Секоја од владите на балканските земји, повеќе декларативно отколку со вистински програми и стратегии, се обидува да го спречи иселеничкиот бран. Се чини, тоа го прават парцијално, без некоја сериозна намера за вистински и коренити промени на целокупниот општествен систем, кои ќе донесат општа благопријатна клима што ќе влијае за подобрување на економските услови во земјата
Во последните десет години балканскиот регион го напуштиле повеќе од пет милиони луѓе. Ако оваа бројка се сведе во некои национални рамки, тоа би значело дека за една декада од Балканот „исчезнала“ една држава како Хрватска или се отселила една половина од населението во Србија или Бугарија. За проблемот со иселувањето се говори во секоја земја поединечно, и тоа се прави главно пред избори. Тоа е тема на која политичките партии ги губат или ги добиваат изборите. По завршувањето на гласањето и формирањето на новата власт, прашањето за спречување на трајното иселување на граѓаните од овие простори се става во ад акта и така до следното изјаснување на народот или, поточно, на делот што остана од него. А тоа се претежно оние што благодарение на својот партиски ангажман успеале да најдат некоја сигурна позиција во некое јавно претпријатие. За другите, единствената опција за да го почувствуваат „подобриот живот“ им е да купат билет во еден правец за некоја од западноевропските земји.
Економската емиграција во земјите од Балканот добива драматични размери. Хрватска по влегувањето во Европската Унија се соочува со најголемиот иселенички бран во нејзината историја. Од експертите за популациска политика и од некои политичари може да се слушне дека земјата се соочува со „демокалипса“, односно демографска апокалипса. Во Германија живеат повеќе Хрвати отколку во Босна и Херцеговина. Од приемот во ЕУ од земјата заминале 300.000 луѓе, а уште милион Хрвати ќе заминат во следните десет години. Масовното емигрирање на Хрватите веќе се одразува на домашната економија поради недостигот на работна сила, со што се доведува во опасност и одржувањето на главната стопанска гранка – туризмот, со кој се остварува значителен девизен прилив. Првпат годинава останаа непополнети 20.000 сезонски работни места, затоа што традиционалните работници од Славонија сѐ повеќе се одлучуваат да работат подобро платена работа во Германија, кога веќе се принудени да се иселуваат од своите домови. Од истите причини и работниците од Босна и Херцеговина одбиваат да работат во хрватските хотели и ресторани и заминуваат во европските земји.
Економската емиграција во земјите од Балканот добива драматични размери. За проблемот со иселувањето се говори во секоја земја поединечно, и тоа се прави главно пред избори. Тоа е тема на која политичките партии ги губат или ги добиваат изборите. За повеќето граѓани, единствената опција за да го почувствуваат „подобриот живот“ е да купат билет во еден правец
Состојбата со емигрирањето на населението е иста и во другите балкански земји. Според податоците на Секретаријатот на ОЕЦД, емиграцијата во Србија поприма галопирачки раст. Само во земјите во ОЕЦД од 2005 до 2014 година заминале 31.000 лица, за во 2015 година да достигне рекорден број од 60.000 работници. Политичарите сѐ погласно зборуваат за последиците од белата чума за одржувањето на српската нација, а економските стратези предупредуваат дека на Србија ѝ се потребни меѓу 10 и 20 илјади млади и способни луѓе, кои ќе го изнесат процесот на транзиција и ќе го забрзаат влезот во Европската Унија. Но прашање е како да ги задржат. Сликата не е розова ни во Бугарија, каде што се размислува за „увоз“ на работна сила од Молдавија и Украина, додека во Македонија бројот на трајно иселените граѓани одамна надмина над 600 илјади. Но бројчаникот за оние што заминуваат, меѓу другото и поради „невозвратена љубов“, непрекинато и забрзано врти…
Секоја од владите на балканските земји, повеќе декларативно отколку со вистински програми и стратегии, се обидува да го спречи иселеничкиот бран. Се чини, тоа го прават парцијално, без некоја сериозна намера за вистински и коренити промени на целокупниот општествен систем, кои ќе донесат општа благопријатна клима што ќе влијае за подобрување на економските услови во земјата. Мерките што се предлагаат се сведуваат на тоа жените да раѓаат повеќе деца, без да се погледне пошироката слика за причините за одливот на работоспособното население. Најновата анкета направена од Хрватското здружение на работодавците за причините зошто заминуваат нивните граѓани сама по себе е доволно илустративна за кусогледоста на балканските политичари, кога се во прашање негативните трендови во природниот прираст на населението.
Резултатите од анкетираните иселеници покажале дека тоа го направиле првенствено поради неорганизирана и лошо водена држава, неспособноста на политичарите и партиите, вработувањето подобни партиски луѓе и непотизмот, безнадежноста и бесперспективноста. Сите овие причини добиле над пет отсто од гласовите на испитаниците. Корупцијата и криминалот во земјата им попречиле на 7,3 отсто, препукувањето меѓу усташите и партизаните 6,4 отсто, додека малата плата била причината за заминување кај 5,2 отсто од анкетираните лица.
Тука доаѓаме до клучниот проблем за тоа зошто масовно заминуваат луѓето од овие простори, а тоа е постојаната пресија врз нив што доаѓа од континуираната политичка нестабилност, која се емитира еднакво од сите балкански земји. На ова се надоврзува и отсуството на внатрешен демократски амбиент, во кој секој од граѓаните би имал еднаква можност да напредува во својата работа или кариера.
„Услов над сите услови е политичката стабилност, а на неа треба сите заедно да работиме во регионот и да градиме заеднички иницијативи за достигнување поголем квалитет за живот на сите граѓани“, беше пораката на потпретседателката на српската влада Зорана Михајловиќ, од регионалната конференција „Иднината на државите на Западен Балкан“. Ова не е првпат да се посочува на потребата секоја земја поединечно, а сега и заедно да направат исчекор во градењето постабилен регион. Но колку од тие пораки ги поминуваат државните граници на Балканот и остануваат само за дневнополитичка употреба?