Феноменологија на самодовербата
Отсекогаш сум бил скептичен околу која било дефиниција, определба, аксиома во науката, особено во психолошката наука. Отсекогаш сум сакал да знам дали е тоа така целосно или можеби има и свое друго, поинакво значење?! Уште кога првпат се запознав со поимот дијалектика, кога првпат разбрав дека секоја комплексна појава наречена научен феномен во себе има најмалку една своја противречност, ја земав здраво за готово, и тоа со право, никогаш не сакав и сѐ уште не сакам да верувам дека во наука каква што е психологијата има непобитни вистини освен тие дијалектичните, спротивставените, двојствените и внатрешно-противречните.
Особено денес, во оваа постмодерна какафонија каде секој наводно ја знае сета вистина и обични недочитани полулаици се расфрлаат со разноразни психолошки термини и вистини.
Особено денес во ова невреме за вистинските умови кога некакви си самонаречени психолошки зналци држат предавања, мотивациски говори и некакви обуки во кои не разликуваат емоција од чувство, карактер од темперамент, црта на личноста од карактерна црта, навика од интерес, став од уверување итн., а притоа звучат како да е тоа единствената вистина над вистините.
Особено денес кога боли фактот дека професијата ми/ни ја крадат луѓе кои така прекутрупа станале некој некаков секаков назив што го пишуваат пред своето име. Особено денес кога луѓето си прикажуваат туѓи мисли што не виделе ни кој ги кажал како свои и под нив се потпишуваат небаре ја откриле вистината на екуменава. Особено денес кога ковид-кризата сѐ уште се нарекува ситуација наместо состојба, оти состојба е нешто што трае, а ситуација е акутно собитие на неколку околности врз кои немаме контрола. Особено денес кога за нашето ментално здравје се грижат оние што сѐ уште не си го средиле своето.
Особено деновиве кога мојата/нашата наука бесрамно ја газат оние чиј научен развој застанал кај премисата дека – самодовербата и љубовта кон себеси е врвот на пирамидата наречена личен развој! Е па тие, таквите, кои сѐ повеќе од нас глаголат дека самодовербата е најсветлото нешто, и згора на тоа тврдат дека таа е некаков дискриминативен поим/варијабла, демек или ја имаш или ја немаш, или е висока или е ниска, или е манифестирана или прикриена итн. Токму ним треба да им напишам едно слово, токму околу конструктот што го имаат до небеса, а закачен им е на едвај на темелите што им се нишаат оти се воздушести и изградени не од тешка научна и практично-психолошка работа, ами од себебендисаност од енормни размери и вивната во небеса…
Самодовербата е психолошко-социјален феномен што произлегува од она кое се нарекува себеценење и/или самоефикасност. Во современата позитивна психологија се смета дека колку е повисоко себеценењето, толку е повисоко и чувството на самодоверба. Самодовербата генерално позитивно и линеарно колерира со себеценењето и тука нема ништо спорно. Проблемот настанува во погрешното толкување на самодовербата како нешто што еднаш и засекогаш се стекнува, гради и/или создава. Таа погрешно се доживува како појава или конструкт, кој или го поседуваме или го немаме, нешто слично како старата дефиниција на болеста – како отсуство на здравје и обратно – здравјето е отсуство на болест! Но, она кое најмногу ми боде очи е сфаќањето на самодовербата како единствено корисна и позитивна само кога е највисока, во својот зенит.
Прво, самодовербата како и секоја друга сложена психолошка појава не е само позитивна! Колку чудно и да звучи ова, верувајте дека има свои научни објаснувања. Имено, слично е со тврдењата што во себе си носат дијалектична природа, од типот – што е позитивно во твојата тага?! Или – кога чувствуваме и радост и тага за една иста појава. Самодовербата, како и секој друг сложен феномен, е комплексен вид на состојба, чувство, особеност, која зависи од многу фактори: околностите во кои се зголемува, односно намалува, причините поради кои е амбивалентна, нејзината манифестација во јавноста, самочувството кое не секогаш соодветствува со она што го покажуваме во јавноста и друго. Имено, ретко кога и ретко кој помислува дека да се има висока самодоверба не е секогаш доблест туку може да биде доживеана и како одраз на нарцисоидна самобендисаност, егоистична мегаломанија, лажно себечувство, кое нема сигурна основа во личноста, показател на несигурност и страв кои се маскираат со добро истренирани фацијални експресии што покажуваат ексцесивна самодоверба и други нешта.
