На сто дена од официјалниот датум за брегзит, сѐ уште не се знае под кои услови и дали воопшто Британија ќе излезе од ЕУ. Сѐ погласни се и повиците за втор референдум, а анкетите покажуваат дека Британците на него би гласале да останат во ЕУ. Но има и една друга дилема, а тоа е дали ЕУ може да се реформира ако Британија на крајот реши да остане во Унијата
Денеска се одбележуваат симболични 100 дена до официјалното излегување на Британија од ЕУ, на 29 март 2019 година. Во моментов може да се констатира само дека никој не знае што ќе се случува во тие сто дена, па и по нив. Не се знае под кои услови и дали воопшто Британија ќе излезе од ЕУ. Како што се приближува датумот на развод меѓу Британија и ЕУ, така се зголемуваат и повиците за второ изјаснување за брегзит. Ама и тоа засега е непознато.
Во моментот има два вида препреки за втор референдум, политички и процедурални. Владата на британската премиерка Тереза Меј категорично отфрла втор референдум за брегзит. Меј неделава ги предупреди пратениците дека политичките институции ќе ја загубат довербата на народот ако одлучат да дозволат нов референдум за брегзит кога Британците веќе еднаш се изјасниле за истапување од ЕУ во 2016 година.
Меј успеа да договори спогодба со Брисел за условите за брегзит, но дома наиде на жестоки критики, поради што беше принудена да го одложи гласањето во парламентот (договорот мора да биде усвоен од парламентите на Британија и на ЕУ за да стапи во сила). Реакциите против договорот беа толку остри што група сопартијци на Меј успеаја дури и да ѝ иницираат гласање за доверба, која на крајот таа ја доби, но со многу услови. Засега не се знае точно кога пратениците ќе се изјаснуваат за договорот. Премиерката сигнализира дека тие ќе можат да гласаат во почетокот на наредната година. Но пратениците бараат што побрзо да има одлука и да се знае планот Б ако не успее договорот. Самата Меј, пак, го засили притисокот врз парламентот, најавувајќи дека се подготвува за брегзит без договор, а такво сценарио не сакаат ниту Британија ниту ЕУ. Ако пратениците не го поддржат договорот, планот Б вклучува повеќе опции, меѓу кои и нов референдум. Оваа опција добива сѐ поголема поддршка во изминатиот период. Таа во моментот изгледа далечно, но ако парламентот реши одново да ги повика граѓаните на референдум, времето за негово спроведување ќе биде екстремно кратко. Од британскиот ДИК велат дека се подготвени за брз референдум. Ако парламентот се реши за таква опција, ќе треба да усвои закон и правила за изјаснувањето и за кампањата.
За претходниот референдум, на парламентот му беа потребни седум месеци за да ја донесе потребната легислатива. Една опција сега е да ископира поголем дел од неа за да се скрати рокот на околу три месеци, што значи дека законот би бил усвоен најрано на крајот од февруари. Но работата ќе се усложни ако избирачите, наместо за две опции (за останување и за истапување од ЕУ како во 2016 година), можат да избираат меѓу повеќе. Во моментот има повеќе предлози, како на пример опцијата за останување во ЕУ да не биде вклучена, туку да се избира само меѓу брегзит со договорот на Меј и брегзит без договорот. Друга варијанта е да има три или повеќе опции, меѓу кои и опцијата за останување во ЕУ, а граѓаните да изберат една или да ги рангираат. Потоа ќе треба да се одлучи и за кампањата, која обично трае четири недели. Сето ова значи дека ќе бидат потребни најмалку десет месеци за да се усвои легислативата и да се организира референдумот, што значи дека е малку веројатно дека целиот процес ќе се заврши до датумот за брегзит, 29 март. Затоа некои предлагаат да се скрати времето и посочуваат дека други земји успевале да организираат референдум за десетина дена, но експертите предупредуваат дека тоа ќе отворело други проблеми. Имено, ако референдумот се организирал набрзина, граѓаните можеле да помислат дека не е испочитувана процедурата и дека резултатот е нелегитимен (ве потсетува ова на нешто?).
Лондон може да бара и одложување на рокот за брегзит за да може да организира нов референдум. Но одложувањето мора да биде прифатено од сите други 27 членки на ЕУ. Брисел претходно нагласи дека може да дозволи продолжување на рокот, но само ако се сменат политичките услови, ако има нови избори или нов референдум, а не за да му обезбеди време на Лондон за нови преговори. Плус, и за таа опција е потребна поддршка од британскиот парламент. Крајна опција е Британија еднострано да се повлече, како што пресуди Европскиот суд на правдата, но тоа значи откажување на целиот процес, а не негово одложување. Во таков случај, Лондон може прво да бара одложување на брегзит за да одржи втор референдум, па потоа, во зависност од резултатот, да решава дали целосно да се откаже од брегзит. Алтернативно, Британија може да се изјаснува за ЕУ откако ќе излезе од Унијата, но тоа уште повеќе ќе ги усложни работите, особено ако мнозинството реши дека сака да биде дел од ЕУ, како што во моментот покажуваат повеќето анкети.
Конечно, целата мешаница околу брегзит може да се погледне и низ очите на ЕУ. Брисел уште при првиот референдум нагласуваше дека разводот меѓу Британија и ЕУ е „голема трагедија“ и дека Британците може да се вратат назад. Британија има голем удел во европскиот буџет и е еден вид контратежа на двоецот Германија – Франција. Но со целата евроскептична ситуација, некои аналитичари сметаат дека не е добро за ЕУ ако Британците сега одржат втор референдум и на него да решат да останат во Унијата. Ако резултатот од вториот референдум биде спротивен на првиот, незадоволни ќе останат милиони гласачи, кои од политичарите добија ветување дека ќе го решат европското прашање. Британија ќе остане поделена, а нејзините лидери сигурно нема да сакаат поголема интеграција со ЕУ. Тогаш, Британија ќе прави сѐ за да ги блокира неопходните реформи во ЕУ и ќе бара сојузници меѓу другите членки на ЕУ што се противат на поголема евроинтеграција. Европејците јавно позитивно ќе реагираат на евентуалната одлука на Британците да останат во ЕУ. Тие можеби ќе сметаат дека британското премислување ќе ги замолчи гласните евроскептици, кои бараат да се врати контролата од Брисел. Но славјето нема да трае долго. Ако Британците навистина се здружат со евроскептиците за да ги блокираат реформите, ЕУ може да се покае што брегзит не успеал. Ако ЕУ сака да опстане, тогаш мора да ги реформира институциите. Во моментот на ЕУ најмалку ѝ е потребна една поделена Британија, која, сепак, решила да остане во ЕУ, ама не сака да ги прифати правилата или промените во Унијата.
Британските политичари со референдумот за брегзит во 2016 година избрзано ја вовлекоа нацијата во тешка ситуација, а сега баш и немаат визија како да ја извлечат. Симболичните сто дена до брегзит се само потсетување каква Пандорина кутија беше отворена со референдумот за брегзит, чии последици допрва ќе се чувствуваат. Политичарите доаѓаат и си заминуваат, но цехот за нивниот опортунизам на крајот ќе го плаќаат граѓаните.