Наводното убиство на саудискиот дисидентски новинар Џамал Кашоги, инаку постојан жител на САД, во саудискиот конзулат во Истанбул поттикна лавина критики. Во американскиот конгрес, демократите и републиканците ветија дека ќе ѝ се стави крај на продажбата на оружје за Саудиска Арабија и ќе се наметнат санкции ако се докаже дека Владата е вмешана во убиството на Кашоги.
Но нема да се случи значајна штета по билатералните односи, а камоли прекин на дипломатските врски, дури и по цена сите докази да покажуваат дека државата го нарачала убиството. Саудиска Арабија е премногу важна за американските интереси, за да се дозволи смртта на еден човек да влијае врз односите. Со тоа што новите сојузници работат заедно со старите лобисти за да се спречи штетата, малку е веројатно дека настанот ќе предизвика нешто повеќе од обична љубовна кавга.
Посебната улога на Саудиска Арабија во американската надворешна политика е лекција што американските претседатели ја учат само со искуство. Кога Бил Клинтон стана претседател, неговите советници се фокусираа да ја дистанцираат новата администрација од политиките на Џорџ Буш постариот. Меѓу промените предложени од страна на советникот за национална безбедност на Клинтон, Ентони Лејк, беше да му се стави крај на неограничениот пристап во Белата куќа што саудискиот амбасадор Бандар бин Султан го имаше за време на мандатите на Реган и на Буш. Бандар требаше да има статус како сите други амбасадори.
Но Клинтон веднаш почна да се зближува со Бандар, а тој и кралскиот двор станаа клучни во регионалните политики на Клинтон, од арапско-израелските мировни преговори до заземањето на Ирак. Во 1993 година, кога на Клинтон му требаше цитат од Куранот покрај цитираните делови од Стариот и Новиот завет од Библијата во церемонијата што требаше да го обележи израелско-палестинскиот договор, тој му се обрати на саудискиот амбасадор.
Пред да ја преземе функцијата Доналд Трамп, тој често ги критикуваше Саудијците и се закануваше дека ќе престане да купува нафта од кралството, со тоа што ги стави во категоријата паразити што ја искористуваат Америка. Но откако Саудијците му приредија огромна чест со традиционален танц со мечеви и му ја доделија највисоката државна награда кога тој ја оствари својата прва посета на кралството како американски претседател, Трамп го промени ставот.
Дури и терористичките напади од 11 септември во 2001 година не ги нарушија односите. Иако лидерот на Ал каеда, Осама бин Ладен, инаку Саудиец, регрутира 15 од 19-те киднапери од кралството, сепак, високите саудиски функционери ги негираа обвиненијата. Во едно интервју од ноември 2002 година, саудискиот министер за внатрешни работи рече дека ова е „невозможно“, пред да се обиде да ја насочи вината кон Евреите што ги „искористиле“ нападите и ги обвини израелските разузнавачки служби дека биле поврзани со терористички организации.
Американците се налутија и се чинеше дека чудниот сојуз меѓу една секуларна демократија и таинствена теократија, зацврстен со заедничките интереси што датираат уште од Студената војна, почна да се руши поради различните вредности. Но сојузот не само што преживеа туку и се продлабочи. Бандар го советуваше и му ги даде клучните пристапи на претседателот Џорџ Буш додека тој ја планираше инвазијата на Ирак во 2003 година.
Денес американските политичари повторно се жестоки во својата реторика по смртта на Кашоги. Турците тврдат дека имаат аудио и видеоснимка, со што би се утврдила неговата смрт, а сенаторот Линдзи Греам предупреди дека „ако е точно тоа што се случило, тогаш ќе мора да следува казна“, а сенаторот Бенџамин Кардин се закани со наметнување санкции за високи саудиски функционери.
Но Саудиска Арабија е премногу важна за Американците толку лесно да се откажат од сојузот. Иако на САД повеќе не им е потребна саудиската нафта, благодарение на нивните резерви од шкрилци, сепак кралството им е потребно за да го регулираат производството и со тоа да ги стабилизираат пазарите. Американските фирми во одбраната зависат од милијардите што ги троши кралството за набавување воена опрема. Разузнавачката соработка е од клучно значење за ловењето на џихадистите и за спречување на нивните планови. Но најважно е што Саудиска Арабија е главната арапска држава што го спречува иранското ширење. Кралството ги поддржува платеничките сили во Либан, Сирија и во Јемен за да ги спречат интригите на Иран. Секаков чекор да се обвинат Саудијците за смртта на Кашоги ќе ги натера САД да преземат одговорност, што би било подобро да ја преземе некој друг од страна.
Станува збор за улога што САД долго време ја избегнуваа. Кога Британија, колонијалната сила и заштитничка на регионот, одлучи дека повеќе не може да си дозволи таков финансиски товар, американските лидери решија да ја преземат нејзината улога. Политичарите беа премногу фокусирани на Виетнам за да направат план за акција на друго бојно поле. Наместо тоа, државниот секретар Хенри Кисинџер смисли политика во која Иран и Саудиска Арабија, поддржани од неограничената американска воена опрема, би можеле да го контролираат Заливот. Иако Иран престана да ја игра таа улога по Исламската револуција од 1979 година, Саудијците не се откажаа.
Пред Трамп стои голема дилема. Иако вети „строга казна“ ако Саудијците го убиле Кашоги, тој одби да се откаже од воените договори, изразувајќи жалење каква загуба би претставувало тоа за американскиот пазар на трудот.
Американските фирми во одбраната не се единствените што би претрпеле штета поради Саудијците. Пред да стане Кашоги популарен во Вашингтон, Саудијците ангажираа околу десет лобистички фирми со не помалку од 759.000 долари месечно за да ги величат по американските институции.
Но можеби токму новиот најдобар пријател на Саудијците ќе ги спаси од оваа незавидна ситуација. Кога Иран стана најголема закана по Израел, израелската држава се здружи со Саудијците. Бившиот остар критичар на Саудијците, Дори Голд, инаку советник на премиерот Бенјамин Нетанјаху, се сретна со функционери од кралството. По воениот државен удар од 2013 година, во кој беше соборена демократски избраната влада во Египет, израелските лидери побараа од американските функционери да ги прифатат генералите. Најверојатно денес ќе го сторат истото тоа ако американското антисаудиско чувство ја загрози нивната стратегија за Иран.
Американско-саудиските односи беа проблематични, а нивните пречки и скандали во голема мера се случуваа зад завесата. Сепак, сојузот опстана и се подобри. Овој пат, по смртта на Кашоги, заедничките интереси и меѓусебната зависност најверојатно ќе бидат поважни од желбата Саудијците да се држат до стандардите што се очекуваат од другите блиски сојузници на САД.
Авторот е научен соработник во „Њу Америка“, каде што специјализира за арапски и исламски односи