите други се варвари), објаснување на причините за готамизацијата, за кризата на демократијата и пристојноста, но и опомена за последиците. Или, ако ја прифатите теоријата дека во овој психолошки трилер сѐ се случува во главата на Артур, тогаш е најава за одредена можност. Дали ќе се искористи за добро или за зло, зависи од многу фактори. Меѓу другото, зависи и од нашата способност да ги видиме ликовите зад маските, но и да го препознаеме сопственото ЈАС во огледалото. Да станеме видливи… пред некој месија со маска на Џокер да завладее во полза на бетмените.