Главниот проблем не е што овде нема работа. Поголем проблем е што овде нема правда во вработувањето, што младите немаат рамноправни, еднакви шанси. Долго време во овој сектор отворено владее партиски расизам, партиска дискриминација. Ако некој е од СДСМ, за ВМРО-ДПМНЕ е од друга раса, а и обратно, ако е од ВМРО-ДПМНЕ, тој за СДСМ е друга раса. И од друга класа. На власт наизменично се редат или братучедите или браќата или роднините. Поговорката ‚‚брат брата не рани, тешко кој го нема“ сега може да се преправи со ‚‚политичар политичар не рани, тешко кој го нема“. На власт наизменично се редат или братучедите или браќата или роднините. Де штипски клан (за сите времиња и за сите власти), де струмички, де влашко лоби, де кавадаречка група, де прилепска, битолска или ресенска. Клан до клан, како Кју кјукс клан. Тешко на оние што се ничии, што се политички неопределени, што се свои
Една стара поговорка вели „не е битно што знаеш, битно е кого го знаеш“. Друга стара вели ако имаш вујко владика, ќе станеш поп. Новата би гласела важно е да имаш некој вујко владика, но уште поважно е да имаш татко-мајка политичар и партија како Бог. Овие изреки секако дека може да послужат како вовед во темата за непотизмот, еден од најупотребуваните зборови во деновите што изминаа, поим што се подигна до ниво на клучен национален проблем, стана симбол за злоупотребата на општествената и партиската функција. Не била поранешната Република Македонија имуна на овој социјален феномен, но подолго немало вакви масовно нагласени примери за фамилијарност, офанзива за одржување на вистинските семејни вредности. Во толку краток период, во ударни телевизиски термини и на насловни страници одамна не биле споменувани толку татковци и деца, синови и ќерки, чичковци и стрини, вујковци и вујни, внуци и внуки, братучеди и братучетки, снаи и зетовци, девери и јатрви, золви и шуревци, баџанаци и балдаски, очуви и маќеи, дедовци и баби.
Го следиме првото северномакедонско реално шоу пренесувано во живо, кое ни ја испраќа пораката – тешко на младите во оваа држава. Би се рекло дека не е важно што имаш во главата, туку е важно да имаш некој што ќе те смести некаде, ќе те вработи, ќе ти овозможи да го прескокнеш огромниот ред невработени. Главниот проблем не е тоа што овде нема работа. Поголем проблем е што овде нема правда во вработувањето, што младите немаат рамноправни, еднакви шанси. Долго време во овој сектор отворено владее партиски расизам, партиска дискриминација. Ако некој е од СДСМ, за ВМРО-ДПМНЕ е од друга раса, а и обратно, ако е од ВМРО-ДПМНЕ, тој за СДСМ е друга раса. И од друга класа.
На власт наизменично се редат или братучедите или браќата или роднините. Поговорката „брат брата не рани, тешко кој го нема“ сега може да се преправи со „политичар политичар не рани, тешко кој го нема“. На власт наизменично се редат или братучедите или браќата или роднините. Де штипски клан (за сите времиња и за сите власти), де струмички, де влашко лоби, де кавадаречка група, де прилепска, битолска или ресенска. Клан до клан, како Кју кјукс клан. Тешко на оние што се ничии, што се партиски неопределени, што се свои. Ако младиот не е ниту во едната ниту во другата партија, или во некоја коалиција, ако е само свој, тогаш е за никаде. Како таков, нема друга можност, освен својата иднина како стручњак, море и како обичен работник, да ја гледа во бегање во странство. Неоспорно е дека овој вид дискриминација ги фрустрира сите што сакаат на чесен начин, со сопствено знаење и со сопствени сили, да дојдат до работното место што го заслужуваат со своето образование и со својот успех или покажан талент.
Во секојдневниот говор непотизмот означува злоупотреба на високата функција во корист на роднини и пријатели, односно доминација на роднинските врски. Во општествениот говор е термин со кој се означува начин на однесување на некоја важна политичка, економска, воена или некоја друга моќна личност, етаблирана во хиерархијата, која ги фаворизира при вработувањето членовите на своето семејство, без обѕир на нивната стручна способност, им доделува значајни функции или им дава некои незаслужени бенефиции. Или: појавите кога роднина на моќен човек, без соодветно знаење и квалификации станува влијателна личност и за себе остварува материјална корист, која, по нормален пат, никако не би можел да ја оствари. Притоа, критериумите за стручно образование или лична способност не играат никаква улога. Напротив, тие воопшто не се земаат во обѕир или на нив се гледа со потсмев. Што би се рекло – нема врска што имаш во главата, туку да имаш некој што ќе те вработи за убаво да заработиш. Модерно – да имаш спонзор. Народски, македонски, непотизмот одамна се објаснува преку поговорката „ако немаш вујко владика… не можеш да станеш поп“.
