На почетокот нешто како вовед. Австралискиот славист, професорот Реџиналд де Бреј, еден од првите слависти, кои по Втората светска војна доаѓа во Македонија и кому оттогаш македонскиот јазик му станува преокупација, за македонскиот јазик, има напишано: „Како иронија на историјата, народот чии предци им го дале на Словените првиот литературен јазик, беа последни на кои им се призна јазикот како посебен словенски јазик, различен од соседните бугарски и српски“.
По овој вовед следува нешто како содржина. Тринаесет пратеници, во мешан состав од СДСМ и од ДУИ, во Собранието поднесоа предлог-закон со чие усвојување, преку скратена постапка, се бара воведување државна награда со назив „22 ноември“ (Денот на албанската азбука). Со наградата ќе се оддава признание за унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебното разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери. Наградата би се доделувала на денот на празнувањето, а паричниот износ би изнесувал пет просечни плати. Како што е познато, 22 ноември е денот кога на конгрес во Битола во 1908 година е прифатена албанската азбука со латинично писмо. Овој датум е запишан и во календарот на празници во Република Македонија и тој ден е неработен за припадниците на албанската заедница во државава.
За да нема недоразбирања и погрешни толкувања сакам веднаш да бидам јасен во ставот. Имено, немам ништо против воведувањето на наградата. Ја сметам за чин на добра волја и одраз на реалната меѓунационална состојба, иако некој би ја толкувал како ново, уште едно попуштање на Македонците кон Албанците. Државните награди, и не само тие, и така имаат изгубено секаква смисла во вреднувањето. Тие сѐ повеќе стануваат партиски отколку државни, најчесто се доделуваат на партиските полтрони, на владини подлизурковци на приватни пријатели и „ортаци“ од различен вид. Чест на исклучоците и вистинските творци со докажани дела.
Е сега, кога станува збор за доделување награда по повод Денот на албанската азбука веднаш се наметнува едно логично прашање, како се празнува и се доделуваат награди за албанската азбука, а нема празник или награда што носи име на македонската азбука или за македонскиот јазик. Како може да има за славење на албанскиот, а да нема на македонскиот јазик? Прашањето не е националистичко, прашањето е национално. Не е само лингвистичко, повеќе е политичко.
Не навлегувам во недоосмисленото образложение на пратениците што го поднесуваат предлог-законот, но со нивниот предлог и со сѐ што се случува во последнава година, произлегува заклучокот дека македонскиот јазик го губи своето место како прв, не само службен, туку и национален јазик. Термин што го исфрламе од употреба или што забораваме да го спомнеме како таков, да не речам, се срамиме да го изговориме во тоа национално својство.
Иако македонскиот јазик е духовно богатство од посебно културно и историско значење за Република Македонија и македонскиот народ, иако, според закон, неговата употреба како службен јазик е право и должност на граѓаните на Републиката, тој е еден од најзагрозените живи видови во македонската политичка шума. Нападнат е, како однадвор така и однатре, во самата татковина. Слично со судбината на македонскиот рис, кој едвај, со голем напор и тешки маки, е спасен од истребување.
Македонскиот јазик, наместо признание, своевидна деградација доживеа со постигнатиот билатерален договор со Бугарија. Во него, не се наведува името на јазикот, туку стои потпис со формулацијата дека се потпишува на јазикот според Уставот. Очигледно дека бугарското водство во овој случај било визионерско, а македонското детски наивно и аматерско. Ако се има предвид дека е можно, наскоро, според некој иден устав, јазикот да се насловува горномакедонски, новомакедонски или северномакедонски, со или без превод на странски јазик, ќе се види дека бугарските лидери и нивните советници гледале многу подалеку. Го гледале она што македонските власти, заслепени од слава, не можеле или не сакале да го видат.
Осмислените и до детаљ планирани грчки барања за „ерга омнес“ при промената на името на државата, се сериозна закана (опасност) македонскиот јазик да биде за навек избришан од употреба до степен, утре или другиден, да биде забрането да се употребува терминот „македонски јазик“ во самата Република Македонија (или како што ќе се вика во иднина). Како што уште од порано е забрането тие „страшни, непријателски зборови“ да се употребуваат во Грција и во Бугарија, земји во кои неброени Македонци по род и по јазик лежеле по затвори за тоа злодело, судени според нивните строги, националистички и шовинистички закони.