Понекогаш од непознати причини некој ни пречи, или имаме чувства на резигнација и презир кон него, без да дознаваме дека тоа се должи на манифестирањето огромно количество на самодоверба. Замислете дека сте си ја собрале ранетата душичка во петиците и одите на психотерапевт што зрачи со самодоверба, го гледате од ниско, а тој мисли дека ќе ви ја префрли така магично својата грандиозност преку самото свое манифестирање како модел на тоталната сигурност во себеси. Колку тој/таа повисоко, толку вие помали, побезначајни, послаби и невидливи.
Никој не помислува што им прикажуваме на луѓето и како тие преку социјалното учење се моделираат преку нашата авторитетна фигура исполнета со самодоверба. Каква порака им испраќаме на луѓето кои и онака се толку ситни во своите очи со нашето размавнување со самодовербата и сликата на натчовечко битие. Верувам дека многу луѓе кога ќе излезат од големиот кабинет на „големиот” психолог или авторитет ќе бидат уште повеќе скршени зашто нашиот свет ќе им изгледа недостижно, далечно и како да не е за нив!
Или, замислете некој што и онака го има подиумот за да се прикаже, се размавнува со своите небесни големини и ви го прикажува животот каков што не е! Поголем, полесен, повозможен и седостижен! Не, тој (животот) не е таков, инаков е, помал, потежок, понесовладлив и помалку романтичен од убавите реклами на кои среќни фамилии и поединци полни со самодоверба (оти стомаците и џебовите им се полни), прикажуваат небесни слики на радости и убавини. Не, животот е исто толку мачен и комплексен како и чувството на преголема самодоверба, исполнет со мигови на толку потребното и реално очајание, борба, јад и чемер… Колку е некој помал толку му е поголема самодовербата! Колку ова чудно и да ви звучи – да – макар манифестираната самодоверба кај продуховениот човек е речиси невидлива, зашто тој помислил и на вашето чувство пред неговата величина. Зашто тој почувствувал дека растете тогаш кога тој ќе биде само човек од крв и месо, без разлика колку и да е себереализиран и полн со самодоверба.
И да, за крај темата на писаниево – луѓето со најниска самодоверба најсилно ги врзуваат другите за себеси! Како?! Многу едноставно. Преку сите дребулии на жртвената психологија тие го намамуваат вашето внимание оти им треба да цицнат од вашата свежа крв, истовремено интуитивно манипулирајќи ве емоционално со допирање на вашата совест, која расте со секое ваше недоволно давање на она што ви го бараат! Штом се напијат од еликсирот на вашата доброчовечност, веднаш ќе ја манифестираат „сопствената самодоверба” и ќе ве отфрлат како партал до следното цицање на вашиот живот! Утре?! Утре ќе се возгордејуваат со вашите зборови кои ќе ги потпишуваат како свои. Утре?! Утре ќе ги учат другите како треба да се биде полн со себеси и да се верува во себеси, небаре тоа е најголемото откритие на светот. А вие?! Вие ќе се чувствувате неубаво од непозната причина, небаре сте пред разболување, без да знаете дека така евтино си ја продавате душата на оние што со памуче ви ја пијат крвта!
П.с. Големите луѓе се мали пред светот и нивната самодоверба е во нивните петици зашто тие никогаш не се сигурни во ништо, особено не во својата великост, која намерно не ја прикажуваат за другите да се чувствуваат исто важни, дури и кога тоа воопшто не се!
Автор: Мирослав Пендароски, психолог, универзитетски професор