Кевин Воткинс
Најпознатиот блуз-гитарист Б.Б. Кинг еднаш славно кажа дека најдоброто нешто од образованието е што никој не може да го одземе. Роден и израснат во сиромаштија, Кинг вредноста на образованието ја гледаше како сила за промени. Политичките лидери што се справуваа со пандемијата на ковид-19 ќе беше добро ако барем малку го делеа неговиот став.
Ковид-19 сега прерасна во итен проблем во светското образование. Милиони деца, особено најсиромашните и младите девојки, ќе ги загубат образовните можности што може да ги променат нивните животи. Бидејќи образованието е тесно поврзано со идниот просперитет, создавањето работни места и подобрувањето на здравјето, неуспех од вакви размери би го поткопал напредокот на земјите и би ги нагласил веќе екстремните нееднаквости. Во карантините, над една милијарда деца не одеа на училиште, а се проценува дека 500 милиони нема да добијат никакво образование.
Дури пред пандемијата, 258 милиони деца не одеа на училиште, а напредокот кон универзално образование беше во застој. Сега, само зголемената детска сиромаштија може да резултира со десет милиони деца да не се вратат на училиште. Многу од овие деца ризикуваат да бидат присилени на детски труд или ран брак. Во меѓувреме ќе се влоши и онака ослабеното образование пред пандемијата, период во кој половина од сите деца во земјите во развој со тешкотии читаа едноставна реченица до завршувањето на четврто одделение.
Образованието ги охрабрува луѓето, ја намалува сиромаштијата и го подобрува здравјето, а човечкиот капитал што го создава ја оформува судбината на земјите. Загубеното образование ќе го уништи тој капитал и ќе се одложат целите за одржлив развој од 2030 година.
Владите треба да инвестираат за да го спречат тој исход. За жал, буџетите за образование се намалуваат со рецесијата и со пренасочуваат со јавната потрошувачка и меѓународна помош кон здравствената заштита и закрепнувањето на економијата. Како резултат, владите во земјите со ниски и средни приходи би можеле да потрошат 77 милијарди долари помалку од планираното за образование во текот на следните 18 месеци.
Како може тогаш да се спречи катастрофа? Во својата нова светска кампања „Да го зачуваме образованието“, организацијата „Спасете ги децата“ утврди план за закрепнување во три фази.
Првата фаза е да продолжиме да учиме за време на карантинот. Владите треба да сторат сѐ што можат за да ги едуцираат децата преку радио и телевизија и да покажат иницијативи за далечинско учење. Земјите како Етиопија, Уганда и Буркина Фасо развија амбициозни национални програми за учење од далечина.
Второ, пандемијата создава можност да се справиме со пошироката криза во учењето. Премногу деца учат од несоодветни наставни програми затоа што не се добро приспособени на возраста. Секое дете што ќе се врати на училиште треба да помине низ образовна процена за да се открие кому му е потребна поддршка.
Трето, зголеменото меѓународно финансирање е од клучно значење. Повеќето од најсиромашните земји во светот забележаа економски пад со ограничен простор за фискален маневар, кој сега дополнително се намалува како што се интензивираат рецесијата и проблемите со исплаќање на јавниот долг.
Владите на богатите земји одговорија на корона-кризата со укинување на правилниците за фискална и монетарна политика и потпишаа амбициозни национални планови за обнова. Тие треба еднакво смело да го поддржат образованието во земјите во развој.
Образовната комисија се залагаше за формирање меѓународен фонд за финансирање на образованието за да се обезбедат гаранции за заем, со што ќе се овозможи Светската банка и другите институции да дадат поволни кредити на меѓународните пазари и на земјите во развој. Овој пристап, кој ќе вклучува строги кредитни процени за земјите што се кредитобаратели, би можел да ги мобилизира ресурсите на еднакво скалило со кризата. Донаторите и Светската банка треба да ја поддржат оваа идеја.
Банката е главен извор на веќе доделени средства од Меѓународната асоцијација за развој (ИДА). Но досега невидената криза сигурно бара поголемо залагање. Банката треба да воспостави дополнителен буџет за ИДА од најмалку 35 милијарди долари и да ја засили својата поддршка за образованието.
Олеснувањето на долговите е уште еден потенцијален извор на финансирање. Иницијатива за суспендирање на долговите на Г20 за членките на ИДА (73 најсиромашни земји во светот) е мал чекор во вистинската насока. За жал, приватните и кинеските доверители, кои сочинуваат над половина од плаќањата за долговите на овие земји (околу 25 милијарди долари годинава) покажаа мал интерес за учество.
Всушност, земјите исполнуваат краткорочни исплати на долг со нарушување на долгорочниот човечки капитал. Со тоа што им се дозволува на приватните доверители да ги лишуваат децата од правото на образование е морално неоправдано и економски погубно. Затоа организацијата предложи механизам преку кој должничките обврски може да се претворат во инвестиции кај децата.
Можеме да процениме како ковид-19 влијае врз здравјето на возрасните со следење на стапките на инфекција и смртни случаи, но и да ги процениме неговите економски ефекти во смисла на изгубен БДП, поголема невработеност и зголемување на јавниот долг. Итните мерки во образованието се помалку видливи за политичарите. Но токму образованието ќе доведе милиони најсиромашни деца во светот до крајот на животот да ги носат лузните од скратените можности. Можеме и мора да ја заштитиме иднината на децата.
Авторот е извршен директор на британската организација „Спасете ги децата“