Дипломатската ,,офанзива“ е сепак подобра од офанзивата од Авијано, зашто на медијаторите тоа може да им биде план Б, за непослушни (непокорни). Во секоја друга држава и околности оваа офанзива ќе имаше заглавие ,,Мешање во внатрешните работи на суверена држава – од страна“. Но, не сме до толку суверена држава и оваа офанзива не се третира како насилна – поддршка од страна. Оваа кампања изгледа застрашувачки. Толку видни личности имаше на погребот на Тито. Оваа држава ќе умира или ќе се раѓа друга?
Своевремено имав една колумна објавена на 26 ноември (четврток) 2009 година со заглавие ,,Обљуба на немоќна држава“: Веќе дваесетина години некои прават обљуба врз мојата немоќна територија, која јас од љубов ја нарекувам држава. Најболното е што обљубата ја прават емоционално незрели личности, со детски лик и карактер, наместо државата да ја чувствуваат како мајка, тие си играат ’татко’ со неа и со нацијата. Најголемиот дел од нив се за еднократна употреба, но политички незрелиот воајеризам бара и ’reply’ така што некои од незрелите ни се изредија неколкупати, очекувајќи тие од себеси и ние од нив дека конечно созреале. На нездравите и незрели личности им треба постојана нега, надзор и потпора. За тоа постојат ’хуманитарни’ институции од типот на ММФ, ОБСЕ, ЕУ, САД, НАТО, кои постојано го бодрат непрооденото и незрело суштество конечно да прооди и прогледа. Треба да сте доктор за да констатирате дека едно 20-годишно (денес 27) ’дете’ не може само да оди, да се грижи за себе, да се брани од растенија и животни, време и невреме.
Постојано да го охрабрувате, дохранувате, многу бргу ги троши резервите, небаре има ’пантличара’. Внатрешниот ’интелектуален’ потенцијал се надминува себеси и секого, одовде до Марс. Другиот, неинтелектуалниот, не знае што е подобро за него, минусот во банката или плусот во Европа. Некој и воопшто не размислува, небаре сѐ ова се случува во Норвешка. Некој, ама воопшто и не знае за што се зборува сега на неговата територија, која од љубов, нагалено си ја викаме ’држава’. Се плашат, како моите родители со дилемата: ’Тито или Сталин’? Тие што го одбраа Сталин, кој тогаш бил повеќе од половина Европа, отидоа на подолг или траен одмор. Сега, Европа или Македонија? Можам да замислам еден Ружин, дали повеќе го сака Брисел или Валандово? Може ли да вратиме човек од Горна Река, кој длабоко го резба мојот мозок, тепа жени и е зрел за Европа, ама не и за Македонија. Како ’Сава у космосу’.
Само цитирам ’интелектуалци’. Може ли на Героски и на Трајаноски да им додадете по едно ’в’, кои изгледаат провинциски, што со говор, што со лика, што со држење. Да бидат поблиску до Достоевски, Чајковски, Мајаковски. Милчин никако не бидува да стане Милчинов или Милчиновски. Зошто па оваа територија, благо наречено држава, да стане Северна? Зошто Грците да ни прават ДНК, та да утврдуваат кој ни е татко, Тито, Климент или Филип? А резултатите од ДНК се готови, вакви деца, со толку шарена памет, навистина не се од една мајка и од една татко – вина. Убаво прават Евреите: родот се утврдува по мајката.
Овие деца се од повеќе татковци, како кај мачките. За време на парењето мачките може да си прават мачиња со повеќе мачори и да се омачат со црни, шарени, бели, жолти… Затоа, кога видоа овие од, ’Биг брадер’ дека детето не го бидува, решија да пресечат, како Александар Велики, познатиот Гордиев јазол. Толку замрсено бил врзан, а него со еден потег да го размрси. Извадил јунакот мечот и… го пресекол на половина. На два дела, северна и јужна. Нема повеќе јазол, нема повеќе дилеми. Без да ги прашаат децата и ’интелектуалците’. Се лигавеа 20 години (сега 27) правејќи октоподи, транзиции, тајвански и рамковни договори, интеграции и реинтеграции, доселени и раселени, разработени и безработни, дезертери и неранимајковци… Ако се вадат нови лични карти и пасоши, со ново име, јас ќе побарам, како детето-војвода, пасош на наш источен сосед, во близината на Крива Паланка. Засега не откривам кој сосед. Толку ми се сакаше да имам своја држава, а и привикнав на привременото име… Република Македонија“. (повторувам, текстот е објавен на 26 ноември 2009 година!!!). Ништо слично со секојдневието.