А како е дома, на домашен терен? Само ако некој се прави намерно слеп не може да види дека македонскиот јазик е помалку важечки јазик во Тетово и Тетовско, во Гостивар и Гостиварско, во Кичево, Струга, околу Куманово. Од селото Лојане, на српската граница, сѐ до граничниот премин Ќафасан, на границата со Албанија, во целиот тој западен појас македонскиот јазик е втор или трет јазик, а во некои села речиси и непознат. Исто е и со употребата на кирилицата, со македонското писмо, тема што македонските лидери и партии не ја ни споменуваат. Ни претходните власти, ни сегашните.
Вкупниот број македонски говорници, на кои македонскиот им е мајчин јазик, е тешко утврдлив поради несоодветни пописи, но бројката се движи од околу 2,5 до 3 милиони луѓе. Тој е признаен во Обединетите нации, и УНЕСКО под име „македонски јазик“, под тоа име регистриран е во сите светски лингвистички атласи, се предава на универзитети низ светот. Ако им се верува на некои истражувања, македонскиот јазик бил застапен во пописната регулатива на САД уште на почетокот на 20 век. Имено, во инструкциите за попишувачите, се наведува македонскиот јазик во два контекста – неповолен и поволен. Во пописните инструкции од 1910 година стоела препорака: „Не пишувајте македонски, пишувајте бугарски, турски, грчки, српски или романски, според случајот“. Во 1920 година доаѓа до промена. Администрацијата го поддржува гледиштето дека македонскиот јазик е посебен јазик, кој го говорат некои од емигрантите од Европа и под тоа име е додаден на листата на странски јазици како посебен јазик. Истото тоа било и при пописите во 1930 година. Подоцна е воведен на листата на кодови на јазиците и го добил кодот со број 2630.
Не е само нелогична, туку и необична, да не речам апсурдна ситуација. Како и зошто наголемо се слави малцинскиот, албански јазик, а нема никакво државно обележје за мнозинскиот, македонски јазик. Ниту има ден со кој се одбележува значењето на македонската азбука, ниту на македонското писмо. Размислувале ли пратениците што го поднеле предлог-законот за ова прашања или ќе го засилуваат впечатокот кај добар дел од јавноста дека има уште точки што треба да се исполнат од Тиранската платформа, која наводно не постои. Не постои, ама функционира, се реализира.
За да се избегнат евентуалните негативни реакции, еве еден предлог: Зошто пратениците не би го дополниле предлогот и со воведување ден, не мора да биде празник, на македонската азбука, јазик или писмо. Дали тоа ќе биде датум на денот кога првпат се појави капиталното дело „За македонцките работи“ на Крсте Петков Мисирков, дали денот на одлуката на АСНОМ за азбуката или денот на кодифицирањето на јазикот, не е ни важно. Таквата постапка би била логична за да не се стекне впечаток дека македонските политичари, народни претставници, се тие што работат против својот народ и јазик и носат одлуки во корист на неговата голема идентитетска штета.
Лично, не сум склон да ги прифатам претераните тврдења дека од македонскиот јазик потекнуваат сите словенски јазици. Но уште повеќе не сум склон да ги прифатам понижувањата што тој јазик (мајчин јазик) ги доживува во сопствената земја и од сопствените говорници. Можеби не е лесно во геополитичките околности во кои се наоѓа Македонија да се сочува негибнат македонскиот јазик. Но да се става на второ место по значење на сопствен терен, да биде омаловажуван и доведуван во прашање во сопствената земја не само што не е логично, туку е за секаква осуда. Ќе реагира ли формално формираниот, заспан државен Совет за македонски јазик? Или МАНУ, Институтот за македонски јазик или Филолошкиот факултет што го носи името на еден од најзнаменитите Македонци – Блаже Конески. Ако е доцна за нивна реакција, поради скратената постапка во Собранието, може ли да реагираат пратениците од опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ). Се разбира, ако и ним македонскиот јазик и писмо нешто им значат.