Економското закрепнување ќе добие приоритет пред воените трошоци

Професорот по национална безбедност од американскиот Военопоморски колеџ во Њупорт, Николас Гвоздев, ја анализира новонастанатата ситуација во Алијансата, како резултат на пандемијата на ковид-19. Ја пренесуваме анализата во три продолженија

ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД КОВИД-19 ВРЗ НАТО (1)

Премногу е рано да се утврди долгорочното влијание на кризата со коронавирусот врз „здравствената состојба“ на НАТО, но веќе е јасно дека пандемијата на ковид-19 ја засилува затегнатоста во веќе постојните слабости и пукнатини во рамките на организацијата.
Веста дека поранешниот генерален секретар на НАТО Хавиер Солана е инфициран со вирусот, претставува некој вид предупредување дека, исто како и луѓето, и воените сојузи може да се „разболат“. Во миговите кога светот се соочува со масовна катастрофа на полето на здравствената заштита – во комбинација со целата економска штета што произлезе од карантинот и изолацијата – задачата да се убедат државите дека нивните ресурси, долари и евра треба да бидат наменети за зголемени одбранбени трошоци ќе станува сѐ потешка, особено кога станува збор за напорите што ги вложуваат Соединетите Американски Држави.

Уште пред појавата на коронавирусот на светската сцена, се водеа долготрајни дискусии – поттикнати од намерата на претседателот Трамп за зголемување на притисокот – во врска со трошењето и поделбата на товарот помеѓу членките на Алијансата. Дури и најавената закана од Русија можеби нема да биде доволна да ги издржи зголемените трошоци, кои беа прифатени од страна на европските членки во 2014 година, по извршената анексија на Крим и интервенцијата на Москва во источна Украина.
Јасно е дека економското закрепнување ќе добие приоритет пред воените трошоци, а тоа може да ги засили жолчните реакции дека додека некои членки се жртвуваат да обезбедат заедничка одбрана на евроатлантската област, другите само се „шлепуваат“ за да постигнат што пооптимален економски исход.

Како може да се справи НАТО со оваа нова закана?

Пандемијата на коронавирусот сѐ повеќе ја менува општата перцепција за постоење закана во рамките на Алијансата. Уште од распадот на тогашниот Советски Сојуз (СССР), кој се случи пред околу три децении, НАТО се труди да најде некаква сериозна, сеопфатна закана, која би можела да ги држи земјите-членки компактни и сплотени во заедничката кауза, анализира авторот за списанието „Форин полиси рисрч институт“.
Проблемот е во тоа што тие напори даваат бледи резултати (спротивставување на подемот на Кина), премногу се епизодни (борбата против тероризмот) или, пак, се географски ограничени (заканата што се појави од „воскреснатата“ Русија). Многу пред вирусот да се рашири надвор од Вухан, Алијансата се обидуваше да ги балансира сѐ поразличните и понеспоиви географски перспективи на своите членки, за да се задржи барем некој степен на солидарност и кохезија. Оваа сложена динамика би можела дополнително да се влоши, особено помеѓу источните членки, кои Русија сѐ уште ја гледаат како конвенционална закана, и јужните членки, кои се справуваат со нестабилност на Блискиот Исток и Северна Африка, но и со новосоздадените бранови мигранти, кои, можеби, се склони да ја гледаат Москва како дел од решението.

Состојба на мозочна смрт

На почетокот на 2020 г., голема загриженост во Алијансата предизвикаа коментарите на францускиот претседател Емануел Макрон. Тој изјави дека НАТО е „во состојба на мозочна смрт“ и повика на нов дијалог со Москва. Во моментов, пандемијата ги загрозува личната безбедност и економскиот просперитет на милиони граѓани од државите на Алијансата, претставувајќи многу поголема закана од ограничените терористички напади или чисто теоретските дискусии за некаков руски упад.
Факт е дека НАТО тековно се соочува со сериозен тест, кој му е наметнат од страна на коронавирусот: на испит е способноста на најголемиот светски воен сојуз да одговори на нешто што директно влијае врз гласачите, од кои во последниве неколку години постојано се бараше да ги поддржат зголемените одбранбени трошоци.

Оттука, не е случајно што некои водечки аналитичари од евроатлантската заедница побараа вирусот во основа да биде окарактеризиран како „оружен напад“ против членките на НАТО, истакнувајќи дека тоа наложува ефикасна заедничка акција на сите сојузници во форма на решителен колективен одговор.
Се разбира, фокусирањето на Алијансата кон справување со ковид-19 (и идните можни пандемии), од неа бара една сосема поинаква комбинација од воени способности и вештини.
Ако претпоставиме дека една од последиците на оваа пандемија би била намалување на воените издатоци во земјите-членки, тогаш она што би останало во воените буџети би било користено за зајакнување на мисиите за хуманитарна помош и помош при катастрофи, како и за подобрување на внатрешната безбедност и заштита на копнените и поморските граници.

Британското решение за повлекување на сопствените војници од мисијата на НАТО за обуки во Ирак, за да ги прераспредели на домашна служба, би можело да прерасне во постојан тренд. Во својот развој, секоја членка на Алијансата ќе мора да постигне јасен баланс помеѓу експедициските операции и домашните мисии.

(Продолжува)