,,Есма, сар сијан? “ (Есма, како си?) ,,Шукар… ту сар сијан?“ (Добро… ти како си?). Есма седеше во една од ложите во „Универзална“, на минување покрај неа, кратко ја поздравив на ромски јазик, возврати љубезно и со широка насмевка, која само нејзе ѝ прилегаше. Се ракувавме, јас со едната рака, а таа со двете ја „гушна“ мојата дланка. Потоа седнав на моето место во партерот. Додуша, ја познавав повеќе скопски отколку естрадно. Бевме родени во соседни маала во општината Идадија (тур. гимназија), денес општина Центар. Таа беше родена во Гази-Ментеш Маало (кое беше помеѓу старата железничка станица и плоштадот на ВМРО, а јас бев роден на стотина метри понатаму, на плоштадот „Слобода“. Мојот скопски ,,контакт“ со нејзиното семејство Реџепови беше чистење чевли кај нејзиниот татко Ибраим, кој беше инвалид со една нога, и кај неговиот син, а нејзин брат Шеро, кој чистеше непосредно до него. Кога не ги чистев чевлите, купував врвки за чевли, бидејќи изборот на врвки кај нив беше величествен. Не ја познавав Есма како малечка, кога работела за нив како набавувач и доставувач на „репроматеријал“. За време на чевларскиот третман го доусовршував моето скромно и скопско познавање на ромскиот јазик, бидејќи по корен бев скопјанец од срцето на некогашно Скопје, Топаана-Дуќанџик (денес дел од пластичарската улица). Од нив научив дека зимно време било „шилало“ (студено), а летно време е „тато“ (топло). Работеа кутрите и на шилало и на тато. А „Скопје има микроклима, изгор лето – кочан зима“.
Еден доктор-анестезиолог, по потекло од Палестина,оженет со Македонка, кога ме виде дека чистам чевли кај Ибраим, ме укори: според алжирскиот претседател Ахмед Бен Бела било понижувачки и нечовечки – измеќарски некој некому да му ги чисти чевлите. Да, се согласувам, измеќарски е, ама ако не сме јас и некои други денес, Ибраим и Шеро нема да имаат за леб. И јас сум му некому измеќар и од мојот измеќарски леб денес давам една корка на Шеро, а тој со тие пари ќе оди кај друг измеќар да купи леб и млеко за дома. Не се откажав од Ибраим и Шеро. И ден-денес тврдам дека такво ласкање на чевлите не сум во состојба сам да си направам. Со длабоки чувства, безмалку секојдневно поминувам покрај бронзениот споменик „Чистач на чевли“, покрај ресторанот „Пелистер“, иако нивните „дуќани“ беа на аголот, сосема до плоштадот. Но поменот за Есма денес не е само годишнината на нејзината смрт, на 11 декември 2016 година, во родното Скопје. На Фејсбук го видов гробното место каде што почива Есма, двапати номинирана за Нобелова награда за мир, заради нејзината хуманитарна дејност, првпат во 1987 година, како кандидатка на Црвениот крст на Југославија, а вториот пат како претставничка на Светската организација на Ромите, со поткрепа на 76 невладини организации и лајонс-клубови од земјата. Мајката со најмногу деца, посвоила и одгледала 47 туѓи деца, од кои има повеќе од 100 внуци и правнуци. Сите се израснати и обучувани во ансамблот „Теодосиевски“. Имала повеќе од 8.000 концерти, во повеќе од 30 држави во светот.
Настапила и пеела 22 пати во париска „Олимпија“, каде што, за споредба, францускиот шансониер Жилбер Беко настапил само двапати. Има снимено повеќе од 600 плочи, од кои два албуми се платинести, осум златни и осум сребрени. Автор е на повеќе од 600 песни. Во 2013 година е удостоена како врвен државен уметник, но, ете, ниту од големиот број деца и внуци, ниту од државата не е удостоена со достоен спомен-белег, како што ѝ прилега на двојна кандидатка за Нобелова награда. Можеби кралицата на ромската музика од светски ранг требаше да почине и таму да биде погребена и почитувана, во некоја од светските метрополи, како Келн на пример, каде што настапувала и воодушевувала 20.000 посетители, кои занемеле „во хор“ пред нејзиниот талент и завладеала апсолутна тишина.
