Филмот jа доби наградата за наjдобра камера на Critic Choise Award 2020

ФИЛМ+ОСКАР ЗА НАЈДОБАР ДОКУМЕНТАРЕЦ

Кон „Мојот учител – октоподот“, режија: Пипа Ерлик и Џејмс Рид, улоги: Крег и Том Фостер, фотографија: Роџер Хорокс, Јужна Африка 2020

Пишува: Гена Теодосиевска

Многу често Американската филмска aкадемија успева да нè изненади со одлуката, кога е во прашање изборот на „Оскар“ за најдобар документарен филм. Така, минатата година на 92. доделување, кога сите очекувавме дека ќе добие „Медена земја“ или трогателниот „За Сама“, одлуката на Академијата да го награди ангажираниот документарец „Американска фабрика“ на Џулија Реикерт и Стивен Богнар, беше навистина неочекувана. Но, морам да кажам дека иако бевме изненадени, сепак, тоа не беше така за оние што ја знаеја историјата на продукцијата на овој филм.

Бидејќи, „Американска фабрика“ не е обичен филм, тоа е предупредувачки и очаен крик за враќање на достоинството на просечниот Американец, кој е принуден да се потчини на суровите услови за работа на бездушните мега-компании, на кои профитот им е поважен од човечките судбини. Би рекле, локална, но и глобална универзална сторија, која е снимана десетина години следејќи ги сите промени во сопственичките права на еден гигант, при што се тотално неважни личните стории…

Годинава, пак, дали заради чудното нормално предизвикано од светската пандемија, дали заради синдромот на грижа на совест и чувството на вина во однос на нашата агресија врз природната околина, членовите на Американската академија „оскарот“ за најдобар документарец му го доделија на јужно-африканскиот филм „Мојот учител – октоподот“, филм кој ќе ви го стопли срцето и, дефинитивно, ќе ве промени.
Прво што ќе ве преплави во овој филм, е заслепувачкото синило. Нурнувањето во студените океански длабочини во заливот Фалс, близу Кејптаун, е секојдневна молитва на Крег Фостер, основачот на фондацијата „See Chane Fondation“. Нејзина цел е заштита на марината во која расте големата африканска морска шума, што се протега на околу 1.300 километри околу јужно-африканскиот и брегот на Намибија, а која секојдневно е загрозена, како од човекот, така и од глобалното затоплување.

Крег е семеен човек, татко на тинејџер, со кого тешко воспоставува контакт. Тој во 2016 и 2017 година во текот на 18 месеци секојдневно нурка во заливот Фалс и прави видеозаписи, особено внимавајќи на исчезнувањето на кафената макроалга, која исчезнува многу брзо, за што е особено загрижен, бидејќи таа е толку важна во создавањето и опстанокот на биодиверзитетот. Во меѓувреме, забележува еден мал октопод, штотуку илезен од својата школка, кој љубопитно му се придружува, најпрво плашливо, а потоа со време и малку послободно.

Октоподот му дозволува да се доближи и да го види неговиот дом, на што Крег реагира инстиктивно, оставајќи да му се приближи кога ќе сака. По средбите со октоподот, тој почнува своите мисли да ги канализира појасно, да ги увидува своите грешки како родител, како сопруг. Присуството на неговиот пријател – октоподот, му причинува опуштеност, му делува терапевтски. Како најефективен би го издвоила моментот кога Крег и октоподот ги започнуваат првите контакти, кога тој посегнува по неа (бидејќи октоподот е женка), а таа со кревките пипала се обвиткува околу неговите прсти, или фрагментот, кога Крег престанува да ја користи боцата за кислород и нуркачкото одело, а октоподот му легнува на градите и заедно нуркаат низ морските шуми. Магичен танц.

Пипа Ерлих и Џејмс Рид

Овој филм е визуелно-наративна ода за космичката поврзаност на сите чинители во големото синило на екосистемот, сторија за едно чудно, но не и неможно пријателство, за една уникатна средба меѓу човекот и октоподот. И покрај тоа што на моменти се појавуваат кадри кои потсетуваат на научните документарци, сепак „Мојот учител – октоподот“ е креативен документарец со извонредна приказна. За неговиот контакт со октоподот да добие на интензитет, Крег и екипата консултираат и експерт, психолог за октоподи, д-р Џенифер Метер, од универзитетот Летбриџ во Канада.

„Мојот учител – октоподот“ е исклучителна лекција за целото човештво. Додека нурка, на Крег му се придружува и Пипа Ерлик, новинарка и екологистка, која е запознаена со неговиот еколошки проект и се појавува како еден од режисерите. Ова е втор „Оскар“ за документарен филм, по минатогодишниот, на големата дистрибутерска платформа „Нетфликс“, во режија на Пипа Ерлик и Џејмс Рид и претставува широк копродукциски зафат.

Крег Фостер е познат борец за зачувување на природната околина, документарист со искуство од 20-тина години. Зачувувањето на природата е негова тема, но тој никогаш не го исклучува човекот, тој е оној акцелератор на сите негови стории. Ова е прв „Оскар“ за Јужна Африка. Октоподот, за жал, умира за врема на монтирањето на стоте часови материјал во 2018 година. Но, откако ќе го гледате документарецот, можеби ќе го разберете Жак (Жан- Марк Бар) и неговото заминување во длабочините на морето како негова природна околина, во познатиот филм на Лик Бесон „Големото синило“.

Филм+++++


,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.