Кога сме кај Крива Паланка, од еден, кој 45 години јаде бел политички леб, научив дека, распаѓање на кривопаланечки се викало ,,дисолуција“.
Ама навистина не вреди човек да пишува нови колумни, кога ,,подгреаната манџа“ е небаре денешна. Оваа е од 7 јуни (петок) 2013 година и е една примитивна „ДНК-анализа“ дека не сме баш ,,децата на Александар“: ,,Персијците не смеат во очи да го погледнат својот господар. Паѓаат на колена пред своите цареви, им ги целиваат сандалите и нозете. Ние не сме Персијци, ние сме Македонци! Во битката кај Граник (мај 334 г. пр. н.е.) Клит му го спаси животот на Александар од непријателски војник, кој од зад грб го потегна мечот кон војсководецот. Храбриот клит му ја отсекол раката до лакотот на непријателскиот војник. Тоа беа последните зборови што успеа да ги изговори, громогласно, искрено и машки, војникот Клит, еден од најхрабрите офицери, еден од најдобрите пријатели и другари на Александар Велики. Тогашна Персија се протегала на 4.000 км на исток до запад, на 1.800 км од Кавкаските Планини до Персискиот Залив. Или 7.200.000 квадратни километри или точно 280 пати поголема од денешна, независна и самостојна Република Македонија. Е, против таа држава тргнал и ја покорил Александар, не случајно наречен Велики. Лично големиот цар Дарие ја предводеше армијата, заштитен од специјалните одреди наречени ’бесмртните’ зашто беа сите со ист раст, со еднакви тела и еднаква униформа.
Во царската свита на бескрајниот карван беа 200 најблиски роднини на царот, личното обезбедување, неговите 400 лични коњи, кочијата на мајка му, прислужничките на коњи и децата во колички. Зад нив одеше ред слуги, готвачи, музиканти и танчарки. Триста камили и 600 магариња ги носеа царското богатство и платите на војската од 30.000 коњаници и 120.000 пешадинци или вкупно 150.000 војници (каков материјал за тендер за набавки на паштети и оружје) готови за битката кај Исос, на рамнината околу Вавилон (денес во Ирак).
Театарот не остави некој впечаток кај Александар, но затоа тој остави силен впечаток врз театарот. Треба да знаете: Дарие ги напушти бојното поле, семејството и армијата. Дезертира, но беше убиен од неговите, поради дејството. Во 329 г. пр. н.е. Александар навлезе во земјите на денешен Авганистан. Од планините ненадејно се појавија авганистанските востаници, кои убија околу 2.000 (!) македонски војници и коњаници и, исто така, ненадејно исчезнаа. Тоа беше првиот сериозен пораз на Александар (истата воена стратегија Авганистанците ја применуваат и со НАТО до денес!). Оваа трагична епизода фрли сенка врз Александар. Можно ли е еден таков (авганистански) народ да постои повеќе од 2.500 години и притоа да не ги смени карактерот, патриотизмот, стратегијата и одбраната, користејќи ја македонската тврда идеологија ’свои на своето’. Згора на тоа, до денес босоноги во нозете, но не и во главата. Оттогаш, до денес никој не успеа да им ја освои територијата или да им го промени менталитетот“. До тука од 7 јуни 2013-та.
Мислам на кривопаланчанецот и „дисолуцијата“: за да се разединат јасно, Античките Македонци од Грците, Македонците векови подоцна се „славјанизираа со јазикот и со писменоста“ само да се разликуваат, да немаат ништо заедничко со нив, ама ете шанса да им ги вратиме в скут на Грците. Не е тука јунакот, да „пресече“.