Кога ковид-19 ја погоди Европа и принуди милиони луѓе да бидат во карантин, многумина се чувствуваа длабоко осамени. Ова не само што ја истакна желбата за повторна средба со пријателите и семејството туку и го создаде поширокото чувство дека државите беа немоќни и оставени сами на себе во светската пандемија. Ова чувство на отфрлање влијаеше силно врз психата на поединецот и на светските ставови на граѓаните на Европа.
Ова е главното откритие во неодамнешната анкета на Европскиот совет за надворешни односи (ЕКФР) спроведен врз 11.000 луѓе низ девет европски земји како Бугарија, Данска, Франција, Германија, Италија, Полска, Португалија, Шпанија и Шведска, кои заедно претставуваат две третини од населението во ЕУ. Парадоксално е што анкетата на ЕКФР покажува дека отсуството на помош од ЕУ за членките во текот на првата фаза од кризата доведе до барање за усогласена акција на блокот за да им се помогне на земјите да закрепнат од кризата и да им се овозможи да опстанат во светот што го создаде пандемијата.
Истражувањето на ЕКФР открива дека Европејците се чувствувале целосно разочарани во текот на кризата од институциите на ЕУ, мултилатералните организации, како и од најблиските партнери на Европа. Околу 63 отсто од испитаниците во Италија и 61 отсто во Франција изјавиле дека ЕУ не одговорила доследно на предизвикот на пандемијата. Покрај тоа, процентот на испитаници што сметаа дека САД се клучен сојузник на нивната земја во оваа криза беше многу мал, при што најголем удел има Италија со шест отсто. Во Данска, Португалија и во Германија мнозинството граѓани велат дека нивното мислење за САД се влошило за време на кризата, став што го делат и многумина од граѓаните во Италија, Полска и во Бугарија.
Ова влошување на перцепциите за САД одразува многу повеќе од обичното незадоволство кон претседателот Доналд Трамп. Многу Европејци несомнено го следат хаотичниот американски одговор на ковид-19 и се прашуваат дали може да се потпрат на земја што има тешкотии да си помогне себеси, а камоли да го заштити Западот. Истовремено, над 60 отсто од француските и данските испитаници, а скоро половина од анкетираните во Германија, тврдат дека не ја поддржуваат Кина како порано. Освен во Шпанија и во Бугарија, мноштво испитаници во секоја земја ја обвинуваат Кина за појавата на кризата со коронавирусот во Европа.
Но сегашниот страв на Европејците дека ќе бидат препуштени сами на себе, поттикнува нова желба за заедничко дејствување. Околу 63 отсто од сите испитаници (вклучувајќи и мнозинство во секоја од деветте испитани земји) сметаат дека тековната криза ја покажа потребата за поголема соработка на ниво на ЕУ.
Пред пандемијата, европската политика честопати изгледаше дека е дефинирана од страна на двата спротивставени табори на националистите и глобалистите. Но анкетата посочи дека кризата од ковид-19 ја намалила оваа разликата. Многу националисти сфатија дека една држава не може да се спаси сама додека глобалистите сè повеќе сфаќаат дека никогаш нема да има совршен меѓународен поредок додека на власт се Трамп, рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг.
Како резултат, и двата табора сè повеќе ја истражуваат можноста за градење кантовска утопија базирана на правила во Европа. Бидејќи ниту намалувањето на национализмот, ниту светската соработка нема да помогнат да се избегне следната криза, ова отвори нов простор за наоѓање европски решенија.
Токму 52 отсто од испитаниците во анкетата на ЕКФР сакаат пообединет одговор на ЕУ на светските закани и предизвици, 46 отсто поддржуваат зголемени контроли над надворешните граници на блокот, а 41 отсто сакаат да ги натераат фирмите да произведуваат повеќе медицински материјали во ЕУ, дури и ако ова резултира со повисоки цени. Во сите девет земји, процентот на испитаници што поддржуваат поголема акција за спречување на климатските промени како резултат на пандемијата го надминуваат уделот на оние што не поддржуваат.
Низ Европа луѓето сфаќаат дека ако кинеско-американската трговска и технолошка војна ја загрози глобализацијата, тогаш поголемо европско единство, како и во форма на предложениот план за обновување на ЕУ, нуди најдобра надеж за зачувување на европските економии и вредности. Наместо само да се зборува за предностите на една поеколошка економија, Европа може да воведе цена за јаглерод и даноци за приспособување на границата за да ги убеди другите да ги исполнат своите стандарди или да ги апсорбираат трошоците. Исто така, дигиталната стратегија на ЕУ и плановите за данок на дигитални услуги може сепак да ги принудат светските технолошки гиганти да ги почитуваат европските правила.
Националните влади и институциите на ЕУ со седиште во Брисел сфаќаат дека корона-кризата создаде простор за посилна колективна европска акција.
Но политичарите мора да сфатат дека барањата на гласачите низ континентот за поголема соработка не го одразуваат апетитот за градење институции, туку покажуваат подлабока загриженост за губење на контролата во опасен свет. Европа сега повеќе е заедница на неопходност отколку на избор. Гласачите сѐ повеќе ја гледаат ЕУ како алатка за зајакнување наместо за ослабување на националниот суверенитет.
Француско-германскиот план за обнова претставен во мај може да означи почеток на клучно ново поглавје од европската приказна. Но креирањето на помоќна и обединета Европа ќе бара од водачите на блокот да ги приспособат своите аргументи на начин што ќе ги поврзе наместо да ги одврати европските гласачи.
Авторот е директор на Европскиот совет за надворешни односи.