Пензионер сум, имам 75 години. Пред околу еден месец негде ја зафрлив (можеби и ја изгубив) возната карта за автобусите на ЈСП. Ништо необично за еден пензионер на овие години, зашто сигурно не сум единствен или мал пример за оваа старечка појава.
Оттука почнуваат маките. Најпрво бев во канцеларијата во Центар (спроти поранешното кино „Вардар“), каде што ја имав извадено и валидизирано картата. Таму не им работи компјутерот повеќе од еден месец и клиентите не може да завршат работа. Цел месец не дошле од централата да го поправат компјутерот. Тоа може само кај нас и никаде на друго место.
Оттаму ме упатија да одам во еден жолт автобус кај железничка станица. Тој жолт автобус е место на страв и ужас. Таму ќе ги видите сета сиромаштија и заостанатост на Република Северна Македонија и ќе се посрамотите што сте граѓанин на Скопје. Пристап, ентериер, хигиена, од долно подолно. Единствено што е љубезен персоналот, иако секој би откажал да работи во такви нечовечки услови. Како и да е, таму не можев да завршам работа, затоа што таму не издаваат нови картички, немаат такви.
Возни картички (во случај на загубени или слично) се издавале само и исклучиво во дирекцијата во Автокоманда.
Сакам да ги прашам тие од раководството на ЈСП: мислите ли дека е лесно еден седумдесет и пет-осумдесетгодишен човек, на пример од Карпош или Влае, да стигне до дирекцијата во Автокоманда и да извади нова возна карта. Па, тој или самиот ќе се загуби или ќе го прегази некој невнимателен возач. Ги повикувам раководните структури на ЈСП и градоначалникот на Скопје, Шилегов, да посветат малку поголемо внимание на овој проблем и да го решат на соодветен начин, за да може пензионерите полесно да го остваруваат даденото право. И да се заложат да се поправи компјутерот во ЈСП Центар, освен ако таа поправка не е поврзана со милионски суми или со некој проблем со сателитите што патуваат на Марс и Венера.
Ацо Пандев, Скопје