За руралниот развој кај нас сѐ повеќе се зборува во последно време, поради користење средства од претпристапните фондови на ЕУ. Меѓутоа, ни пошироката стручна јавност не е доволно упатена во комплексноста на оваа формулација. Затоа сметам дека е од полза да ги запознаеме концепциите и суштината на руралниот развој, а особено на што се однесува тој во земјите на ЕУ.
Поимот рурален развој се среќава во агроекономската теорија, но и во практиката во развиените земји веќе неколку децении. Според некои теоретичари, тој настанал како одговор во проблемите поврзани со регионалната нееднаквост во степенот на развој и послужил како концепт за поцелосно валоризирање на производствените потенцијали во руралните подрачја. Различниот пристап кон концептот на рурален развој, во смисла на дефинирање методолошки и аналитички рамки за негово научно изучување и практична примена, се сведува во основа на неколку димензии: регионална, социјална и економска (стопанска). Сите три аспекти, и како поим и како предмет, се доста комплексни, поради тоа што и дефинирањето универзален модел за поголем број региони и земји е неприфатлив.
Некои теоретичари сметаат дека прекумерната индустриска концепција на урбаните подрачја предизвикува девијантни појави во демографската и социјалната сфера, а особено во неразвиените, периферни и напуштени подрачја. Со тоа се загрози и економската компонента во развиените региони. Ова се само некои од клучните причини за пристап кон нова филозофија со која се цели намалување на просторната, демографската, еколошката и другите деформации. Ова доведе до целосна промена на концепцијата на руралниот развој – антипод на класичниот индустриски развој.
Руралниот развој во основа форсира рурално и одржливо, наспроти индустриското и неодржливо. За разлика од лаичкото изедначување на руралното со земјоделското, поимот рурално е многу поширок.
Мерките на руралната политика не се насочени само кон земјоделското производство туку на развој на голем број други дејности „околу“ земјоделството. Принципите на кои се креира и се имплементира концепт на интегрален рурален развој во ЕУ, во најголема мера се базираат на потребен рамномерен развој, спречување на миграцијата од руралните подрачја, структурни промени и општествено приспособување за остварување највисоки социјални, административни и еколошки стандарди.
Како ембрион на руралниот развој на ЕУ се смета Мансхолтовиот план, кој настанал во 1968 год. Со него се поставени темелите на заедничката рурална политика, која се доградува низ продолжувањето на реформите на заедничката политика (САР).
Политиката на руралниот развој ја охрабри диверзификацијата на економските активности, ги промовира локалните и регионалните иницијативи, со што ги неутрализира наследените разлики и на секоја земја ѝ овозможи автентичен пристап во рамките на единствениот развоен концепт.
Позитивните еколошки, социјални и демографски трендови на овие територии придонесоа денес руралниот дел од Европа сосема да се разликува од оној во шеесеттите години на минатиот век.
Концептот на руралниот развој е поттикнат во научно втемелени и програмски обмислени мерки, чија цел е ефикасно и одржливо користење на вкупните расположливи ресурси. Современиот концепт на интегралниот рурален развој е незамислив без соодветни институционални претпоставки како што се:
– Определување на приоритетите што ќе бидат во состојба да придонесат во иницијалната фаза на неговата примена. Ова не значи со политички и административни мерки да се врши алокација на инвестициите во овие подрачја, туку се работи за тоа инвестицискиот развој да се реализира преку проекти базирани на одржлива експлоатација на природните ресурси. Државата тука треба да обезбеди потребни инфраструктурни услови и да ги елиминира административните пречки.
– Преминот на рурален концепт на развој и неговите стратегиски цели треба да се усклади со создавањето институционални услови на таа политика. Овде се мисли пред сѐ на законски предуслови, но и на институции што ќе го поттикнуваат руралниот развој. Во развиените земји финансирањето се потпира на сопствените потенцијали на регионите или државата, а кај неразвиените земји е потребна финансиска поддршка од меѓународни организации.
– Приоритетните цели на политиката на рурален развој треба да се креираат на ниво на глобални (макро) и сепаратни (мезо и микро) проекти. Целите може да бидат: зголемување на производството, зголемување на обемот на квалитетот на услугите, пораст на општествениот производ и национален доход пер капита, подобрување на општиот стандард, населување жители во напуштени подрачја, зголемување на вработеноста, подигање на еколошките стандарди и др. Четвртата иницијална основа на сите проекти во рамките на интегрален рурален развој треба да биде анализа на постојаната состојба на руралниот комплекс, а особено расположливоста на природните ресурси. Потребно е изработка на соодветен модел како на регионално, така и на глобално ниво. Добро осмислениот модел на вложувања во руралниот комплекс, кој се базира на состојбата на расположливите ресурси (природни, човечки и останати) може квалитетно да ја подобри општата економска и социјална положба на руралниот простор.