Британците многу често се гордеат со своите достигнувања, од „победничкото“ повлекување од Данкерк во Втората светска војна до референдумот за брегзит. Развојот на вакцината против ковид-19 на британско тло, сепак, е вистински триумф. Но со одложувањето на ревакцината, Владата е на чекор да ги намали овој подвиг и целокупната стратегија за справување со пандемијата.
Производителите на трите вакцини што досега се одобрени во Кралството, домашната базирана на вирусна ДНК на „Астра Зенека“ и универзитетот „Оксфорд“, како и рРНК-вакцините на „Фајзер/Бионтек“ и „Модерна“, препорачуваат втората доза да се даде три-четири недели по првата. Сепак, британската влада одлучи ревакцинацијата да се даде по 12 недели. Поддржувачите на одлуката истакнуваат дека првата доза дава највисока првична заштита од болеста, додека втората доза најверојатно придонесува за нејзиното траење. Со оглед на итноста на здравствената криза и можноста за одложување или недостиг од вакцини во иднина, развлекувањето на ограничените дози сега изгледа како подобро решение отколку целосно да се имунизира една помала група.
Но постојат сериозни можни ризици. Прво, некои доктори добија инструкции да ги откажат сегашните термини за ревакцинација. Пред да ја добијат првата доза, овие пациенти се согласија да добијат две дози според утврден распоред. Менувањето на тој распоред би значело етичка повреда, освен ако пациентите имаат шанса да изберат дали се согласуваат со новата шема или ќе се држат до старата. За да биде веродостоен овој избор, сите релевантни информации за новиот 12-неделен распоред на вакцините треба да бидат јавни, а такви нема. Всушност, тврдењата дека одложувањето нема да ја намали ефикасноста и дури ќе го стимулира имунолошкиот одговор се базирани на последователна анализа на резултатите од испитувањата само на една вакцина.
Сè започна од една грешка, и тоа во текот на тестирањето на вакцината на „Астра Зенека“, кога една мала група испитаници добиле прво помала доза, поради што ревакцинацијата морала да биде одложена заради дополнителни анализи на ваквиот пропуст. Ваквата анализа покажала дека всушност грешката е напредок, бидејќи првичната помала доза придонела за поголема ефикасност. Втората анализа покажала дека одложувањето на втората доза исто така играло улога во зголемувањето на ефикасноста. Понатамошни испитувања за да се тестира ваквото продолжено дозирање не биле спроведени. Од друга страна, британските здравствени власти одлучија дека истото тоа можат да го применат и со вакцините на „Фајзер/Бионтек“ и „Модерна“, иако онаа на „Астра Зенека“ функционира поинаку од нив, а самиот „Фајзер“ препорача строго да се држи до пропишаниот начин на дозирање.
Некој може да даде непроверен но добро основан аргумент дека добро ја познава имунологијата на вакцините, за да може да тврди дека имунолошкиот одговор е речиси секогаш ист, а понекогаш дури да биде прифатливо и мешањето на вакцините. Но ние не располагаме со доволно познавања на имунологијата на новиот коронавирус. Тогаш, каква штета може да предизвика одложувањето на ревакцинацијата? Прво, ако имунолошкиот одговор на пациентите ослабува меѓу двете дози, тогаш тие може да бидат поподложни на инфекција. Сепак, ризикот треба да се урамнотежи со зголемениот број вакцинирани лица, особено во области со висока трансмисија. Но подлабоката закана лежи во можното појавување на варијанти на вирусот за кои сегашните вакцини нема да бидат успешни. Кога ќе се вакцинира голем дел од населението, имунолошкиот притисок може да ја забрза појавата на такви варијанти со појава на „мутации“ на кои организмот не е отпорен.
Ова може да се случи без разлика каков распоред на вакцини се користи, но ревакцинацијата на 12 недели дефинитивно го зголемува ризикот.
Со оглед на тоа што британската влада веќе ја спроведе промената во распоредот за вакцинирање, сега многу малку може да се стори, освен да се тестираат претпоставките врз кои беше базирана оваа одлука. Колкав имунолошки одговор може да предизвика една доза на вакцината по 84 дена? Дали двата типа вакцини даваат сличен степен на имунитет? Дали ризикот од инфекција со новиот коронавирус е поголем меѓу четири и 12 недели? Дали новите варијанти на вирусот со „мутации“ се јавуваат кај оние што ја примиле сегашната вакцина?
Во текот на пандемијата, Велика Британија го предводеше патот во проучување на фармацевтските интервенции можеби и побрзо од ЕУ, со добро подготвени контролирани студии по принципот на случајност, со што се направија огромни подобрувања во негата на пациентите на светско ниво. Не постои изговор што ќе биде доволно издржан за да се напушти ваквиот пристап базиран на докази. Ако Велика Британија не ја одложи одлуката за спроведување на новиот распоред за дозирање на вакцините, тогаш барем треба да спроведе ригорозни истражувања за да ги испита ризиците. Во државата веќе е регистрирана мутација на коронавирусот што е многу позаразна од претходната. Затоа не треба да ја става на исто рамниште заканата по јавното здравје со можните смртоносни грешки во политиката, на кои треба да внимаваат сите земји во ова време на пандемија.
Авторот Кришна е професор по молекуларна паразитологија и медицина во Центарот за заразни болести на универзитетот „Сент Џорџ“ во Лондон.
Августин е докторка од универзитетот „Сент Џорџ“ во Лондон.