Со интензивирањето на вакцинациските програми, светските лидери имаат шанса повеќе да се фокусираат на иднината на јавното здравство. Преку домашните и мултилатералните организации, како Г20, Г7 и Г77, целта треба да биде зајакнување на структурите што беа неопходни за справувањето со пандемијата. Светската здравствена организација одигра клучна улога во обединувањето на различните засегнати страни зад заедничката цел. Преку соработката, како што е пионерскиот Пристап до алатки за ковид-19 (АКТ), владите, мултилатералните организации, корпорациите и филантропите помогнаа да се достават вакцини, лекарства и дијагностика во најкритичните делови од светот.
Сведоци сме на невидена меѓународна јавно-приватна и приватна соработка за време на пандемијата. Кога постоеше итна потреба за воведување апликации за пронаоѓање контакти, големите технолошки конкуренти го оставија ривалството настрана за да работат на пронаоѓање решение заедно со агенциите за јавно здравје. Брзиот развој, тестирањето и производство на вакцини се меѓуиндустриски потфат што вклучува влади, академски институции, стартапи и големи фармацевтски компании. Истото тоа важи и за собирањето податоци и предвидувањето болести што ги вклучуваат академската заедница, технолошкиот сектор и владините агенции.
Заобиколувањето на традиционалните бирократски и секторски изолирани системи даде импресивни резултати, кои треба да нè поттикнат да ги зголемиме нашите амбиции за светското јавно здравје. За долгорочен просперитет, од клучно значење е да се обезбеди универзален, правичен и достапен пристап до добра здравствена заштита. Но денешните здравствени организации сами не можат да произведат дигитални и економски алатки што ни се потребни за да ги постигнеме ваквите цели. Многу од овие алатки потекнуваат надвор од здравствениот сектор и бараат финансирање, иновации и знаење како од широк спектар на извори за да бидат ефективно распоредени.
Голем дел од нашиот фокус е насочен кон технологијата. Новите моќни нови дигитални и аналитички алатки сега ни овозможуваат да ги идентификуваме, управуваме и закрепнуваме од здравствени кризи побрзо од кога било. Ваквите алатки честопати се соочуваат со социјални и културни пречки, како што е недостигот од доверба меѓу јавноста и сопствениците на интелектуални права или помеѓу владините, академските и трговските организации. Но, повторно, пандемијата ни покажа дека може да се напуштат старите навики и системи кога состојбата го наложува тоа.
Кога станува збор за идентификување и справување со епидемии на заразни болести, како што ни е познато од неодамнешните кризи со епидемиите на ебола, зика и ковид-19, знаеме дека некои индикатори имаат поголема предвидлива моќ од другите. Со следење на канализацискиот систем, социјалните медиуми, податоците за мобилност или граѓанските искуства, можеме да идентификуваме закани многу побрзо отколку што тоа го правеше традиционалниот систем на микробиолошките испитувања. Овие нови дигитални алатки се релативно евтини, лесни за употреба и добро приспособени за целосна заштита на личните податоци. Но ќе треба да има многу повеќе обични инвестиции за да се прошири нивното користење во светот пред да се појави следната можна пандемија.
Исто како што приватните инвеститори бараат можности да генерираат долгорочни заштеди како начин за зголемување на приходите, така треба да сторат и оние што донесуваат одлуки за јавни инвестиции. Секој е свесен дека се потребни јавни инвестиции во инфраструктурата или надградувањето на знаењата за да се подобри долгорочната продуктивност. Во многу земји, јавното финансирање продолжува да се одвива во оваа насока дури и за време на строгите мерки на штедење. Сепак, кога станува збор за здравјето, повеќето земји изгледаат како да не се многу подготвени да спречат развој на болести, а потоа ја плаќаат сметката со скапи лекови.
Практично, секој здравствен систем на развиена земја ги потценува и не ги вреднува алатките за дијагностика и процена на ризик. Од 40 милијарди долари што светот ги троши на развојна помош за здравјето секоја година, незначајни 374 милиони долари се наменети за подготвеност за пандемија. Сепак со тоа што сега би вложиле повеќе во превенцијата, во иднина би можеле да избегнеме да платиме висока цена.
Одржливото финансирање на светските јавни добра, како што се вакцини, дијагностика, јавна хигиена, надзор и алатки за моделирање, мора да биде дел од политичките наследства на пандемијата. Придобивките од овие инвестиции далеку ги надминуваат нивните индивидуални трошоци.
Тие претставуваат капитална инвестиција во здравството, што ќе обезбеди далекосежни придобивки во продуктивноста на долг рок. За вистински промени ќе бидат потребни вистински реформи, за да се спои оваа инвестициска логика во сите здравствени трошоци.
На меѓународно ниво, владите треба да го следат моделот на Одборот за финансиска стабилност по финансиската криза од 2008 година и да формираат одбор за стабилност на јавни добра, за да се фокусираат на светското јавно здравје и климатските промени, а исто така и да насочат повеќе средства за јакнење на флексибилноста и долгорочниот просперитет. Ние се залагаме за овие идеи во рамките на нашите соодветни организации и ги покануваме другите да го сторат истото тоа. На крајот на краиштата, вистинските решенија ќе дојдат од сите страни. Две глави размислуваат подобро од една, па, така, ќе имаме поголеми шанси да ја спречиме следната криза.