На 5 мај, германскиот Федерален уставен суд пресуди дека Владата и парламентот на земјата го прекршиле Уставот со тоа што не успеале соодветно да ја следат работата на Европската централна банка ЕЦБ, поточно Програмата за купување државни обврзници (ПСПП). Пресудата беше исто толку мачна како што звучи.
Со лут самоуверен тон, судот тврди дека не е обврзан со пресудата од декември 2018 година на Европскиот суд на правдата (ЕСП) да постапува исто, бидејќи тој суд грубо ги нарушил методите на правното толкување затоа што не го применувал принципот на пропорционалност на ЕУ.
Како резултат на тоа, германскиот суд утврди дека пресудата на ЕСП излегува надвор од нејзините надлежности и таа не е обврзувачка. Со други зборови, независен суд ја нападна законитоста на пресудата на друг независен суд (во однос на правото на ЕУ, повисок суд), за наводниот неуспех на независна централна банка. Вековно прашање кој владее со владетелите, никогаш не било порелевантно од сега.
Во рамките на спогодбата за ЕУ, ЕСП има ексклузивна надлежност да ги толкува законите од спогодбите на ЕУ (според членот 267 од Договорот за функционирање на Европската Унија) и да пресудува по прашања што се однесуваат на ЕЦБ (според членот 35 од протоколот 4 на Договорот за функционирање на Европската Унија, ДФЕУ). Откако ја отфрлија пресудата на ЕСП, германските судии почнаа со своја анализа за програмите на ЕЦБ за квантитативно олеснување.
Економистите брзо ја истакнаа невозможноста за јасно разграничување на монетарната политика од економските политики и пресудата на германскиот суд ја нарекоа „економски наивна“. Но постои подлабок проблем – поделбата на власта.
Надгледувањето на овие граници секогаш е тешко, но особено е проблематично во рамките на необичниот режим на повеќеслојното владеење на ЕУ. ЕУ не е федерална држава и се потпира на овластувањата што ѝ ги делегираат земјите-членки, во некои домени повеќе отколку во други. Гледано од најповолна перспектива, германскиот суд тврди дека неуспехот на Европскиот суд на правдата (ЕСП) да ја следи ЕЦБ го оставил без друг избор освен да ги игнорира ексклузивните овластувања на ЕСП за толкување на законите од договорите на ЕУ и, наместо тоа, да обезбеди свое толкување.
Не е невозможно да се замисли јасен случај на незаконитост што би го оправдал ставот на германскиот суд, но неуспехот да се примени тестот за пропорционалност не е тоа. Иако принципот е вграден во законите од договорите на ЕУ за договори, тестот за пропорционалност не е правило, туку повеќе водич за утврдување на тоа како може да се користат надлежностите на ЕУ за урамнотежено размислување.
Од правен аспект, тестот за пропорционалност е објаснет во три дела:
ефективност, неопходност и процена на најмалку рестриктивни средства. Европскиот суд на правдата (ЕСП) не го игнорираше тестот, тој не успеа целосно да го примени третиот дел. Според германскиот суд, целата вежба всушност тоа ја направи „безначајна“. Но не можеме а да се не се запрашаме дали германските судии размислиле и за пропорционалноста во нивното дејствување.
Додека германскиот суд го обвинува ЕСП за незаконско однесување, тој сам ги наметна границите, создавајќи слободна патека за тужителите да ги иницираат овие правни постапки на прво место.
Но, сепак, германскиот суд ја расчисти патеката за ваквите случаи со комбинирање на индивидуалното право на глас на демократските избори со принципот на демократија утврден во основниот закон на земјата. Врз основа на тоа, тој тврди дека какво било пренесување на правата во ЕУ што не е експлицитно одобрено од германското законодавство или кое може да влијае на нејзината фискална сувереност, претставува повреда на индивидуалното право на глас.
Како и да е, со својата одлука на 5 мај, Федералниот уставен суд целосно се потврди себеси како арбитер на политиките на ЕЦБ. Засега, ЕЦБ може да го намали влијанието на оваа одлука со додавање подетална анализа на пропорционалност во своите политики во најава.
Но проблемот е уште подлабок. Федералниот уставен суд ќе ги надгледува односите на Германија со ЕУ, ќе ги следи тековните и идните политики на ЕЦБ и, најверојатно, ќе го блокира секој обид за воведување еврообврзници, без оглед колку е моќна политиката за нивна примена. Но и поради основниот закон, донесен како одговор на ужасите на нацистичкиот режим, го штити принципот на демократија со „гаранција за вечноста“, каде што ниту уставна измена не може да го надмине овој ќор-сокак.
Сега, тој Федерален уставен суд на Германија, без оглед на политичките последици за Европа и за Германија, донесе пресуда со која се ризикува стабилноста на еврото, а можеби дури и Европската Унија. Институцијата со која, според основниот закон на Германија, никој не може да владее, сега е надвор од контрола.
Авторката е професорка по компаративно право на Правната школа на Колумбија