Време е за капут. Не, не поради зимските температури: работата ни е kaputt! Изворно, зборот (capot) потекнува од француска игра со карти, па со преземање во германскиот станал kaputt. Сега е во меѓународна употреба. На англиски означува состојба (да се биде): сосема готов, бескорисен, поразен или уништен. На јидиш значењето е уште подиректно: изгубен, мртов. Нашава агонија формално ќе заврши до 15 јануари, а тогаш ќе почне онаа без крај кога Македонците ќе се борат, првпат во историјата, да ја зачуваат самобитноста од своите власти. Она што низ историјата им го правеле други, сега ќе го спроведува северномакедонска држава. Во моментов, колку и да сакам да останам бодра и непокорна, разумот ми вели дека е готово, game over!
Измамници што лажно се претставуваат како парламентарци, а кои ги плаќаме со наши пари, нѐ продадоа топтан, како на финална распродажба. Промената на Уставот е само последниот чин од серијалот што почна уште во 1991 година. Оттогаш не се најде ниту „маж“/жена, ниту политичка сила да ги постави највисоките национални интереси и да повлече црвена линија. Сосема очекувано, уставните предлог-амандмани денес се пред Комисијата за уставни прашања. Пикантеријата, сосема небитна за сликата на моралниот гнилеж, е дека стручњаците од јавна расправа имале (ниска) цена. Колку пари, толку музика, вели народот, но овде стручњаците со сите „бисери“, од лепеза до пелеза, сосема одговараа(т) и на нивото на Владата и на улогата на демократски декор на уште една работа запржена надвор. Денес ќе се расправа и за „помирувањето“, т.е. (селективната) амнестија, која е дрска легализација на поткупот и на уцената. Заев ги надмина сите претходници; небаре кралот Сонце покажува дека тој е државата, и в раце ги држи сите три власти. Сѐ тече според испланираното сценарио, и нема никакви, па ни индивидуални изненадувања.
(Да се најдеше еден, единствен пратеник одметник ќе беше неверојатен чин, ама ете нема!). Резултатот од референдумот сега изгледа толку нестварен, што се прашуваме дали воопшто и се случи. И Уставниот суд го помножи со нула, како што и самиот пропадна во сопствената нерелевантност и политизираност. Повремените патетични бранови на вознемиреност се повеќе знак на „климактерични“ општествени промени отколку на будење критичка с(о)вест. Да бидеш изненаден од она што беше толку предвидливо, треба да си неинформиран, наивен или лицемерен. Димитров (оној од „Викиликс“) се однесува небаре волшебникот Мерилин, па за „Ле монд“ вели дека чуда се можни на Балканот. (Макрон може слободно да го вработи; и нему очајнички му треба чудо, бидејќи во Франција бајките се уриваат како кула од песок под налетот на „Жолтата (контра)револуција“.) Светот би се крстел и би се чудел на народ што дозволува да го обезличат, да му ги симнат дигнитетот и правото на постоење, само кога би имал интерес за оваа недојдија. Но, ние сме сосема небитен куриозитет дури и кога сме гласни и велиме НЕ.
Бесполезно е да се кука над битка што беше наместена/предадена од почетокот. Со глава в ѕид не се може. Мнозинството актери ја преспаа Преспа. Сега е смешно да се изигрува заспана убавица. Процесот почнат пред една година, се официјализира во време згодно за годишни одмори; ќе финишира со новогодишните и божиќните празници. Во духот на една песна на Балашевиќ, треба да си признаеме „виновни сме сите ние што им дозволивме“, кој помалку, кој повеќе. Да почнам од сопствениот двор: само дел од академската заедница се ангажираше во јавната делиберација (без да биде платена за тоа); ректорати, деканати, наставнички совети останаа неми или дигаат џева за зголемување на платите. (Да, да, не сме поинакви од лекарите, кои молчат за катастрофата што им се случува во здравството, ама се бунат за паркингот и платите.) За кетманите и Фаустите пишував, тие не се ни научници ни интелектуалци. Ретките што сѐ уште пишуваат и зборуваат, го прават тоа свесни дека нивниот глас не допира до центрите на моќ. Тие оставаат трага, им се обраќаат на некои идни генерации што ќе го анализираат невремето во балканското Макондо, по сто години самотија.