Ако во социјализмот непотизмот беше морално нечесна категорија, во самостојна капиталистичка Македонија се легализира како партиско -политички систем, се разви и рашири, под ВМРО-ДПМНЕ се крена на највисоко ниво, а сега под СДСМ и ДУИ експлодира. Непотизмот, кој порано обично се поврзуваше само со вработувањето и со нечија кариера, сега се поврзува со сѐ друго, а најмногу со тендерите. Доби ново име, финансиски, паричен, тендерски непотизам. Брат за брат, сирење за пари, сите пари кај браќата. Таквиот вид тендераштво е раширен од највисоко до најниско ниво, од државно до локално, од премиерско до градоначалничко. Од тендер за кикиритки до тендер за лекови што живот значат. Под покровот на партијата што се изедначува со моќта на Бога нема нешто што не може да се договори и оствари, со анекси или без нив.
За ДУИ, па и за другите партии од албанскиот политички блок, непотизмот не е прашање на роднински врски, за нив вработувањето и богатењето на нивното членство е национална кауза. Не е прашање на минатото и на сегашноста. Тоа е опција за иднината. Преку нив и во таа смисла сме лидери во светот: поранешна Република Македонија беше првата држава во која не мора да имаш образование, не мора да го знаеш јазикот на државата, ама мора да имаш „државна“ работа и да примаш плата од државниот буџет. Дури и не мора да одиш на работа, а мора да примаш плата, ако имаш вујко, чичко, татко или брат што поминале неколку дена во шума.
За волја на вистината, мислењата за непотизмот се поделени. Додека едни сметаат дека тој е нормална природна појава и дека лежи во мислите речиси на секој човек, други сметаат дека го разорува ткивото на општеството, бидејќи на одредени места доаѓаат неспособни луѓе што не можат да направат ништо добро, поради што општеството не може да напредува. Сепак, треба да се бега од заблуди. Непотизмот ниту е од сега, ниту е комунистичка измислица, ниту е остаток или последица од стариот систем, ниту пак е привилегија само на сегашното разгалено членство на СДСМ, како што сака некој да прикаже. Ако сe погледне етимологијата на зборот и неговиот историјат, ќе се види дека непотизмот влече корени уште од средниот век, поврзан со состојбите во Католичката црква.
Тој како термин се појавил уште во 12 век, кога католичките папи почнале да им даваат на своите внуци видни места во хиерархијата, како и многу други привилегии. Некои од тие „внуци“ биле прикриени вистински синови на папи или кардинали, кои тајно го прекршувале заветот на чесност и неженство. И самиот поим непотизам произлегува од латинскиот збор „непос, непотис“, што значи внук или потомок, директен или индиректен. Тој е поврзан со настојувањата на папите честа, функциите и имотите да им ги делат на членови на своите фамилии, а со тоа да ги зајакнат своите позиции во борбата со противниците за превласт во Рим. Во 15 и 16 век непотизмот израснал во систем, тоа било премолчено прифатена владејачка доктрина во црквата, па некои папи на своите внуци им давале да управуваат цели покраини и кнежества, или да ја водат државната политика на Ватикан.
Во поголемиот дел од светот непотизмот од секаков вид, политички, партиски, финансиски, и денес е речиси нормална појава, природна и прифатена, никаде не е законски регулирана. Непотизмот ги преживеал сите идеологии и општествени системи низ светската историја. Примери има на секој чекор и во секоја држава, така што Македонија не е исклучок. Во Соединетите Американски Држави е познат случајот со членовите на фамилијата Кенеди. Кога во раните шеесетти години од минатиот век, Џон Кенеди беше претседател, неговите браќа беа министри и сенатори. Династијата на Буш се протега на двајца претседатели на државата (таткото Џорџ Сениор и синот Џорџ Буш Јуниор) и на еден гувернер. Бил Клинтон, поранешниот претседател на САД, направи сѐ неговата сопруга Хилари да ја добие функцијата министер за надворешни работи и кандидат за претседател на државата. Во Индија долги, долги години главниот збор го имаше семејството Ганди, да не зборуваме за комунистичките династии во Кина, во времето на Мао Ѕедунг и сега на Северна Кореја.
Мошне карактеристичен е примерот во соседна Грција, каде што по падот на кралот Константин, веќе шеесетина години се менуваат на власт неколку колена на најмоќните фамилии Караманлис, Папандреу и Мицотакис. Да не зборуваме за наследните монархии. Да ги земеме за пример поранешните советски републики (Азербејџан, Узбекистан, Туркменистан) сега независни држави, кои по структурата на власта стануваат нови „царства“, каде што, покрај доживотниот лидер, со земјата владеат нивните жени, ќерки зетовци и роднини.
Непотизмот, заедно со корупцијата, е старо-нова болка на сите држави што се осамостоија од поранешна Југославија, од Триглав до Вардар. Во сите нив, како и во Македонија, непотизмот и корупцијата, што се раѓа од него, имаат однос на брат и сестра. И таму, како и кај нас, освен во политичките партии и во парламентарно-владините кабинети, непотизмот е најзастапен на универзитетите, во здравството, судството и во други значајни области, сѐ до спортот и шоу-бизнисот.