Тогаш можеби делегации од градот и од државата ќе организираа патешествија и поклонение во чест на Есма, во Келн, Канада, Австралија, САД или Белград, каде што помина речиси 30 години од својот живот. Каде било, само не во Скопје. Градот на светската солидарност имаше чест да биде роден град на двете најголеми и најпознати скопјанки и хуманистки, Мајка Тереза и Есма Реџепова, и на многу скопјани што излегоа со својата личност и популарност, надвор од Скопје и од Македонија (РМ). Еден од нескопјаните, но многу попознат и од голем број родени скопјани, човек што оставил сериозна боемска трага и наследници во моето Скопје и Белград, е Георгиос Зорбас, главниот јунак од романот на Никос Казанѕакис, „Алексис Зорбас“ (1946 г.). Георгиос Зорбас е роден во 1865 г., во Колиндрос, Егејска Македонија, во тогашната Османска Империја. Работел како дрводелец и рудар. Во 1915 година решава да стане монах на Атос. Таму се запознава со Никос Казанѕакис и стануваат блиски пријатели.
Заедно заминале за Мани, на Пелопонез, каде што работеле заедно како рудари. Книгата на Казанѕакис е прераскажување за заедничкиот рударски живот со Зорбас, живот – целосно исполнет со живот. Зорбас починал во 1941 г. во с. Бутел и почива на гробиштата „Бутел“ во Скопје. Не случајно во негова чест Скопје и неговиот гроб ги посети и Микис Теодоракис, авторот на музиката од филмот „Гркот Зорбас“. Од безбројните родени скопјани, тешко е да се издвои, но ќе се обидам да набројам некои, во скратена форма, вредни за спомен. Агатангел Повардарски, Атанас Станковски, чаирчанец, роден во 1955 во Скопје. Тој денес е митрополит брегалнички и повардарски. Исак Калдерон Адиџес, виден американски економист, професор, експерт од областа на управувањето и организацијата. Роден во Скопје, во 1937 г. докторира на Колумбискиот универзитет. Сабина Ајрула-Тозија, родена во 1946 г., во Скопје, позната актерка од Турската драма. Коле Ангеловски, познат актер и режисер, роден во Скопје, во 1943 година. Гаврил охридски и македонски, третиот архиепископ на МПЦ од 1986 до 1993 г., роден во Скопје во 1912 г., како Ѓорѓи Милошев, завршил германистика и славистика во 1936 г. во Скопје. Невена Георгиева-Дуња, партизанка, родена скопјанка, во 1925 г., а загинала во 1942 г. кај велешкото с. Нежилово.
Тијана Дапчевиќ, род. во 1976 г., позната по многу хитови, како „Све је исто, само њега нема“. Трифун Костовски, скопјанец, роден во 1946 г., познат бизнисмен, донатор и градител на закрилничката црква „Св. Богородица“, поранешен градоначалник на Скопје и еден од побогатите луѓе во РМ. Дарко Панчев, добитник на „златна копачка 1991“, но наградата му е врачена 15 години подоцна во Скопје, во присуство на Мишел Платини, Драган Стојковиќ и Драган Џаиќ, роден на 7 септември 1965, во Скопје. Шабан Трстена, роден на 1 јануари 1965 г., неколкукратен шампион на Југославија во борење. Носител е на два златни, три сребрени и два бронзени медали на европски првенства. Има златен и сребрен медал од Олимписките игри во Лос Анџелес и Сеул. Избран е двапати за најдобар спортист на Југославија (1984, 1988), а во 1991 е избран за најдобар спортист на Македонија (РМ) на 20 век.
Се разбира дека во избраните скопјани ја вбројувам и Синоличка Трпкова, родена во 1965 г., а ја паметам по главните улоги во „Среќна нова 48“, „Светлосиво“, „Џипси меџик“, „Збогум 20 век“, „Дом за бесење“ (ептен скопски), „Смртта на ученикот“, „Кармин“ и др. Пијано-мајсторот бр. 1 Симон Трпчески, роден во 1979 г., ученик на рускиот професор Борис Романов, на ФМУ, каде што дипломира во 2002 г. Денес веќе е светска класа за пијано. Се разбира дека нема да го прескокнам чаирчанецот Владо Јаневски, роден во 1960 г., има завршено англиски на Филозофскиот факултет, ама свири на клавир, гитара и тапани, а го паметам по хитовите: „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Некогаш и негде“, „Црно тиквешко“, „Ова е наше Скопје“, „Не зори, зоро“ и др. Скопјанец бр. 1, а роден во Битола, беше Влатко Стефановски, го паметиме по незаборавните драмски текстови, се препознав себеси во ,,Демонот од Дебар Маало“ и, згора на тоа, некој ја ставил на плакатот мојата куќа во Дебар Маало. Голема гордост е, простете, да си скопјанец и граѓанин притоа. Се разбира дека листата на скопјани може да се прошири и со видни, некогашни и актуелни политичари. Ама не сакав, ми се гади од политика. Ги има и леви и десни и никакви.