Убиството на новинарот Џамал Кашоги во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул сѐ уште ја бранува светската јавност, особено деталите за начинот и суровоста со која е извршено делото. Кашоги во почетокот на октомври беше убиен во конзулатот, каде што отишол да верифицира документи потребни за неговото венчавање. Некои од разузнавачките служби на соседните земји излегоа со информација дека за неговото безбедно одење во конзулатот било лично гарантирано од саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, што го зголемува сомнежот за неговата улога во целиот случај.
Последниот извештај на ЦИА доставен до Сенатот и претседателот на САД, Доналд Трамп, говори дека зад убиството на новинарот стои саудискиот принц. Американскиот претседател Трамп изјави дека можеби заклучоците на ЦИА се предимензионирани, односно преуранети, но, секако, не ја исклучи можноста дека принцот лично е наредбодавец за суровото убиство.
Според новинарот на турскиот весник „Дејли сабах“, Назиф Керман, Кашоги е убиен, односно задушен со пластична вреќа, а самото убиство траело седум минути. Случајот го потврди и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој изјави дека снимките од убиството на новинарот се пратени во Саудиска Арабија, Русија, САД, Британија, Франција и во Германија.
Но што се крие зад ова убиство и зошто е толку засегната светската политичка јавност? Причината лежи во новите геополитички игри, во кои се вклучи моќната Саудиска Арабија. Не е тајна дека Саудиска Арабија претставува регионална сила, со аспирации да го прошири своето влијание надвор од границите на регионот. Саудиска Арабија е во индиректна војна со Иран преку граѓанската војна во Јемен, што дополнително ја комплицира целокупната ситуација, особено околу политичкиот шах што се игра на Блискиот Исток. Саудиска Арабија е во цврст сојуз со САД и со Израел поради заедничкиот непријател Иран. Благодарение на тоа, има политички гласен молк за сѐ што се случува во Јемен, каде што цивилното население буквално умира од постојаното ракетирање од двете страни, недостигот од храна и вода, болестите и сите други ужаси на војната.
Во меѓувреме, саудиското кралство поддршката од големите сили ја обезбедуваше преку склучување договори за набавка на скапо вооружување и воена опрема, како и ексклузивна во набавката на енергентите.
Денес, поради случајот со новинарот Кашоги, Германија поведе иницијатива за ембарго на оружје на Саудиска Арабија и досега повеќе држави од ЕУ, како што се Норвешка, Австрија, Франција, па дури и Канада, ја поддржаа иницијативата.
Според професорот Сингер, Западот предолго ја толерираше разгалената и воинствена Саудиска Арабија во низата кршења на човековите права, како во својата така и во другите земји во регионот. Иако Саудиска Арабија се прокламира како земја-гарант за стабилноста во регионот, фактите говорат за извоз на радикализам и нејзина сомнителна улога во воените дејства во соседните држави.
Исто така, тој напоменува дека ембаргото со вооружување е најмалку важно во случајот и дека клучно е ембарго за купување нафта и друг вид енергенти од оваа држава.
Сепак треба да се земе предвид дека со децении Саудиска Арабија создаваше сунитска буржоазија во соседните муслимански земји. Таков е примерот со либанскиот премиер Сами Харири, кој прво доби двојно државјанство (либанско и саудиско), а потоа своите приватни финансиски интереси ги оствари во Саудиска Арабија преку компанија за градежништво „Сауди Огер“. На овој начин Саудиска Арабија обезбедува клиентелистички однос со државното раководство на соседните држави, претворајќи од нив финансиски тајкуни. Слична е ситуацијата и во Ирак, само што актерите-тајкуни се странци, кои ја имаат улогата да го стабилизираат Ирак. Во меѓувреме, целта на младиот принц беше предвреме да го заземе кралскиот трон преку креирање успешна надворешна политика. Прво, да почне исцрпувачка војна со Иран на два фронта, Јемен и Либан. Второ, да привлече странски инвестиции преку револуционерниот форум за отворено саудиско општество. Трето, изолирање на Катар и Турција од меѓународната поддршка за влијание во регионот. Четврто, преку купување скапо вооружување од Русија да добие сојузник без да ги наруши традиционално добрите односи со САД. И, петто, преку креирање на програмата за клима и агрокултура да почне долгорочна економска соработка со Кина, притоа по можност жедни преку вода да ги пренесе западните сојузници.
За да се оствари сето ова, прво беше неопходно да ги неутрализира домашните противници што јавно ги обелоденуваа неговите намери. Еден од тие противници беше новинарот Кашоги, кој беше пребеган во Турција, а на неговиот син му беше забрането да ја напушти Саудиска Арабија иако имаше американско државјанство. Но тоа не даде плод, а критиките продолжија, што индицира за неговата вмешаност во убиството на новинарот.
Што се однесува до војната во Јемен, се покажа како погубна за сите страни, особено за цивилното население и меѓународна осуда за тоа што се случува таму. Саудиската војска и прокси-актерите заглавија во мочуриште од кое сега е потешко да се извлечат. Во меѓувреме, планот за втурнување на Израел во нова војна со Хезболах (како план за ослабување на Иран) не е извесен поради домашните критики врз израелските власти заради милитантната надворешна политика и неизвесниот исход, како во 2006 година, за време на 34-дневната војна, кога морален победник против надмоќната ИДФ беше Хезболах.
Потоа следуваше Катар поради сомнеж за финансиски трансакции со Иран. Саудиска Арабија почна проект за оваа полуостровска држава да ја претвори во островска изолирана и економски уништена држава. Исто така, на домашен терен принцот почна борба против корупцијата, која заврши со апсење на 200 припадници на политичката и бизнис-елитата, најголем дел од нив беа негови противници, и секако лимитирање и уништување на нелојалната верска полиција преку проектот за образование на жените и можност да возат автомобили. Единствено неговиот реформски проект „Арабија 2030“ ветуваше навистина ребрендирана Саудиска Арабија. Нов модерен капитализам, отворено општество, наместо инклузивна економија, промоција на инвестициски зони, кратење на корупцијата и децентрализација на богатството по примерот на Британија.
На политички план, тој промовира некаква условна либерална демократизација на државните институции и проекти за унапредување на нуклеарната енергија во соработка со Русија и со САД. За таа цел неговиот план вклучуваше продажба на пет проценти од најголемата светска нафтена компанија „Сауди Арамко“, што е и клучно за сето она што денес се случува во Саудиска Арабија.