Од творештвото на писателот Пени Трпковски
Во нашето село имаше повеќе воденици. Беа наредени како ѓердан над селото и сите работеа на една вода, односно на еден јаз. Во нив житото го мелеа не само селаните од нашето село туку и од другите села. Тие преку цел ден само штракаа: штрака – штрак, штрака – штрак и од воденичките камења паѓаше брашно.
Еден ден баба ми ми рече:
– Ајде внуче бабино однеси мливо на воденицата!
– На која воденица?
– На Михаиловата. Знаеш каде е, нели?
– Знам, бабо.
– Таму ќе те чека татко ти. Само внимавај да не ти се истурат вреќите. Тогаш не само што ќе немаме брашно за пита туку ќе немаме и леб да месиме!
Јас не знаев што да одговорам. Никогаш досега не сум носел товар сам на воденица. Тоа го правев или со татко ми или со постариот брат Ристо.
Го натоваривме магарето со пченица и тргнав. Тоа одеше мирно пред мене и одвреме-навреме фркаше или ќе се наведнеше да зграби во устата некоја трева.
– Чукш, чукш – му викав тогаш.
Одевме и пред да дојдеме до воденицата од некаде слушна рикање на друго магаре. Ги начули ушите и како да збесна. Со рикање му одговори на другото магаре и потрча кон него. Самарот сосе вреќи му падна надолу и тие се истурија на земјата.
Седнав до вреќите и заплакав.
„Како да му кажам сега на татко ми? Тој ќе ме чека на воденицата… Ќе сфати ли што ми се случило по патот?“
Почнав да ја собирам пченицата. Се обидов да ги кренам вреќите, ама тие беа тешки.
Не знам колку време сум останал тука. По некое време го видов татко ми како доаѓа. Ме чекал на воденицата и кога видел дека ме нема сфатил дека нешто се случило со мене и тргнал да ме бара.
– Што се случило? Каде е магарето? – ме праша од далеку кога ме виде.
– Избега по магарицата…
– По магарицата? – почна да се смее тој.
– Да, избега и ги истури вреќите.
– Не грижи се за магарето. Тоа ќе се врати. Нема каде да избега. Ајде да си одиме дома. Ќе го земеме коњот и ќе го натовариме со ова што остана во вреќите.
Мене ми олесна. Си мислев дека татко ми ќе ме тепа, но тој беше добар човек. Никогаш во животот не ме натепал…
Леб
Баба ми стави на софрата разни јадења и нѐ покани да јадеме.
– Ајде деца да ручаме!
Ние седнавме околу софрата и се израдувавме на богатото јадење.
– Ајде, јадете! – ни рече баба ми.
– Ама, бабо на софрата нема леб! – реков јас.
– Нема леб? – како да се изненади баба ми.
– Да, леб!
– Добро забележавте. Без леб не може да се јаде. И колку да има манџи за јадење без леб не се може. Лебот е глава на семејството. Затоа треба да се цени и да не се фрла! – рече баба ми и отиде да донесе леб.
(Од книгата „Приказни до Саракиново“)
За авторот
Пени Трпковски (1939-2013 г.) е роден во селото Саракиново, егејскиот дел на Македонија. За време на Граѓанската војна во Грција, во 1946 година, бил принуден со група бегалци од селата што припаѓаат во Мегленската Област да ја помине границата и засекогаш останал да живее во Македонија.
Основно образование завршил во Демир Капија, а гимназија во Прилеп. Уште како ученик почнал да пишува детски песни, раскази, легенди и романи. По завршувањето на школувањето се вработува во книгоиздателството „Детска радост“ како уредник. Соработувал и со „Титов пионер“, „Другарче“ и со „Наш свет“. Долго време Пени Трпковски беше главен и одговорен уредник на списанието „Народна просвета“ и на детското списание „Радост“.
Објавил повеќе книги со раскази и романи, меѓу кои и првиот македонски роман во писма со наслов „Писмата на една жена“ (1971 г.), првиот македонски научнофантастичен роман „Далечно патување“ (1972 г.) и книгите за деца „Шепотот на ѕвездите“ и „Последната солза на мајка ми“. Писателот Трпковски е автор и на романот „Среќа“ и на книгата раскази „Ринка“, посветени на Граѓанската војна во Грција. Негова последна книга за најмладите читатели е „Приказни од Саракиново“, која наиде на одличен прием, бидејќи опфаќа теми од секојдневните игри и доживувања на децата во неговото родно село. Неговите дела се преведувани на неколку странски јазици.