Иако интернационализмот е белег на левицата најмалку од времето на Француската револуција, тој сега игра парадоксална улога во современите десничарски популистички и националистички движења. Сепак, бидејќи е дефиниран исклучиво преку политичките опции на кои им се спротивставува, националистичкиот интернационализам може да биде само деструктивна сила
Стив Бенон годинава постојано патуваше во Европа, но не привлече доволно внимание иако тој е главниот теоретичар на препознатливиот бренд на национализмот на американскиот претседател Доналд Трамп. Бенон сега сака да формира федерација на националистички партии во Европа. Сепак не е јасно како идеологијата „Америка на прво место“ може да го турка неговиот политички проект надвор од Америка. Со здружување на силите со француската ултрадесничарска лидерка Марин Ле Пен, која отворено го поддржува рускиот претседател Владимир Путин, Бенон се чини дека на ум има нов вид „неонационалистичка интернационала“.
Сè повеќе држави се трансформираат во „националистички автократии“ или „нелиберални демократии“ на чело со автократи, па национализмот стана идеолошки заеднички именител. Но прашањето е дали треба сериозно да се сфати оксиморонот на националистичкиот интернационализам?
Историски гледано, интернационализмот генерално беше заштитен знак на левицата, почнувајќи со обидите на француските револуционери да го продадат нивниот политички проект низ Европа. И тоа на обидот му се стави крај со диктатурата на Наполеон Бонапарта. Но интересно е да се замисли што ќе се случеше ако тогашните европски држави што бараа идеологии го прифатеа империјалниот републиканизам.
На почетокот од минатиот век, социјалистичкиот интернационализам за малку ќе ги реализираше светски амбиции за разлика од неговите претходници. Цврсто вкоренет во класичниот марксизам, социјалистичкото движење ја дефинираше националната држава како минливо средство за постигнување на пролетерскиот универзализам. Повеќето држави на крајот го прифатија комунизмот под меѓународната рамка, а националната држава стана застарена форма.
Во тоа време водечките комунисти, како Роза Луксембург, па дури и Владимир Ленин, одреден период веруваа дека комунистичките институции ќе пуштат корени во Германија по Првата светска војна, а потоа ќе се рашират во другиот дел од светот. Со распадот на царска Русија, болшевиците го замислија Советскиот Сојуз како браникот на светскиот комунизам. Но кога пропаднаа комунистичките револуции во другиот дел од Европа, Јосиф Сталин и Николај Бухарин ја преиспитаа историската задача на Советскиот Сојуз за градење на „социјализмот во една држава“.
Самиот Советски Сојуз првично беше замислен како федерација на социјалистичките републики под јаремот на двојната институционална структура составена од бирократија на „обични“ министерства од една страна и од Комунистичката партија од друга страна. Со ваквото уредување, партиските комесари формираа паралелна структура на моќ и директно одговараа пред Централниот комитет на Комунистичката партија. Теоретски, федералните републики имаа еднаков статус, а рускиот национализам беше потиснат. Во реалноста, руската република доминираше над другите, затоа што таму беше седиштето на власта.
На економскиот фронт, Советскиот Сојуз немаше експлицитна националистичко-протекционистичка политика. Сепак, бидејќи производството генерално се планираше од Москва, економските политичари одиграа протекционистичка улога со тоа што фаворизираа едни советски републики пред други.
Долги години по Втората светска војна, многу комунисти и левичарско-социјалистички опозициски партии во Европа го следеа водството на Кремљ. Тука спаѓаа француските и италијанските комунистички партии, а секоја од нив управуваше со околу една третина од фрагментираните електорати во нивните држави, како и германската Социјалдемократска партија, која формално не се откажа од своите марксистички корени сè до конгресот во Бад-Годесберг во 1959 година.
Во меѓувреме, Западот продолжи да доминира со светската економија. Со САД како предводници, западните држави ја либерализираа трговијата и ги охрабрија другите да ги отворат нивните економии кон светот. Со текот на времето, новите пазари на независните држави му се приклучуваа на меѓународниот поредок предводен од Западот. Па дури и Кина, која во основа е комунистичка држава, на крајот ги прифати западните економски принципи за да обезбеди раст. Во рамките на западните демократии во овој период, социјализмот во голема мера беше отфрлен и заменет со социјалдемократијата, која ја отфрлаше централната власт во корист на пазарите како механизам за доделување ресурси.
Наспроти ваквата историска заднина, како треба да се толкува иницијатива на Бенон? Неговата цел сигурно не е да формира десничарска алтернатива на советската федерација и комунистичката интернационала. Водечките европски десничарски националисти како што е Жером Ривие од француската партија Национално единство (порано позната како Национален фронт) уште на почетокот ја отфрлија идејата. Ривие за „Политико“ во јули изјави дека Бенон е Американец и за него нема место во некоја европска политичка партија и дека тие ги отфрлаат сите супранационални ентитети и нема да учествуваат во создавањето на што било со Бенон.
Тогаш, мисијата на Бенон не е да го подобри водењето на политиките или да изгради нови институции за справување со економските и технолошките предизвици на 21 век. Напротив, неговата единствена цел е слабеење и, ако е можно, разоткривање на „либералсоцијалните“ придобивки како што е европскиот проект.
Во срцето на тој проект се наоѓаат две струи на интернационализам, кои Бенон и неговите сојузници сакаат да ги уништат. Едната е либералната умерена десница, а другата е либералната умерена левица. Токму оваа цел, повеќе од сите политички сличности, е она што ги обединува ултрадесничарските партии во Европа. Покрај нејзините слабости, во Европа сè уште важи либералниот интернационалистички став. Токму ова е идеолошката анатема на сите националисти во светот.
Дервиш е бивш министер за економски прашања на Турција, а Конрој е аналитичарка од институтот „Брукингс“