Наскоро во издание на „Просветно дело“ ќе излезе преводот на една од многуте илустрирани истории на светот што пленат со методологијата на презентирање и виртуозноста на илустрирање на минатото. Македонскиот реиздавач веќе го прави напорот на преведувањето, со покриени права за копирање според меѓународните норми. Верувам, многупати сме виделе дека ова им помагало, ефикасно ќе ја доближи приказната, подвлекувам приказната, за растежот на светската цивилизација пред љубопитната свест на македонските образи што надоаѓаат од иднината. И конечно „ние знаеме“ поевтино е да се преведе отколку да се побараат македонските автори за да напишат такво нешто, зашто поради „ограничувањето на македонскиот јазик“, тие ќе треба да напишат историја (она што третото лице множина го остварило), а не history (приказна што ја раскажува третото лице еднина).
Според самосоздадената навика предизвикана од секојдневноста на Македонија, и оваа историја ја прегледав со фокус на сопствената историја и историјата на нејзината околина во просторот и времето. Не бев изненаден: навиката што ја одгледува западната историографија во врска со нашето минато и натаму ја следи понижувачката инерција востановена во 18 и 19 век. Македонија не постои како фактор на светскиот растеж на културата до ден-денес. Во нашите учебници и медиуми тоа се изговара вака: ние знаеме дека Македонија е мала и дека нема… и дека ја нема… и е нема… и дека не може… и дека не можеме… и така натаму, и така натаму… Веќе стана досадно.
Сепак, еве утеха: и во ова издание ја има Големата Мајка од Говрлево со евидентирана старост 6.500 год. пр. н.е. (иако пишува дека е некаде од Европа), ги има Филип и Александар (иако се Македонци ама се Грци), се разбира дека ја има Грција (иако тој збор е непознат за артефактите и за јазикот на народите од пред раѓањето на Исус), го има Аристотел како „грчки филозоф“, но го нема податокот дека и татко му и дедо му биле лични лекари на дворот на Македонците, „најголемите непријатели“ на Атина, ги има дорскиот, коринтскиот и јонскиот столб како „грчки ред“, но го нема дорскиот столб од пирамидата на Имхотеп во Сахара, постар од божемниот зародок на обликот 2.100 години, и го нема јонскиот столб од ападаните на Персија, постари најмалку 300 години во однос на божемниот јонски зародок, и го нема коринтскиот, кој пред да го добие тоа означување постои во персиските градби, убаво е претставен александрискиот светилник како „грчки“, иако се споменува како инвеститор „Птолемеј од македонската лоза“, се споменуваат многу римски императори, но го нема македонското потекло на Јустинијан од Таор, вистинскиот творец на римското право, ја има Византија иако никој во 1.100-годишното царство не знаел за таква држава и немало таков збор во речникот на времето, го има Самоил, но тој е Бугарин…
И оваа хистори што за нас ја напишаа „тие што за нас знаат повеќе од нас“ ги содржи познатите радости: „Словените“ и 6 век, комарците од зад Карпатите иако за какво и да е „доаѓање од зад Карпатите“ прв напишал монахот Нестор од Киев (следејќи ја заблудата на Константин Порфирогенет од 10 век, односно 400 години по божемното преселување на божемните Словени), но тој во Киев рекол дека „ние сме дојдени од зад Карпатите, што навистина е вистина и е историја!
Навиките се јазик на бесмртноста, затоа да внимаваме на што се навикнуваме и колку често ги менуваме навиките. Најважна навика е: да се почитува сопствениот јазик и да се чита од сопствените извори, кои упорно ги зрачи просторот што сме го заслужиле и одгледале.
Средствата за издавање на оваа his story се одобрени (навика, навика) и тие ќе помогнат и натаму да се одгледува себенепочитувањето. Механизмот што ја поддржува оваа навика е скриен во образовниот систем (и наставниците и професорите се само жртви) што ни е наметнат на почетокот на овој рушителски век на заминување. Но колку и да изгледа безнадежно, животот ја победува ентропијата.
По скришните пештери, сеновитите карпи, заборавените висорамнини, заборавените села, одамна е запишана и се чува историјата на македонскиот народ. Мудри се нашите археолози кога велат подобро да не ископуваме ако потоа немаме како да заштитиме.
Анегдота 1
Додека се реализираа средствата за оваа „Хистори оф д врлд“, еден експерт ентузијаст обелодени наоѓалиште со древна македонска писменост што не се совпаѓа со оваа книга. Потоа, со добрината на едно јавно претпријатие, однесе сведоци, новинари професионалци, за да се уверат во наодите. Наоѓалиштето беше девастирано од „непознат сторител“!
Анегдота 2
За вистината тумба Радобор (откриена е мануфактура од периодот на неолитот) одобрени се 10.000 марки, а за проектот превод на „Хистори оф д врлд“ десет пати повеќе.
Анегдота 3
Неодамна на образовната програма на Македонското радио почна да се емитува преведената серија на Би-би-си „Хистори на светските пронајдоци“ (учествував во преведувањето), со иста намера како и проектот што го реализира „Просветно дело“: да го истакне, во случајов, британското величие во светското пронаоѓаштво!
Поданегдота 1
Во едно од продолженијата во емисиите наменети за децата стануваше збор за пробивањето на тунелот под Ла Манш (инаку Бритиш чанел за серијалот). Иако се признава дека возот е француски, нараторот зборуваше само за моторот, кој е од англиско производство!
Поданегдота 2
Во секое продолжение, покрај прифатената историја на пронаоѓаштвото, секогаш има и еден Британец, кој исто така паралелно со познатиот научник, пронаоѓач (прифатен од светското учебникарство), открил светски пронајдок, независно или малку порано или малку подоцна, но и тој го сторил истото тоа, бидејќи самостојно му текнало, но досега не било објавено!
Чист „објективен елинизам“!
И уште една анегдота
Довчерашните претстави за неандерталецот како груб дивјак, подгрбавен мајмун, со ниско брадесто чело, не е веќе одобрена вистина. Французите објавија нова слика со питомо мазно лице и длабокочувствен поглед, исправена става, дотерана фризура… Англичаните сметаат дека тоа не е доволно научно. Расправата за предревните Французи трае со веројатна победа на Французите.
Во секојдневноста на Македонија нема клима за вакви истражувања во врска со македонското минато. Ентузијастите од овој вид се испраќани, наместо со пари, со потсмев. Парите и натаму одат во интерес на Големата компанија на ентропијата.
Текстот е објавен во емисијата
„Немиот говор на просторот“, на Македонското радио 2, во 1990 година.
И по безмалку 30 години, ништо не научивме од сопствената историја.