Најубавите од илјадниците вицови што им ги кажував на многуте генерации деца во изминатите 30 години се собрани во оваа антологија, вели Китаноски

Нашиот познат хуморист Војче Китановски, кој е и голем пријател на децата, со кои другарува цели триесет години, неодамна ја издаде својата книга, со интересен наслов „Антологија на 500 најубави вицови за деца“.

– Драги деца, оваа книга ви ја посветувам вам, децата од Македонија, од градинките и училиштата, оние што во изминатите три децении беа мојата најмногубројна и најверна публика. Во неа, по мој избор, се објавени 500 најубави вицови за деца, шеги со кои сум ги забавувал љубопитните момчиња и девојчиња во градинките и училиштата, во театрите и домовите на култура, како и во многубројните телевизиски настапи, и како гостин во многу радио и ТВ-емисии, како „Ѕвон“ и Зимската рекреативна програма на МРТВ – вели Војче Китаноски во предговорот на книгата.
И навистина, илјадници деца сите овие години се негова верна публика, а како што ни откри, често на улица го запираат и повозрасните, велејќи дека пораснале со неговите шеги.

– Најубавите од тие илјадници вицови што им ги кажував на многуте генерации деца би сакал да ги слушнат и денешните ученици. Токму затоа го направив овој избор, пред сѐ раководејќи се од желбата да насмеам многу детски лица – вели Китаноски.
Инаку, тој досега издал девет касети и цедиња со вицови за деца, а ова е негова втора книга.

Војче е дипломиран шумарски инженер, а има и лиценца за туристички водич. Честопати е во улогата на водител на разни манифестации, на кои го повикуваат со својот хумор да ги насмее гостите.

Војче Китаноски е роден во 1055 г. во селото Крапа, Македонски Брод, за кое често знае да каже дека е најубавото место на светот.

– Токму во Крапа, јас како дете ги правев првите лудории и ѓаволштини и пред моите другари ги кажував и моите први имитации на познати телевизиски личности од тоа време, не ни сонувајќи дека тоа еден ден ќе биде моја професија. Во животот секогаш има и подеми и падови, но хуморот мора да биде наш постојан придружник, а јас сум пресреќен што сум еден од оние што им го разубавуваат сивото секојдневие на децата и возрасните веќе триесетина години – ни рече Војче Китаноски. 


Училишни шеги

– Влатко, дали препишуваше ти од Саше?
– Не, наставничке. Тој препишуваше од мене, но јас проверував дали точно напишал.

Филип, кажи ни што е ветер?
– Воздух на кој многу му се брза.

– Зошто задоцни на првиот час – го прекорува наставничката Марко од трето одделение.
– Наставничке, штом излегов од дома ме пресретна крадец и ме ограби.
– А што ти украде?
– Ми ја украде домашната работа!

На час по македонски јазик го прашува наставничката Кире:
– Како ќе кажеш: Александар и Петар имаат бернардинец, без да ја изговориш буквата „р“?
Кире се мисли и вели:
– Аце и Пеце имаат куче.

Ајде, Филип, кажи една простопроширена реченица, која ќе го содржи и зборот шеќер.
– Ммм… Баба ми пие кафе.
– А каде е шеќерот?
– Во кафето.

Зошто Аце стои пред огледало со затворени очи?
– За да види како изгледа кога спие.

Малиот Томе сакал да стане ловџија и да се зачлени во ловечко друштво. Му рекле дека ќе го примат ако наброи пет животни.
Томе размислува и вели:
– Лисица, волк и три мечки.

– Која личност освен хумористот се обидува секогаш да ве насмее?
– Фотографот.

Од книгата
„Антологија на 500 најубави вицови за деца“
на Војче Китаноски