Според Уставот, судовите судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Но, иако за судењето на прво место е ставен Уставот, тој најчесто не се ни отвора, туку се суди само во рамките на законите, а тоа понекогаш, без да се отвори Уставот, доведува до тешки повреди на правата и правните интереси на учесниците во постапките пред судовите и државните органи.
Овие денови вниманието на јавноста, освен од другите настани, беше привлечено и од пресудата на Управниот суд донесена во врска со одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата, со која ДКСК утврдила дека поранешниот претседател на Република Македонија д-р Ѓорѓе Иванов, со потпишувањето укази за поставување старешини на формациски места генерали и унапредување старешини во повисок чин, сторил прекршување на одредбата од членот 8-а од Изборниот законик, поради што против него ДКСК ќе иницира прекршочна постапка во согласност со членот 179 став 1 од Изборниот законик. Управниот суд ја поништил одлуката на ДКСК и предметот го вратил на повторно одлучување пред комисијата, а од образложението на пресудата, која е објавена на веб-страницата на Управниот суд, може да се прочита дека поништувањето е поради пропусти и недостатоци во постапката за донесување на одлуката на комисијата (странката не била повикана на јавната расправа, одлуката не ѝ била доставена и сл.) Овде да нагласам дека ДКСК, како државен орган, одлуките ги донесува во управна постапка, а судската заштита е обезбедена во управен спор пред Управниот суд.
Одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата е НИШТОВНА, затоа што во управна постапка е донесена за работа за која воопшто не може да се решава во управна постапка. Комисијата одлучувала за работа за која не е надлежна, а ќе појаснам зошто: Според Уставот, претседателот на Републиката е и врховен командант на вооружените сили на Македонија, а своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и на законите. Претседателот не е ослободен од одговорност доколку ги крши Уставот и законите. Напротив, Уставот утврдува дека претседателот на Републиката е одговорен за кршење на Уставот и законите во вршењето на своите права и должности (член 87), но во истата уставна одредба е определено и кој е надлежен да одлучува за таа одговорност на претседателот. Тоа е Уставниот суд.
Оспорените укази претседателот ги донел како врховен командант на армијата, а како врховен командант на армијата, претседателот е надлежен да поставува старешини на формациски места генерали и да унапредува и разрешува (чл. 18 ст. 1 точ. 11 од Законот за одбрана). Значи, оспорените укази претседателот ги донел во вршење на своите права и должности како претседател и врховен командант на армијата, а доколку со тие укази го прекршил Уставот или некој закон, одлука за неговата одговорност надлежен е да донесе само Уставниот суд. Управниот суд кога одлучувал во овој случај морал да ги има предвид одредбите од Уставот и оспорената одлука на ДКСК да ја огласи за ништовна. На ништовноста на управните акти судот внимава по службена должност, а меѓу актите што Законот за општа управна постапка ги утврдува како ништовни, се и актите што во управна постапка се донесени за работа за која воопшто не може да се решава во управна постапка. За одговорноста на претседателот за актите што ги донесува во вршење на функцијата претседател и врховен командант на армијата не може да се решава во управна постапка, туку, како што веќе наведов, таквата одговорност ја утврдува Уставниот суд, а тој не одлучува во управна постапка.
Тоа што ДКСК во овој случај излегла од својата надлежност може и да се сфати, но судот што не одлучувал врз основа на Уставот и не ја огласил одлуката за ништовна е неприфатливо, затоа што Уставот бара судовите да судат врз основа на Уставот.
Управниот суд во образложението нашироко образложува за процесните недостатоци, само попатно спомнува дека ги имал предвид одредбите од Уставот за одговорноста на претседателот во случај на кршењето на Уставот и законите, но го остава тужениот орган во повторната постапка. А тужениот орган, како што пишува во неговата одлука, ќе иницира прекршочна постапка. Па каква е таа држава и какви институции има, ако претседателот на државата за одлуки што ги донесува во вршењето на функцијата претседател и врховен командант, одговара пред орган за прекршоци?!
Милојка Калкашлиева, пензиониран судија на Врховниот суд