Нов ден и нов напад на трговијата. Зошто секој нов конфликт предизвикува нови закани по трговијата, без разлика дали станува збор за интелектуална сопственост, доселување, уништување на животната средина или воена репарација?
Во поголем дел од минатиот век, САД управуваа и го заштитуваа трговскиот систем заснован на правила што го воведоа на крајот на Втората светска војна. Тој систем наложуваше целосно раскрстување со предвоената состојба во која постоеја меѓусебни сомнежи кај ривалските сили. САД ги охрабруваа сите да согледаат дека од растот и развојот на една држава, корист можат да имаат сите држави преку зголемување на трговија и на инвестициите.
Во согласност со новиот поредок, правилата беа воведени за да се спречи себичното постапување и уцените од страна на економски моќните држави. САД важеа за добротворен хегемон кој одвреме-навреме ги прекоруваше оние кои лошо ќе постапеа. Во меѓувреме, мултилатералните институции на системот, особено Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), им помогнаа на државите на кои им беше најпотребна финансиска помош, под услов да ги почитуваат правилата.
Моќта на Америка потекнуваше од контролата врз гласовите во мултилатералните институции како директно така и преку влијанието врз државите од Г7. Таа исто така беше и голема економска сила. Важно е да се каже дека повеќето држави веруваа дека САД нема да ја злоупотребат таа моќ за да ги продлабочат нивните национални интереси, барем не претерано. САД немаа посебни причини да ја изневерат ваквата доверба. Ниедна држава не ја постигна нивната продуктивност додека СССР, нивниот најголем воен ривал, не беше вклучен во светскиот трговски систем.
Проширувањето на трговијата заснована на правила и инвестиции отвори нови профитабилни пазар за американските фирми. Поради тоа што можеше да си дозволи да биде великодушна, на некои држави Америка им даде пристап до нејзините пазари без да бара еднаков пристап до нивните.
Ако политичарите од економиите во развој изразеа загриженост за можните последици од поотворената трговија врз некои од нивните работници, економистите веднаш ги уверуваа дека секаков локален проблем ќе се надмине со долгорочни придобивки. Потребно било само да ги распределат придобивките од трговијата во групите што заостануваат. Но во практика не беше така. Во демократиите во развој беше прифатливо да протестираат оние што заостануваат, со оглед на севкупните придобивки, и затоа со нив многу лесно се справуваа. Всушност, економиите во развој толку добро се усовршија во искористувањето на новите технологии и нискобуџетниот превоз и комуникации што успеаја да преземат голем дел од производството на индустријализираните држави.
Така, трговијата имаше нееднакво влијание врз домашната работна сила, но најголемиот товар падна врз умерено образованите работници во земјите во развој, особено во малите градови, додека цутеше високообразовниот кадар во урбаниот услужен сектор.
За разлика од пазарите во развој, каде што демократијата сè уште нема длабоки корени, не може да се игнорира незадоволството кај сè поголеми групи работници. Политичарите во напредните економии постапија на два начина со негативните реакции. Прво наметнаа сопствени трудови и еколошки стандарди врз другите држави преку трговски и финансиски договори. Второ, се залагаа за многу построго почитување на интелектуалната сопственост, која во најголем дел е во рацете на западните корпорации.
Ниту еден пристап не беше особено ефикасен во забавување на процесот на губење на работни места, но резултира со сериозно загрозување на стариот поредок, а тоа е подемот на Кина. Исто како Јапонија и азиските змејови (Хонгконг, Сингапур, Јужна Кореја и Тајван), Кина најмногу се потпираше на производствениот извоз. Но за разлика од тие земји, сега се заканува директно да се натпреварува со Западот во услужните и технолошките сфери.
Противејќи се на надворешниот притисок, Кина усвои трудови и еколошки стандарди и ја користи интелектуалната сопственост за јавни цели според своите потреби. Таа има постигнато доволен технолошки напредок во областите како роботиката и вештачката интелигенција што нејзините научници лесно можат да ги надминат проблемите во случај да ѝ се забрани пристапот до производството што го увезува. Најалармантно за светот во развој е тоа што развиениот кинески технолошки сектор ја јакне нејзината воената моќ. За разлика од Советскиот Сојуз, Кина е целосно интегрирана во светскиот трговски систем.
Сега се распаѓаат темелите на трговскиот поредок заснован на правилата дека сите имаат корист од растот на една држава. Напредните економии сфаќаат дека повисоките регулаторни структури и стандарди што ги усвоија за време на нивниот развој, сега ги ставија во конкурентска неповолност во однос на поинаку регулираните, релативно сиромашни, но ефикасни држави во развој. Овие држави се противат на надворешните обиди за воведување стандарди што не се демократски избрани, како што е износот на минималната плата или укинување на употребата на јаглен, особено затоа што денешните богати држави не ги имаат истите стандарди како во периодот додека биле во развој.
Еднакво проблематично е што економиите во развој, вклучувајќи ја и Кина, го одложија отворањето на нивните домашни пазари кон индустрискиот свет. Фирмите од развиените земји се особено желни за постојан пристап до атрактивниот кинески пазар и ги поттикнуваа нивните влади тоа да го обезбедат.
Најпроблематично е што со тоа што Кина воено и економски ги предизвикува САД, стариот хегемон повеќе не го гледа подемот на Кина како благодат. Америка нема силна мотивација добротворно да го води системот што го овозможи подемот на стратегискиот ривал. Затоа не е чудо што системот се распаѓа.
Кои би биле следните чекори? Подемот на Кина може да забави, но не и да запре. Наместо тоа, моќната Кина мора да ја види вредноста на новите правила, па дури и да ги заштитува. За тоа да се оствари, таа мора да има улога во нивното воведување, затоа што во спротивно светот ќе се распадне на два еднакво сомничави и изолирани блокови со што ќе запре протокот на луѓе, производство и финансии што денес ги поврзуваат. Не само што тоа ќе предизвика економска катастрофа, туку и ќе ги зачести недоразбирањата и можностите за појава на воени конфликти.
За жал, времето не може да се врати. Не се враќа довербата кога еднаш ќе се скрши. Можеме да се надеваме дека Кина и САД нема да отворат нови фронтови во трговската и технолошката војна додека во меѓувреме не признаат дека преговорите се неопходни. Идеално би било тие да склучат привремен билатерален договор. Тогаш, сите големи држави ќе седнат на преговарачката маса да се изработи новиот светски поредок во кој ќе има простор за повеќе сили или блокови наместо еден хегемон, со правила што ќе важат за сите без разлика на нивниот политички или економски систем и ниво на развој.
Последниот пат светот се освести дури по Големата депресија, Втората светска војна и една велесила. Дали и овој пат ќе биде така?
Авторот е поранешен гувернер на Резервната банка на Индија, а сега е професор по финансии на Универзитетот во Чикаго