Тоа што го објави администрацијата на Трамп не е храбар план за траен мир меѓу Израелците и Палестинците, туку бесрамен обид за прекршување на меѓународното право, човековите права и основните принципи на правдата. Палестинците никогаш нема да прифатат таков план
Претседателот на САД, Доналд Трамп, го објави својот голем план за Блискиот Исток, за кој неговата администрација тврди дека ќе му стави крај на деценискиот израелско-палестински конфликт, нудејќи отстапки за двете страни. Но дури и начинот на кој беше обелоденет планот покажува колку е неискрено таквото тврдење (Трамп го стори тоа заедно со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, без присуство на ниту еден Палестинец).
Ефективните мировни преговори бараат совршено калибрирана размена помеѓу процесот и содржината. Во случајот со мировниот план на Трамп, процесот беше очигледна измама. Не е само што ниту еден палестински лидер не присуствуваше на објавата, никој не беше ни поканет во Белата куќа откако Трамп (лидерот на најпроизраелската администрација во историјата на САД) американската амбасада во Израел ја премести од Тел Авив во Ерусалим, во мај 2018 година. Наспроти тоа, Нетанјаху петпати патуваше во САД откако Трамп ја презеде претседателската функција. Покажувајќи го својот презир кон групата со која наводно сака да води мировни преговори, Нетанјаху одби да го изговори зборот „Палестинци“ за време на првиот состанок во Овалната соба. Но Нетанјаху не треба да биде во близината на администрацијата на Трамп за таа да работи во негов интерес и во интересот на неговите десничари.
Во САД, наводниот „мировен процес“ беше предводен од христијанските ционисти, како што потпретседателот Мајк Пенс и државниот секретар Мајк Помпео и еврејските ционисти, пред сѐ зетот на Трамп, Џаред Кушнер, и до септември Џејсон Гринблат, бившиот адвокат на организацијата „Трамп“. Сите овие лица, како и американскиот амбасадор во Израел, Дејвид Фридман, јавно ја поддржаа изградбата на израелските населби во окупираниот Западен Брег и прекршувањето на палестинските човекови права, како што е правото на самоопределување. Овој процес беше толку полн со предрасуди што палестинскиот претседател Махмуд Абас го отфрли договорот иако го немаше видено. Неговите инстинкти беа исправни. Содржината на планот бесрамно ги унапредува израелските интереси и цели на штета на Палестинците. Планот на администрацијата на Трамп ќе формира поделена палестинска парадржава опкружена во голема мера од Израел, кој ќе може да ги анектира сите населби што ги има изградено уште од војната во јуни 1967 година, како и Јорданската Долина (потег за кој веќе се поставуваат темелите). Ерусалим ќе остане неподелен главен град на Израел, а палестинскиот главен град ќе биде сместен некаде во предградијата источно од градот.
Ова е далеку од „договор на векот“, како што Трамп постојано го најавуваше, туку е повеќе „шлаканица на векот“, според зборовите на Абас. Планот ги игнорира децениските преговори, како и усогласените напори на арапските соседи, како Јордан и Египет, за поттикнување еден поумерен пристап.
Но Палестинците не се единствените губитници од поклонувањето на Трамп пред Израел. Тешко е да се види како овој пристап им оди во прилог на САД. Администрацијата на Трамп веќе му даде политички подароци на Израел, како на пример кога ја пренесе американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, нареди затворање на канцеларијата на Палестинската ослободителна организација во Вашингтон и оцени дека израелските населби во Западниот Брег не се спротивни на меѓународното право. Администрацијата, исто така, ги укина финансиите за Агенцијата на ОН за помош и поддршка на Палестинците раселени со создавањето на Израел во 1948 година и ја суспендира поддршката за болниците во Источен Ерусалим, кои обезбедуваат критична нега за Палестинците. Што добија САД за возврат? Апсолутно ништо. Како што сугерираше колумнистот на „Њујорк тајмс“, Томас Фридман, се чини дека Трамп е само „марионета“ на Нетанјаху. Целта на објавувањето на новиот мировен договор сигурно беше консолидирање на десничарската христијанска ционистичка база на Трамп, давајќи му политичка поддршка додека трае судењето за импичмент во Сенатот. Планот ќе го стори истото тоа и за Нетанјаху, кој издржа два изборни ќор-сокаци и три неуспешни обиди за формирање влада во изминатите месеци, а беше и официјално обвинет за корупција само неколку часа пред настанот во Белата куќа.
Тоа што администрацијата на Трамп го објави не е храбар план за траен мир, туку бесрамен заговор за прекршување на меѓународното право, палестинските човекови права и основните принципи на правдата. Да, тој може да им донесе краткорочна политичка поддршка на Трамп и на Нетанјаху, но Палестинците никогаш нема да го прифатат. Поддржувачите на планот ќе се обидат да тврдат дека Палестинците што го отфрлаат планот на Трамп всушност го отфрлаат мирот. Не смееме да го дозволиме тоа. Палестинците, заедно со арапските земји, остануваат посветени на дводржавно решение со границите од 1967 година и правично решавање на прашањето со палестинските бегалци. Тоа е остварлива основа за правични и искрени преговори и заемно прифатливо мировно решение. Планот на Трамп е фарса.
Авторот е палестински новинар и бивш професор по новинарство на „Принстон“