Потфрлија сите што професионално се зафатија со политичко дејствување, првенствено институциите и политичките партии, парламентарни и вонпарламентарни. Со поданички менталитет и немоќ, тие се или колаборационисти или импотентни „тигри од хартија“. Додавајќи ја на ова и неспособноста за самоорганизирање (која би го надминала пасивниот отпор) и плашливоста да се преземе ризик, ја добиваме сликата на псевдодемократија и политичка култура во протекторат. Во еден научен труд за спорот со името ја употребив метафората за Давид и Голијат, но Давид нема, сите сакаат да се (со) Голијат. Зад здружениот злосторнички потфат стои власта на СДСМ-ДПМНЕ. Барањата за ТВ-дуели се само мачо-приказни, глумење битка, забава за раја и загревање за избори. Опозицијата не го напушти парламентот, помогна да се донесат закони од кои имаше финансиска полза и помогна да се конституира ДИК. Ни трага од филибастеринг или борбеност, како на 27 април, така и сега. Други треба да им ја завршат работата. Можеа да поведат своја иницијатива за промена на Уставот, за вметнување т.н. вечна клаузула за непромена на името, со која барем ќе го забавеа возот што јурнал во амбис. Пред Уставен суд не поднесоа ниту една претставка.
Не ги повлекоа пратениците што беа предвидливо ранливи и поткупливи поради обвиненијата. Не организираа ниту еден протест (прошетките со „заканите“ дека ќе победат на претседателски избори во Северна Македонија не се важат). Мицкоски секогаш беше на погрешно место во погрешно време, освен на дипломатски и кафеански средби со колегите од власта. Иванов им одолеа на притисоците, но не покажа проактивност, особено кон надвор во насока на искористување на сите (макар и очајнички) обиди за интернационализација на состојбата и барање правна постапка низ институциите на ОН. Исти беа и сите негови претходници.
Простете, ама јас веќе не можам вештачки да ја одржувам надежта. Сторив сѐ што е во човечки можности, но ова е крајот на донкихотизмот. Не гледам ни зрак светлина на крајот на тунелов што кротко ќе си го изодиме, со помиреност својствена на луѓе што ги водат на „(ре)туширање“. Парадоксално, единствената (слаба) надеж сега е во грчката страна. Обземени со самите себе, опфатени во некаков политички „аутизам“, не ги гледаме глобалната и европската слика. Причините, последиците и одговорите на сите дилеми се таму – ние сме ситна паричка за поткусурување. Нѐ тераат да веруваме дека (ќе) живееме во некој паралелен свет, кој нема врска со Париз во пламен. Треба да му веруваме на Заев, кого освен за марихуана го бидува и за друг „опиум за народот“, за НАТО/ЕУ како рај на земјата! Најмала вина, сепак, имаат обичните луѓе. Прошка не заслужува интелектуалната елита, која, типично кетмански, мисли дека решението е во „компатрментализацијата“ на кошмарот, кој така изгледа поедноставен, а е и стерилизиран од „национализам“ (кој според нив е содржан во легитимната и легална битка за името и идентитетот)!
Тие се вџашуваат од однесувањето на Кацарска или од глупостите на Шилегов, зборуваат за кршење закони, ама не и за устав (тоа не им била позната материја). Се стресуваат пред урбаната мафија (сега во рацете на Заев и компанија), ама не и пред политичкиот „сточен пазар“ и „помирувањето“, тоа е за повисоко добро. На Фејсбук ќе ги видите сите 50 нијанси (македонско) жолтило. Кај оригиналните жолти елеци има идеолошка конфузија, и во поглед на барањата и во методите на борба. Но, тие ја разголија бруталната сила на неолиберализмот, на капитализмот што е разведен од демократијата. Ја симнаа фината обланда за наводна социјална држава, зад која се таложат генерациски проблеми. Нашите типични изданоци на колонизираната свест се занимаваат со последиците, а не со причините. Се бунат (симболички) против сѐ и сешто, освен против капитализмот, неолиберализмот, НАТО и ЕУ. Накрај на памет не им е да го прозоват македонскиот Макрон (или Трамп), не дај боже да му побараат оставка. Со презир гледаат на луѓето што среде зима блокираат улици. Тие се недостоен плебс, кој треба да се пцуе и омаловажува. И така, сѐ се сведува на нов кликтивизам и помодарство („видела жабата“).
Преспанскиот процес завршува со уставниот преврат, кој е неповратен чин. Според Заев „не излегоа мечки од амандманите, нема ништо закукулено, замумулено“. Во духот на Андриќ за будалите, фукарата и паметните, пред ваква елоквенција мора да се замолчи. За националното фијаско и предавство, од мене – толку! Тоа сега самото зборува за сите нас. ENDE! Game over! Мамурлакот по отрезнувањето ќе биде тежок.